Повлечени имињата на 17 пратеници од иницијативата за недоверба на владата


До архивата на Собранието доставено е барањето за повлекување на 17 пратеници од иницијативата за гласање недоверба на владата и меѓу нив и пратениците од Левица. Практично, доставен е нов ревидиран список со барање за изгласување недоверба на Владата.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека новиот список е доставен до собраниската архива и на него, како што наведуваат, од тактички причини ги нема потписите на неколкумина пратеници кои биле на претходната листа. Очекуваат утре да има седница на Собранието и да ѝ биде изгласана недоверба на Владата.

Повлекување на потписите на пратениците од Левица бараше пратеникот на Алтернатива Скендер Реџепи, како услов неговиот потпис да остане на списокот за поднесување иницијатива за гласање недоверба на Владата. Закажана е и прес-конференција во седиштето на Алтернатива во 16 часот.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски потврдува дека се повлечени потписите од одредени пратеници.

„Од тактички причини одредени пратеници ги повлекоа потписите, така што очекуваме утре да се случи седницата и да падне Владата“, изјави Николоски.