Повисоките акцизи за транспортерите се товар, за Буџетот – неопходност


Кризата од корона вирусот во САД резултираше со енормни вишоци сурова нафта на пазарот, кај нас пак, со голема дупка во Буџетот која треба да се пополни

Мирче Јовановски

Дента кога во светот главна вест беа негативните цени на суровата нафта во САД, кај нас таа беше потисната од зголемувањето на акцизите за нафтените деривати за три денари, што по автоматизам ги повлече нагоре и нивните малопродажни цени. Колку и да звучи парадоксално, причината и за двете работи е иста – кризата предизвикана од корона вирусот. Во САД, таа резултираше со енормни вишоци сурова нафта на пазарот, кај нас пак, со голема дупка во Буџетот, која некако треба да се пополни. Дали е избрано најдоброто решение?

„Да се нарече ова антикризна мерка е смешно. Се бориме против криза со зголемување на трошоците“, разочарано вели Билјана Муратовска, генерален секретар на Асоцијацијата на превозници „Макам Транс“, веројатно најдиректно погодената категорија од зголемувањето на акцизите.

„Одлуката била донесена претходно“, вели таа аргументираајќи дека уредбите со кои се регулира повисоката акциза се објавени во два броја на Службен весник (105 и 106) кои излегле пред прес-конференцијата на владиниот портпарол Муамет Хоџа. Во едниот се објавени измените и на Закон за акцизи (Службен весник 105 од 21.04.2020) и Одлуката на регулаторната комисија за цените на горивото (Службен весник 106 од 21.04.2020). „Се било спремно уште пред празниците“, вели таа.

„Да се нарече ова антикризна мерка е смешно. Се бориме против криза со зголемување на трошоците“, разочарано вели Билјана Муратовска, генерален секретар на „Макам Транс“

„Излегува дека превозниците се најголемите хуманитарци кои треба да го спасат државниот буџет“, вели Муратовска, додавајќи дека ова е единствената уредба што ќе трае седум месеци по завршување на вонредната состојба. Другите уредби се до нејзиното завршување.

На превозниците не им е лесно. Како што објаснува Муратовска, обемот на работа е значајно наамален дури и до 70 отсто, што значи дека ако некоја од транспортните фирми располага со 40 камиони лесно е да се пресмета што тоа значи од аспект на трошоците.

Не се знае до кога ќе потрае оваа состојба што ги става во многу тешка состојба превозниците кои заедно со своите семејства опфаќаат над 50.000 лица од државата. Најголем број од членките на „Макам Транс“ се микро и мали претријатија до десет вработени, а само две се средни до 250 вработени.

„И она малку што го имавме како погодност со ниската цена на дериватите, сега се губи“, вели таа, не криејќи дека е разочарана и од Стопанската комора на Македонија која ја иницирала мерката, а против која се изјаснија другите асоцијации на стопанствениците – „Макам Транс“, Сојузот на стопански комори, Стопанската комора на северозападна Македонија, синдикатите…

„Затечена сум, сепак мислев дека ќе победи разумот. Излегува дека им е важно само да го наполнат Буџетот“, вели Муратовска и додава дека е точно дека акцизите кај нас се меѓу најниските, но во некои соседни земји на транспортерите, покрај ДДВ, им се враќа и дел од наплатената акциза.

Ова е едната страна на проблемот. Другата е состојбата во Буџетот. Според владиниот портпарол Хоџа, падот приходот од акциза од нафтени деривати би изнесувал 30 милиони евра во однос на приходите во 2019 година, доколку акцизата останеше непроменета. Со зголемените три денари до декември годинава ќе се добијат 31 милион евра, што е сепак, помалку од планот што првично беше проектиран во Буџетот за оваа година.

Плус, во мерката има и вградено механизам според кој доколку цената на дериватите се зголеми за 10 денари, акцизата ќе се намали за еден денар, а ако зголемувањето достигне 20 денари (практично, на нивото од почетокот на годинава), тогаш целосно ќе се укине дополнителната акциза од три денари.

Даночниот експерт Павле Гацов вели дека оваа мерка на некој начин е „изнудена“.

„Значи дека благодетите на намалувањето на цените на нафтата во случајов се користат умно за да се обезбедат фискалните потреби на државата“, вели Гацов. „Се разбира, оние што трошат нафта ќе негодуваат, но сепак да не заборавиме дека имаше сериозен пад на цената на нафтата. Овој енергенс е берзански производ и цената се менува врз основа на промените на берзата, па достигнувала 70 долари за барел“, вели тој и додава дека мерката ќе помогне во Буџетот да се обезбедат приходи кои што ќе се искористат за санирање на последиците од ситуацијата предзвикана од корона вирусот.

„Благодетите на намалувањето на цените на нафтата во случајов се користат умно за да се обезбедат фискалните потреби на државата“: Павле Гацов.

„Така што, на мерката гледам како на умен потег“, вели тој. На праашњето дали средствата собрани по оваа основа „ќе завршат работа“, Гацов вели дека прво, заради падот на продажбата на нафтените деривати, ефектот од зголемената акциза на некој начин ќе биде анулиран, односно помал.

„Од друга страна, треба да имаме на ум дека намалената цена значи и помали приходи по основ на ДДВ. Пониска цена – помали приходи. Ваквата состојба со ниска цена на нафтените деривати е присутна веќе месец и пол – два“, вели Гацов. А, ваквиот тренд се очекува и натаму да продолжи, бидејќи сите прогнози велат дека цените на дериватите барем уште извесно време ќе бидат прилично ниски.

На прашањето кои се олигарсите кои ќе остварат високи профити од вакавата мерка, што го тврди опозицијата, Гацов вели дека и нему не му е јасно за кого станува збор.

„Ова е директна државна давачка, така што ако државата е олигарх, тогаш има логика…“, вели во шега даночниот експерт. Тој додава дека мерката нема компаниски бенефит, односно компаниите кои продаваат деривати нема да се офајдат, бидејќи давачката е строго наменска. „Дури за некои може да има и негативен ефект, доколку поради повисоките цени реализираат помал промет, односно приход“, вели Гацов.

Универзитетскиот професор Ванчо Узунов вели дека во време на криза очите на сите се свртени кон Буџетот, од каде што бараат поддршка, но тој мора да се наполни за да се може да се вклучи.

„Меѓу сите извори на полнење на Буџетот, кога не работи економијата, воведената акциза е веројатно меѓу најевтините извори на приходи. Затоа што е поевтина отколку да се земе кредит од странство, кој ќе треба да се враќа сосе камата. И да е иста сума од 30 милиони евра до крајот на годинава, да видиме колку ќе се плати со камата“, вели Узунов.

„Меѓу сите извори на полнење на Буџетот, кога не работи економијата, воведената акциза е веројатно меѓу најевтините извори на приходи“: Ванчо Узунов

Акцизата е ништо друго, туку инструмент за полнење на Буџетот. Во сегашаната ситуација кога цената на нафтата на светските пазари е падната, остава простор еден дел од приходите во Буџетот да се обезбедат со дополнителна акциза.

„Мерката е добро смислена, затоа што ако се зголемува цената на нафтата, акцизата се намалува, а ако се врати на ниво пред кризата, дополнителната акциза ќе се укине. Што значи во вакви услови на пазарот на нафта, Владата пронашла простор да собере приходи, затоа што сега очигледно ќе требаат пари во Буџетот“, вели Узунов.

На забелешката дека од мерката најмногу ќе бидат погодени транспортерите, Узунов одговара со прашање: „Дали тие ги намалија цените на своите услуги кога паѓаше цената на бензинот, односно дизелот во изминатите месец- два? Затоа што не ги намалија цените тогаш, сега немаат право да се бунат ако малку од таквиот дополнителен приход се земе за јавен интерес“, вели тој.

Од друга страна треба да се има во предвид дека поради ограничувањата, граѓаните сега многу малку ги користат автомобилите, а завршена е и грејната сезона, па нема трошоци ниту за греење.

Во однос на примената до крајот на годинава, професорот Узунов вели дека ваквите мерки не може да се вградат без временски да се определат, како и дека практично и политички е потешко одлуката да се менува често. Ако се врати цената на нафтата на нивото пред кризата, пак, оваа акциза нема да се наплаќа.