Постоел или не осми патник во автобусот?
Дали мистериозниот патник е извесен Шаип Науф ал Салах, 36-годишен Арап, државјанин на Обединетите Арапски Емирати, бугарската обвинителка Сијка Милева на денешната прес конференција не можеше да одговори. Неговото име го виделе роднините на преживеаните на листа која ја добиле во болницата во Софија. Тоа го тврди и синот на вториот возач на автобусот кој загина во пожарот на возилото. На официјалната листа на преживеани која ја објави македонското МНР стојат имињата на седум лица, и меѓу нив не е арапскиот државјанин.Бугарските истражители дополнително ќе истражат кој е овој човек и каде се наоѓа сега. Дали тој се спасил од запалениот автобус и потоа мистериозно исчезнал во ноќта.
Според бугарското јавно обвинителство, од автобусот се извлечени 44 тела, за кои престои идентификација во наредните денови по што „телата ќе може да се ослободат и испратат во Македонија кај блиските за погреб на достоинствен начин“.
Неколку часови пред несреќата, на граничниот премин Капитан Андреево, од правец на Турција влегол автобусот, сопственост на скопската туристичка агенција „Беса транс“ со 52 патници и тие се евидентирани од бугарската погранична служба.
Ако се собере вкупниот број на жртви – 44 и бројот на преживеани 7, тоа се вкупно 51 лице, за разлика од регистрираните 52 на граничниот премин Капитан Андреево, посочи бугарската обвинителка Сијка Милева. Недостасува еден патник, а тоа се поклопува и со изјавата на еден од преживеаните сведоци, кој тврдел дека 8 лица живи излегле од автобусот.
Милева напоменува дека 20 минути пред кобниот момент, патниците одмарале на бензинска станица и се проверува видео надзорот за да се утврди кој влегол во автобусот, а се проверуваат и документите од граничните пунктови каде е регистриран влезот на сите патници од автобусот кој се запали на автопатот „Струма“.