Познат е и денот кога ќе влеземе во ЕУ


ЕРОЛ РИЗАОВ

Од Берлин стаса многу лоша вест само за нашите тазе прешалтувани балкански (евро)скептици во големи поборници и лобисти за влез во Европа. Не може со стопроцентна сигурност да се одреди дали оваа среда или идниот петок ќе почнат преговорите со ЕУ. Многу вознемирувачки. Тоа за нив воопшто не е и никогаш не било суштинско прашање. Тие имаат поголемо гајле од членството во НАТО и почетокот на задоцнетите, цела една деценија, главно, по нивна заслуга, преговори со Брисел. Сега, кој ќе чека дури до декември, треба да се најдат други горливи теми. Нивниот главен ангажман за иднината на државата е како да ја сменат власта која го направи ова големо предавство на националните и државни интереси и само за две години го поправи тоа што тие го расипуваа, разградуваа и ограбуваа немилосрдно цели 11 години.

Северна Македонија годинава ги почнува преговорите со ЕУ, а истовремено ќе стане и редовна членка на НАТО. Се остваруваат две најзначајни стратегиски цели за иднината на државата и нејзините граѓани. Аирлија и нека е со среќа. Нè чека голема и тешка работа. Тој историски успех некои сè уште го сметаат за неопростлив грев. Од денеска почнуваат канонадите – а кога ќе станеме редовна членка на ЕУ. Убаво е ако биде така. Тоа би бил најдобриот и најтешкиот натпревар што може да ни се случи. Кој побрзо ќе ја внесе Македонија во редовно членство на Европската Унија. За тоа ќе треба да изедеме девет фурни леб. Има работа за сите бидејќи добро е познат и точниот датум кога ќе станеме редовна членка на Европската Унија. Тоа е денот кога на граѓаните на Македонија ќе им биде сеедно што баш тој ден сме се зачлениле во европското семејство. Овој датум го знам речиси 30 години и сум го соопштил повеќе пати. Не сум се обложил со никој од проста причина што не знам дали ќе бидам тука да го наплатам добиениот облог. Не верувате, помислувате дека стариот весникарски циник пак иронизира, си пишува црн хумор на своја сметка. Не сте во право. Еве ги моите „несоборливи“ докази, па вие проценете сами.

На денот „Д“ ќе им биде ептен сеедно на тие што ќе ги преживеат преговорите со ЕУ бидејќи со затворањето на 35. бриселски поглавја Северна Македонија ќе биде една убаво стокмена европска држава. Мал број луѓе во земјата знаат што содржат европските „директиви“ за натпревар во премиер лигата и фактот дека за нас ќе нема протекција за влез на мала врата, како што тоа им успеа на некои наши комшии, па сега ни држат лекции. Тоа и ние можевме да им го правиме нив, да беа нашите политички водачи и интелектуални елити помудри и похрабри. Успешното спроведување во живот во над 500 области колку што зафаќаат обврските за исполнување на бриселските домашни задачи значи дека ќе мора да станеме вистински демократска парламентарна држава каде сите сме рамноправни граѓани и еднакви пред законот. Држава во која патриотизмот нема да биде повеќе скривалиште на криминалците, држава каде што владее правото и каде што се почитуваат законите, држава која освојува повисоки европски стандарди во сите области, која знае да ја сочува својата посебност и различност, својата култура и историја. Ќе мора да научиме подобро што е одговорност, толеранција и компромис, почнувајќи од тоа да го фрламе ѓубрето во точно одредено време во контејнерите, да ја заштитиме човековата околина, да изградиме добра инфраструктура, да си го разубавиме ова парче земја големо колку што обработуваат двајца американски фармери, да ги смениме ‘рѓосаните чипови од минатиот век во главите и уште милион работи што се прецизно наброени во секое поглавје.

Будните очи на Брисел и особено на нашите соседи ќе го следат секој наш чекор и на секоја грешка ќе алармираат до небо. Тоа ќе мора да се издржи и да се одработи беспрекорно. Друго чаре нема. Кога ќе завршат успешно сите тие работи – за шест, осум, десет или 15 години – најмногу зависи од нас самите, ете тој ден на граѓаните на Северна Македонија нема да им биде емотивна и тензична полна со лутина реакцијата како за почетокот на преговорите, туку ќе им биде прилично сеедно, та влегнале та не влегнале во ЕУ, бидејќи веќе ќе имаат пристојна држава за живеење како што одамна бараше знамениот професор Ѓорги Марјановиќ.

И обратно, ако главната тема на судири биде и натаму „Чиј е Гоце, чии се Јане и Даме…“ чии се ВМРО и Илинденското востание, кој го ликвидира Ченто, кој го отепа Рацин, кој ги продаде името и знамето на државата, кој ни го смени идентитетот, како станавме северџани, кој ни го скрнави јазикот, кој ни го продаде славното античко минато, до кога ќе ги трпиме клетите шиптари, османлии и разни други немакедонци, кој има и кој нема резервна татковина, кој е странски, а кој домашен платеник, кои се предавници и непријатели, а кои патриоти и јунаци, кои се новите првоборци и народни херои, тогаш, преговорите со ЕУ ќе траат онолку долго колку што ќе траат преговорите со самите себе. Затоа добрата вест е што досега не се распаднала ниту една држава членка на НАТО и на ЕУ. Лошата вест е што работата сè уште не е завршена. А, кога нешто не е готово, колку и да е изгледно, може да се расипе. Тоа досега сме го виделе многу пати.

Затоа јавноста во Македонија, особено институциите на системот, парламентот, владата опозицијата, јавните личности и медиумите добиваат исклучително значајна улога да вршат силен и постојан притисок да се остварат што побрзо преговорите со ЕУ. Отворањето и затворањето на бриселските поглавја ги зафаќа сите неопходни реформи за просперитетна европска држава. Ако околу ова прашање има цврст општонароден консензус, Северна Македонија ќе биде членка на ЕУ пред 2030 година. Тоа е помалку од ерата на груевизмот. Ако го издржавме тоа, можеме и ова. Тоа навистина е многу време во еден човечки живот, но само еден миг во историјата. Нема повредна работа за идните поколенија отколку да ја реализираме оваа шанса, да им надоместиме барем нешто од она што им го украдовме.