Повисоки плати – џокерот на власта пред редовни избори


Владејачката коалиција не ја прифаќа фрлената ракавица на опозицијата за предвремени избори. Високи извори од СДСМ велат дека мандатот треба да се истера до крај со цел во последната негова четвртина на површина да излезат позитивните ефекти од владините економски политики, кои, како што велат, веќе даваат резултати.

Власта која е под жесток притисок поради коруптивните афери, а кислородот пред сѐ ѝ го одзема скандалот „Рекет“, очигледно ќе мора сѐ да фрли на една карта и да се обиде во периодот до формирањето на преодната влада на 100 дена пред изборите (најверојатно ќе се одржат во октомври 2020 година) да направи повидливи резултати на економски план, без притоа да потфрли во имплементацијата на законите и борбата против корупцијата.

Следната недела се очекува на владина седница да помине ребалансот на Буџетот, во кој ќе бидат вградени мерки што треба донесат бенефит и на пазарот на трудот. Една од мерките што треба да почне да се применува веќе од октомври годинава, е државата да ги покрива придонесите за здравствено и пензиско осигурување ако работодавачот ја зголеми платата на работниците во нето износ од 25 отсто од просечната плата. На пример, ако работник зема плата во нето износ од 20.000 денари и работодавецот му ја зголеми за 5.000 денари нето, придонесите за пензиско и здравствено осигурување за зголемувањето од 5.000 денари ќе ги плати државата. Работодавецот ќе плати само персонален данок на зголемувањето од 5.000 денари. Оваа мерка е насочена кон заложбите на Владата минималната плата во државата да биде 16.000 денари, а просечната 30.000 денари.

Дел од економските експерти со кои разговаравме велат дека мерката дефинитивно претставува охрабрување за работадавачите да ги зголемат платите на своите работници, со што би се зголемила нивната мотивација и продуктивност. Со мерката, велат тие, практично, се намалува товарот за речиси 30 отсто од бруто платата.

„Како статистички параметар на масата бруто плата тоа е значителна стапка. Засега не ги знаеме деталите од мерката за која се информиравме од медиумите и затоа рано е да се истрчуваме со анализи околу ефектите. Досега многу работодавачи кога се говорело на темата зголемување плати како аргумент против ги користеле токму придонесите. Останува да се види како тие сега ќе реагираат на имплементирањето на мерката“, велат нашите соговорници.

Премиерот Заев на собраниската седница, на која го образложи предлогот за избор на двајца нови министри за финансии и за министер задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, во реплика на пратениците од опозициската партија истакна дека предлогот е во согласност со континуитетот на економските успеси.

„Приходот од персонален данок е повисок за 15,6 проценти. Повисок е порастот на придонесите во државата. Комплетно растат сите параметри. Доаѓаме со ребаланс на буџетот веќе од следната недела, каде што ќе имаме максимална реализација на буџетот речиси во сите аспекти. Дефинитивно сите економски политики потврдуваат намалување на невработеноста и тоа во огромен процент, раст на бруто домашниот производ (БДП), историски раст на инвестиции…“, рече Заев од говорницата, додавајќи дека конечно сите економски параметри покажуваат дека опозицијата се плаши од економските резултати.

Според него, сите ефективни мерки се на очиглед на јавноста и повтори дека 4,1 отсто е растот на БДП, пет проценти е намалена невработеноста и изнесува 17,8 проценти.

„Индустријата расте над осум отсто, приходите во Буџетот се зголемени за повеќе од 10 проценти од лани и сето ова е доказ дека економијата живее. Странските инвестиции се највисоки од кога било, од осамостојувањето на нашата држава, 625 милиони евра странски инвестиции имавме лани и годинава продолжува трендот“, истакна премиерот Заев пред пратениците.

Тој повтори дека овој тренд на зголемување на инвестициите ќе продолжи, бидејќи, како што рече, економијата секогаш расте кога земјите се интегрирале во НАТО и во ЕУ. „Мој ДДВ минатиот месец донесе 15 милиони евра и овој месец носи нови 15 милиони евра, економските мерки даваат резултати затоа што се суштински“, рече премиерот Заев, додавајќи дека тие пари ќе се вратат кај граѓаните и ќе делуваат на нивниот повисок стандард.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, сметаат дека од една од најуспешните и најпросперитетните економии во опкружувањето, станавме најлоша економија.

„Сите економски параметри се катастрофални. Имаме кастрофално ниво на реализација на капитални инвестиции. Заклучно со јули 2019 година реализацијата на капиталните расходи е 24,5 отсто од планираните, односно околу 100 милион евра од предвидените 422 милиони евра. Ова кажува дека Владата не гради градинки, училишта, болници, игралишта, ниту какви било капитални проетки од корист на граѓаните. Капиталните расходи најдобро покажуваат дека оваа Влада не работи“, вели кординаторот на пратеничката група Никола Мицевски, според кого се бележи и забавен раст на БДП во споредба со земјите од регонот.

„Во периодот 2006 – 2016 македонската економија (со сите негативни влијанија на светската економска криза) растеше со просечна стапка на економски раст од 3,2 отсто, додека просечната стапка на раст 2017-2018 е 1,45 отсто, што е за 2,2 пати побавна динамика. Погрешните даночни политики на СДСМ направија приходите од даноците за првата половина од 2019 да имаат пад од -9,4 отсто во реализација од планираното. Во услови кога сите економии растат и се развиваат македонската економија стагнира, а граѓаните разочарани ја напуштаат државата“, велат од опозицијата, според која мерките на Владата се крајно популистички и претставуваат, како што велат, задоволување на страстите, но на долг рок се на голема штета на граѓаните.

Индустриското производство во јули зголемено за 5,8 проценти

Индустриското производство во јули е зголемено за 5,8 проценти во споредба со истиот месец лани, објави вчера Државниот завод за статистика. Пораст има во секторот Рударство и вадење камен за 15,7 проценти, Снабдување со електрична енергија, гас и пареа и климатизација за 51,8 проценти, а на исто ниво со јули лани е индустриското производство во секторот Преработувачка индустрија.

Индустриското производство е зголемено и во периодот јануари-јули за 4,9 проценти во однос на истиот период лани.

Но во исто време бројот на работниците во индустријата во јули годинава е намален за 2,5 отсто во споредба со истиот месец лани, а во првите седум месеци од годинава е помал за 1,2 отсто во однос на истиот период од минатата година.

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на работниците во секторот Рударство и вадење на камен во јули 2019 година, во однос на јули 2018 година, бележи пад од 2,1 отсто. Според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата бележи пораст кај Капитални производи за 6,3 отсто.

Наум Котевски