Постигнат договор да им се дозволи на странците да ја напуштат Газа

Еден македонски брачен пар е заглавен на југот од Газа и чека да излезе на преминот преку Египет


Граничниот премин Рафа меѓу Египет и Газа

 

Египет, Израел и Соединетите држави се согласија да им дозволат на странците кои живеат во Газа да минуваат преку граничниот премин Рафах во Египет, изјави висок египетски функционер.

Официјалниот претставник вели дека Израел се согласил да се воздржи од напади низ областите низ кои би минувале странците на излез од опколената палестинска територија. Тој додава дека Катар бил вклучен во преговорите и учесниците добиле одобрение од палестинските терористички групи, Хамас и Исламски џихад.

Договорот не ги вклучува заложниците кои ги држи Хамас.

Вториот службеник на египетската страна на преминот Рафах вели дека добиле „инструкции“ повторно да го отворат во сабота попладне за странците кои доаѓаат од Газа.

Првиот официјален претставник рече дека сѐ уште се во тек преговори за да се одобри испорака на хуманитарна помош во Газа преку преминот.

Двајцата функционери зборуваа под услов да останат анонимни бидејќи не беа овластени да ги брифираат медиумите.

Според министерот Бујар Османи еден брачен пар од Македонија се наоѓа во загрозените подрачја во Газа и се обидел да излезе низ досега затворениот граничен премин Рафах кон Египет, но не успеал. Можеби со постигнатиот договор ќе успее да ја напушти опколената енклава. Македонската држава контактира со сопружниците преку амбасадата во Каиро.