Лувр повторно ја отвора галеријата од која беше украден накит од 88 милиони евра: Украдените дијаманти сè уште не се пронајдени


Париз – Галеријата „Аполон“ во парискиот музеј Лувр, од каде што беше украден накит вреден 88 милиони евра, од утре повторно ќе биде отворена за посетители.

„Галеријата ќе биде отворена во среда“, изјавил добро информиран извор, потврдувајќи ги информациите објавени во весникот „Ле Паризиен“, додавајќи дека на отворањето ќе присуствува министерката за култура, Катрин Пегар.

Директорот на Музејот, Кристоф Лерибо, во интервју за „Ле Паризиен“ изјавил дека колекциите и вредните предмети што претходно биле изложени во галеријата се отстранети.

Во октомври минатата година крадци преправени во градежни работници влегоа во галеријата користејќи кран поставен на камион. Тие притоа украле осум предмети од францускиот крунски накит, предмети што и понатаму се водат како исчезнати.

Лерибо уште истакна дека скапоценостите што не беа украдени во грабежот ќе бидат поставени во посебно обезбедена просторија – трезор без прозорци.

На 19 октомври 2025 година, крадци преправени како градежни работници влегле во оваа галерија користејќи камион со кран и украле осум француски крунски скапоцености сред бел ден, кои сè уште се водат како исчезнати. Вредноста на украдените скапоцености се проценува на 88 милиони евра.

Грабежот на Лувр предизвика шок низ целиот свет и откри значителни безбедносни пропусти во најпосетуваниот музеј во светот, кој секоја година прима околу девет милиони посетители. Оваа кражба предизвика и криза во Лувр, што доведе до отстранување на претседателот на музејот, Лоренс де Карс, и Кристоф Лерибо да го заземе нејзиното место.

Безбедносните проблеми во Лувр се „сведени во втор план“ во последните години, осуди парламентарната комисија за безбедност на музеите во Франција кон средината на мај.