Повторно изборен трилер во Молдавија: Маја Санду во финишот ќе ги добие изборите за претседател

Прозападната претседателка победува во вториот круг на изборите главно со поддршката на Молдавците кои живеат во странство


Претседателката Маја Санду на избирачкото место (Фото: Анадолија)

 

Актуелната силно проевропски ориентирана претседателка на Молдавија, Mаја Санду, е на пат да го добие вториот круг од претседателските избори против наклонетиот кон Москва Александар Стојаногло, поранешен јавен обвинител. Тоа ќе биде силен одговор кон Русија, која направи сѐ Молдавија да не добие проевропски претседател.

Според 94,59 отсто од избројаните гласови Санду е во предност од 51,52 наспроти 48,48 проценти за Стојаногло. Во гласови разликата е околу 45 илјади. По 85 отсто од пребројаните гласови, Стојаногло имаше убедлива предност од 51,3 наспроти 48,6. Дотогаш беа избројани најголемиот дел од гласовите во самата Молодавија, а допрва требаше да се бројат гласовите на оние граѓани што гласле во странство (околу 300 илјади), а тие во огромно мнозинство ја поддржуваат Санду. Сtојаноглo е кандидат на проруската Партија на социјалистите.

Понатамошното броење го потврдуваат „лесниот оптимизам“ на штабот на Санду, затоа што актуелната претседателка почна брзо да ја надокнадува разликата за најпосле да премие во водство. Така и беше пред две недели кога со гласовите од странство Санду го доби првиот круг, а со многу тесно мнозинство граѓаните одлучија да се промени уставот и во него да се вметне одредницата за членство во ЕУ.

ЕУ вети повеќегодишен пакет од 1,8 милијарди евра за Молдавија за да и помогне на пристапниот пат што земјата официјално го започна во јуни. Санду вети дека ќе „работи ноќ и ден“ за Молдавија да влезе во ЕУ до 2030 година.

Во меѓувреме, советник на молдавската претседателка изјави дека имало „огромно“ руско мешање во денешниот втор круг, пренесе Ројтерс.

„Сведоци сме на масовно руско мешање во нашиот изборен процес додека Молдавците денеска гласаат во вториот круг од претседателските избори – напор со висок потенцијал да се нарушат резултатите“, напиша во својот пост на Икс претседателскиот советник за национална безбедност Станислав Шекриеру.

И за гласањето пред две недели се тврдеше дека Русија преку свои инсталации и преку голема сума пари (наводно 150 милиони евра) се обидела да го поткопа изборниот процес и аспирациите кон ЕУ. Москва ги отфрли тие обвинувања, како и главниот „осомничен“ за оваа операција, молдавскиот олигарх Илан Шор, кој живее во Русија.