Повторно „раѓање“ на еврејскиот музеј во Албанија


Берат – Единствениот музеј на еврејската историја во Албанија повторно беше отворен во Берат, благодарение на бизнисменот кој го спаси од затворање.

Малиот „Соломонски музеј“, кој ја раскажува приказната како муслиманските и христијанските Албанци засолниле стотици Евреи за време на холокаустот, беше страстен проект на локалниот професор Симон Врушо.

Врушо го отвори музејот во 2018 година и го финансираше со мали донации оставени во кутија покрај вратата – и својата пензија.

Кога 75-годишникот почина во февруари оваа година, иднината на изложбата беше ставена во неизвесност.

Откако го прочита извештајот на АФП за неговата неизвесна судбина, француско-албанскиот бизнисмен Газменд Тоска реши да го финансира музејот и да го премести во поголема локација во градот, каде што голем број луѓе се собраа за неговото отворање.

Амбасадорката на Франција во Албанија, Кристина Васак, ја пофали „убавата приказна за повторното раѓање“ на музејот, што е награда за посветеноста на Врушо.

Врушо, православен христијанин, со години собирал документи, фотографии и сеќавања за еврејската заедница која првпат пристигнала во Берат во 16 век од Шпанија.

Во срцето на изложбата се приказни за Албанци муслимани и христијани кои ги криеле Евреите во своите домови за време на холокаустот – поглавје од историјата што само неодамна стана пошироко познато.

Благодарение на нивните тивки акти на храброст, балканската држава е единствената територија окупирана од нацисти, чие еврејско население се зголеми за време на Втората светска војна, од неколку стотици пред конфликтот на повеќе од 2.000 лица после тоа.

Историјата е извор на гордост во Албанија, каде што владата одржува годишни настани на денот на сеќавање на холокаустот и му посветува изложба во националниот музеј во Тирана.

Но музејот на Врушо беше единствениот самостоен центар посветен на еврејската историја во тој агол на Југоисточна Европа.

Овој музеј е „дрво на сеќавање напоено со љубовта на сите оние кои придонеле за неговото опстанување“, рече вдовицата на Врушо, Анѓелина (65), која ќе биде директор на музејот.

Историчарот Езедим Хима На церемонијата рече дека скромниот музеј има посебна порака за да пренесе: „не за ѕверствата на војната, туку љубовта на луѓето кон другите луѓе“. (АФП)