Пратениците расправаат за пропаѓањето на Еуростандард банка


Дозволата за работа на „Еуростандард банка“ беше одземена заради констатирана несолвентност по исцрпување на сите можности, порача гувернерката Анита Ангелоска Бежоска на надзорната расправа на тема „Утврдување на причините и извршувањето на законите во постапката за доведување до стечај на Еуростандард банка АД Скопје“ што денеска се одржа во Собранието во организација на Комисијата за финансирање и буџет.

Оцени дека одземањето на дозвола за работа на една банка е најтешка одлука за една централна банка.

На надзорната расправа пратениците и поставуваа прашања на гувернерката и на сопственикот на банката Трифун Костовски за одземањето на дозволата за работа на банката, а до нив беше доставен и пишан извештај од поранешниот гувернер Димитар Богов, кој, како што кажа претседателот на Комисијата Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ, бил спречен да присустува на седницата, бидејќи бил во странство и не можел да допатува во земјава.

-Одземањето на дозвола за работа на банка е една од најтешките одлуки за секоја централна банка. Пред да се посегне кон ваква одлука се вложуваат максимални напори за изнаоѓање поповолно решение. Но, од друга страна, централните банки не смеат да дозволат банка да работи спротивно на законските прописи доведувајки ја во прашање стабилноста на финансиски систем, рече Ангелоска Бежоска во своето обраќање пред комисијата.

Таа посочи дека поради преземање на повисоко ниво на ризик во работењето, банката во подолг период беше под засилен супериворски надзор.

-Постојано изрекувавме супервизорски мерки и го засилувавме интензитетот на супервизорскиот режим. За илустрација: во последните 8 години, изрековме околу 70 дополнителни супервизорски мерки, од кои околу 40 само во последниве 2 години. Со дел од мерките баравме уплата на дополнителен капитал, поаѓајќи од правилото дека поголемиот ризик, бара и поголем капитал за покривање на евентуални загуби. Банката и сопствениците покажуваа одредена респонзивност на изречените мерки, но за жал не доволна, рече гувернерката.

Нагласи дека со вонтеренското следење, на почетокот на минатата година, супевизорските тимови утврдија повисок износ на неприкажани резервации, што резултираше банката првпат да се соочи со поткапитализираност, но не ниво на поткапитализираност кое би било основ за одземање на дозволата.

-Изрековме мерка План за подобрување на состојбата со кој Банката и нејзините сопственици се обврзаа на признавање на загуби на товар на капиталот или т.н. „чистење“ на кредитното портфолио и уште побитно паралелна докапитализација заради достигнување и одржување на потребниот капитал. Веднаш направивме и теренска контрола, со која утврдивме потреба од поголеми резервации и капитал. Во ноември минатата година сопствениците уплатија 10 милиони евра со што ги исполнија минималните законски барања. Доколку не се случеше таа уплата на капитал, Народната банка уште тогаш ќе ја одземеше дозволата за работа, посочи гувернерката.

Сопствениците, додаде, се обврзаа дека ќе продолжат со дополнителни уплати на капитал и во 2020 година.

-Активностите за „чистење“ на портфолиото продолжија, но исполнувањето на обврската за уплатата на потребниот капитал за првата половина од оваа година, целосно изостана. Кон средината на јуни, сопствениците, приложувајќи документ, писмено не известија дека имаат потенцијален инвеститор и побараа да му дадеме време за да направи длабинска анализа врз основа на која би ја донел одлуката за инвестирање. По интензивна, документирана комуникација, на почетокот на август, потенцијалниот инвеститор не извести дека не е подготвен да го обезбеди вкупниот потребен капитал во потребната временска рамка. Притоа, тој исто така не ја достави потребната документација за да може да се оцени дали ги исполнува законските барања за акционер. Во вакви околности, Народната банка, немаше друг избор освен да ја одземе дозволата, рече Ангелоска Бежоска.

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ ја праша гувернерката дали била запозната дека 29 струмички фирми кои се блиски до семејството Заеви, меѓу која и фирмата „Сара инженеринг” која е фирма на Вице Заев, „Глобал Медиа Груп”, како и „Тритерол”, бизнис партнери на Зоран Заев како поранешен градоначалник, со месеци наназад не ги плаќале кредитите во Еуростандард банка.

-Овие 29 фирми блиски до Заеви, меѓу кои и фирмите кои се во нивен посед, оствариле добивка од Еуростандард банка 12,8 милиони евра поради неплаќањето на кредитите, на штета на сите други штедачи во Еуростандард банка, рече Милошоски.

Нагласи дека гувернерката требала да ги знае овие информации од сите претходни ревизии, особено од 22 мај, кога е воведен дневен надзор над банката и ја праша зошто дозволила овие 29 фирми да не ги плаќаат кредитите и да остваруваат добивка на штета на сите други штедачи, и дали за овие работи била информирана, а не реагирала.

Димитар Апасиев од Левица, пак, праша дали и кога била информирана тогашната министерка за финансии Нина Ангеловска и зошто кога ги исцпрпеле сите мерки не е почната процедура за администрација на банката и веднаш се отишло на одземање на дозволата, како и дали е вистина дека Советот на Народната банка во 2017 година под влијание на банкарското лоби донел одлука банките да немаат обврска да даваат нето изјави за должници и дали со тоа се прикрива незаконското финансирање на поврзани лица над 25 проценти, како и дали е тоа согласно Базелските стандарди за супервизија.

Елми Азири од Алијанса за Албанците ја праша дали мисли дека одлуката не е направена прерано или предоцна и дали се искористени сите можни инструменти што ги имала централната банка за спасување на бнката, односно дали Народната банка напрвила доволно во врска со внатрешните и надоврешните инвеститори кои биле заинтересирани и колку била активна централната банка во олеснување на можните трансакции од постоечките банки во земјава за купување на Еуростандард банка и зошто не постапила кон одземање на контролата врз банката како што се прави во земјите во ЕУ.

Гувернерката во одговор на прашањата рече дека не е точно тврдењето дека Народната банка не презела дополнителни мерки кон Еуростандард банка. Презентираше материјал со листа на мерки, од кои, како што кажа, од 2013 година натаму, доминантно, околу 70 биле дополнителни мерки, а од нив околу 40 дополнителни мерки само во последните две години. Материјалот со листата на мерки, гувернерката посочи дека може да го даде на собраниската комисија, од каде што може да се увиди колку мерки презела Супервизијата на Народна банка.

Гувернерката кажа дека не се точни и тврдењата дека Народната банка не посветила внимание на потенцијалниот инвеститор.

Таа презентираше обемна документирана комуникација од која, како што истакна, може да се констатира дека централната банка се заложила да се најде решение за Еуростандард банка во комуникација со инвеститорот посочен од сопствениците.

Од втората половина на јуни до почетокот на август, како што рече, се водела интензивна комуникација и трипати имала вебекс-состанок со инвеститорот, наспроти тврдењата дека не го примила.Тимот на Народна банка,пак, имал пет вебекс-состаноци и два физички состаноци со резидентниот претставник на инвеститорот и два состанока со ревизорска куќа. Но, како што посочи, инвеститорот, на почетокот на август известил дека не е подготвен да го вложи потребниот капитал во потребниот период, за банката да продолжи со работа.

-Во такви услови, откако веќе немаше подготвеност од сопствениците да вложат капитал во Еуростандард банка, иако претходно се обврзаа на тоа, Народната банка согласно со Закон, мораше да ја одземе дозволата, потенцира Ангелоска Бежоска.

Сопственикот на Еуростандард банка, Трифун Костовски  во своето обраќање рече дека се работи за организиран криминал кој не е почнат од пред една година, туку со години наназад.

Тој нагласи дека и претходно состојбата на банката била десет пати полоша отколку во моментот кога е донесена одлука за стечај, како и дека одлуката е донесена без функционално Собрание како највисоко тело кое ја контролира работата на Народната банка и без формирана Влада.Посочи дека целата постапка со Еуростандард банка е голем криминал  и додаде дека ќе го докаже тоа.

Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми, потврди дека се расчешлуваат голем број на фирми кои биле предмет на проверки и биле партиципиенти во Еуростандард банка и за истите ќе се води предистражна постапка. За истите се обезбедени материјални докази и понатака ќе се отвори постапка од надлежните институции.

Муареми исто така додаде дека на список има уште фирми кои допрва треба да бидат разгледани и да се види дали и таму е поребна длабинска анализа на работењето, како и покренување на било каква постапка во иднина. Муареми истакна и дека ќе се разгледаат земените кредити од голем број на фирми и ќе се согледаат сите можни сценарија околу можните нерегуларности. Доколку сомнежот се потврди, тогаш за истиот случај ќе биде известен јавен обвинител кој ќе ја води понатака постапката.

По завршувањето на надзорната расправа Комисијата за финасирање и буџет ќе треба да изготви извештај со заклучоци.

Еуростандард банка ја изгуби дозволата за работа во август годинава поради,како што беше посочено тогаш, неконтролираното преземање ризик за кредитирање и големото издвојување на резервации за кредити кои не се враќале на време.

Досега над 70 отсто од клиентите на банката со заштеди до 30.000 евра ги подигнаа средствата кои им беа заробени, додека останатите 780 депоненти кои имаат поголеми износи од 30.000 евра остатокот ќе треба да си го бараат од стечајната маса.

Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка за денеска во 15 часот закажа мирен протест пред Собранието. Од август досега оштетените штедачи одржаа серија портести.