Пописот се врати на дневен ред: Заев веќе не го чека Мицкоски


Во текот на викендот, закажана е повторно седницата на Комисијата за европски прашања на која треба да се расправа за првата фаза од донесувањето на законот за пописот што ќе се спроведе следната година. Станува збор за уште еден закон што е обележан со европско знаменце, а кој беше на листата на теми за кои премиерот Зоран Заев закажа лидерска средба, па ја откажа откако опозицискиот лидер Христијан Мицкоски најави негово отсуство, соопштувајќи дека единствена тема за која би разговарал со лидерот на СДСМ се предвремени парламентарни избори.
Пред почетокот на викендот во Собранието, во скратена постапка, стигна и новиот предлог-закон на владата за јавното обвинителство, со кој се решава и статусот на СЈО, а кој, исто така, беше една од трите приоритетни теми предвидени за дискусија на лидерската средба која не се одржа. Само неколку часа откако ја откажа средбата, Заев на прес-конференција најави дека за неколку дена ќе биде подготвен законот за јавното обвинителство за кој работни групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ со месеци наназад не успеваа да ги усогласат ставовите. Владиниот предлог-закон за јавно обвинителство, исто така, е доставен во парламентот со европско знаменце, што значи дополнително кратење на постапката за негово усвојување, пред сè, поради ограничувањето на амандманската расправа.
Третото прашање за кое требаше да разговара лидерската четворка е изборната регулатива, вклучително со можната промена на моделот за избор на пратеници, покрај потребата од приспособување на Изборниот законик на препораките на ОБСЕ-ОДИХР од последните изборни циклуси. Сепак, ова прашање моментно не е ургентно, со оглед на тоа што редовни парламентарни избори треба да се одржат во последниот квартал од 2020 година. Од тој аспект, понеодложно моментно е донесување на законот за јавното обвинителство, што се смета за критериум пред одлуката во октомври за почеток на преговорите со ЕУ, како и на законот за пописот кој треба да се спроведе во април в година, а кој е сè уште во прво читање.
Во ВМРО-ДПМНЕ вчера никој не можеше да каже како ќе постапат опозициските пратеници во оваа фаза од донесувањето на регулативата за пописот, со оглед на многуте забелешки на опозицијата во однос на концептот според кој треба да се спроведе претстојната статистичка операција, при што не се исклучува и можноста за бојкот. Опозиционери што ги консултиравме беа затечени од информацијата дека е закажана повторно комисиска седница за пописот и изразија очекување дека и овој пат седницата ќе биде откажана, како што се случи кон средината на јуни.
Претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби, исто така не одговараше на телефонските повици за да каже дали има услови за расправа по законот што го подготви Министерството за правда. Минатиот месец, тој закажа комисиска седница на чиј дневен ред, покрај пописот, беше и последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија. Седницата потоа беше откажана со образложение дека не дошол претставник на Канцеларијата на ЕК во Скопје. Претходно, од ВМРО-ДПМНЕ реагираа и на начинот на кој треба да биде донесен законот за попис. Според опозициската партија, оваа регулатива била подготвена без консултации меѓу партиите. Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека со ставањето на европското знаменце власта се обидува во брза собраниска процедура да протне законски текст без јавна дебата на која ќе бидат пренесени и ставовите на опозицијата и на граѓаните.
Со предлог-законот за попис е предвидено Државниот завод за статистика во април 2020 година да го спроведе деветтиот попис на населението, становите и домаќинствата во земјава. За спроведување на операцијата, која последен пат беше реализирана во 2002 година, а потоа прекината во 2011 година, сега се предвидени 522.751.000 денари од кои 221.315.000 за 2019 и 301.436.000 за 2020 година. Финансиски импликации врз буџетот ќе има и во 2021 година, за прибирање, обработка и печатење на податоците од пописот. (А.М.М.)