Прашањето за референдумот е да се откажеме од ЕУ, вели Пендаровски
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2022/09/Стево-пендаровски.jpg)
За претседателот на државата, Стево Пендаровски, прашањето за евентуалниот референдум значи дека треба да се откажеме од ЕУ. „На референдумот од опозицијата ќе добиеме прашање со кое во суштина македонските граѓани ќе ги прашуваат дали сакаат да престанеме да одиме кон ЕУ“, рече Пендаровски по седницата на Советот за безбедност.
Имаше новинарско прашање дали поддршката за референдумот на ВМРО-ДПМНЕ да биде компензација за уставните измени на кое Пендаровски одговори дека „освен што такво нешто е крајно неморално и никој нормален не размислува да го направи тоа, едното го исклучува другото“.
Претседателот нагласи: „Ако вие дадете поддршка на таков референдум – класичен антиевропски со прашањето, нема потреба понатаму да го менувате Уставот. Едното го исклучува другото. Накратко, она што го очекувавме тоа и го добивме. Добивме прашање со кое во суштина македонските граѓани ги прашуваат или ќе ги прашаат – дали сакате да престанеме да одиме кон ЕУ“.
За Пендаровски е чудно зошто во референдумското прашање не се спомнува и Преспанскиот договор, бидејќи во европската преговарачка рамка со која почнавме преговори во истата реченица стои и Преспа и Договорот со Бугарија.
Христијан Мицкоски синоќа, објаснувајќи зошто партијата се одлучила на ваков потег, рече дека експерти по право и меѓународни односи го увериле дека при евентуален успешен референдум ќе отпадне само челнот 5, алинеја 4, каде се спомнува Договорот со Бугарија, но Преговарачката рамка, која беше успогласена и прифатена од сите земји членки ја ЕУ, ќе може и натаму да се применува.