Постои ли руската група „Вагнер“ или е мит?


Во статија објавена во списанието „Форин полиси“ се вели дека извештај на експерти на Обединетите нации, објавен кон крајот на јуни, ги обвинува руските воени обучувачи на вооружените сили на Централноафриканската Република за селективни убиства, грабежи и присилни исчезнувања.

Иако извештајот, доставен до Советот за безбедност на ОН, не ги идентификува овие воени инструктори како членови на руската компанија „Вагнер“, извештаите во медиумите и работната група на ОН кои се занимаваат со прашањето на платениците, го наведуваат тоа, се додава во написот на списанието.

Во напсиот се истакнува дека мрежата на оператори на „Вагнер“ се протега од Украина, каде што тие се бореа заедно со руските и сепаратистичките сили, до Мозамбик, каде што се ангажирани за борба против бунтовниците.

Но, групата и пркоси на конвенционалната дефиниција за приватен воен договарач.

Се смета дека групата номинално е приватна, но е тесно поврзана со рускиот безбедносен апарат, иако руската Влада ја негира врската.

Мрежа на компании и платенички групи

Мрачната природа на мрежата претставува огромен предизвик за жртвите, владите и меѓународните институции кои сакаат групата да ја повикаат на одговорност за наводните злосторства.

Во врска со тоа за каква група станува збор, во написот во американското списание се наведува дека првото нешто што треба да се разбере е дека групата „Вагнер“ најверојатно не ни постои.

Според информациите со кои располагаат истражувачите, нема компанија регистрирана под името „Вагнер“.

Место тоа, името ја опишува мрежата на компании и платенички групи што ги поврзува преклопувања на сопственичките и логистичките мрежи.

Субјектите кои ја сочинуваат мрежата се опишани во санкциите на американското Министерство за финансии како ангажирани лица вклучени во широк спектар на активности, вклучително и работа за сузбивање на продемократски протести, ширење дезинформации, извлекување злато и дијаманти и вклучување во паравоени активности.

Според написот, оваа група за првпат се појавила во Украина во 2014 година, каде и помогнала на руската војска да го анектира полуостровот Крим.

Заменски сили на руското Министерство за одбрана

Оттогаш пајаковата мрежа на паравоени формации и компании се прошири во Сирија, каде тие се бореа за поддршка на претседателот Башар ал-Асад, а потоа и во Либија, Судан, Мадагаскар, Мозамбик и Централноафриканската Република.

И додека „Вагнер“ стана корисен акроним за опишување на оваа матна и експанзивна мрежа, експертите предупредуваат дека тоа може да ја наруши можноста да се размислува за тоа како работи.

„Форин полиси“  пишува дека американската Влада ја опишува групата „Вагнер“ како заменска сила на руското Министерство за одбрана, додека нејзините оперативци тренираат во логорот Молкино, на југот на Русија, што го делат со руските специјалци.

Списанието заклучува во својот извештај дека митовите за „Вагнер“ се нешто што го посакува Евгениј Пригогин, личност блиска до рускиот претседател Владимир Путин, за кого се верува дека финансиски ја поддржува групата „Вагнер“. (Foreign policy)