Повторно ќе се обучуваат попишувачи, добредојдени се веќе обучените


Интензивно продолжуваат подготовките за теренскиот попис, што ќе се спроведе во септември оваа година, информира портпаролот на Владата, Душко Арсовски на денешната прес-конференција.

– Пописот во септември ќе се спроведе според највисоките статистички стандарди, нагласи Арсовски.

Тој додаде дека Владата е убедена оти сите чинители и граѓаните ја сфаќаат важноста од оваа операција, особено што државата има модерен закон и методологија што гарантираат дека пребројувањето на населението ќе биде според сите највисоки стандарди.

Пописот почна на 1 април годинава, но по договорот меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, поради пандемијата, тој со Закон беше одложен за септември.

Со новиот Закон, спроведувањето на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година, наместо во периодот од 1 април до 21 април 2021 година, се одложува за периодот од 5 септември до 30 септември 2021 година. 

Во тие неколку дена откако почна пописот беа попишани припадниците на Армијата, како и затворениците, а почна и електронското попишување на луѓето од дијаспората.

Арсовски соопшти дека конкурсот на попишувачи и инструктори ќе биде објавен на 20 јули, а ќе трае до 5 август. Аплицирањето ќе се одвива онлајн на веб страната за попис. Процесот на тестирање и избор и објавувањето на конечните листи на избрани кандидати се очекува да заврши до 15 август.

За потребите на пописот при првиот термин, веќе беше спроведен ваков конкурс, беа обучени инструктори и попишувачи, но сега ДЗС повторно повикува луѓето да се пријават на конкурс со кој ќе се бараат 5.055 реонски попишувачи и 508 реонски инструктори за 50-те пописни реони.

„Независен весник“ праша зошто мора повторно да има конкурс и дали досега обучените не можат да го спроведат теренското попишување.

– Од изборот на попишувачите и инструкторите во март до овој избор кој ќе се случи на почетокот на август постои временска дистанца од речиси пет месеци. Бидејќи не можеме да знаеме кој од попишувачите и инструкорите од претходниот избор би прифатиле повторно да учествуваат во пописните активности, сметаме дека објавувањето на нов конкурс би бил најоптималниот начин за ангажирање на лица во пописните активности. Секако, најдобредојдени ќе бидат оние кои еднаш веќе биле на тестирање и поминале обука – одговорија од Државниот завод за статистика за „Независен весник.

На прашањето дали тоа значи дополнителни трошоци за обука, од ДЗС велат дека тестирањето на кандидатите е една од најмалите ставки во буџетот бидејќи комисиите на пописните реони ги обезбедуваат просториите бесплатно, Заводот ги подготвува тестовите и државните инструктори заедно со членовите на комисиите го спроведуваат тестирањето.

– Иста е ситуацијата и со обуките со тоа што и да ги ангажираме претходно избраните кандидати, обуката мора да се повтори заради повторување на наученото од претходната обука. Сепак, до почетокот на Пописот на 5 септември ќе бидат поминати пет месеци – додаваат од ДЗС.

Во Македонија последен пат се одржа попис во 2002, обидот за попис во 2011 беше неуспешен. (Б.Б.)