Помош за гувернерот

Во екот на големата светска економска криза во 2009 Трајко Славески како министер за финансии укажуваше дека е неопходно драстично кратење на јавните расходи. Мнозинството на Никола Груевски сепак го разреши. Денес, како гувернер, личи дека повторно е оставен сам да се бори со инфлацијата


Постои една општоприфатена теза дека централната банка и гувернерот се оние кои единствено треба да се грижат за стабилноста на цените, односно инфлацијата. Дури и многу економисти само ја цитираат законската одредба која децидно ја пропишува оваа обврска на гувернерот и натаму ја третираат инфлацијата само како грижа на монетарната политика.

Праксата покажува дека тоа е погрешен пристап, а актуелните движења во светот го покажуваат тоа. Најблизок и најсоодветен случај за нас би била Хрватска, каде пред неколку недели извршната власт, односно владата, донесе антифлаторна програма која пред сѐ содржи фискални кочници за инфлацијата.

Пред да ги наведеме тие мерки треба да знаеме дека Хрватска во последните неколку месеци заедно со Бугарија има највисока инфлација во ЕУ. Во мај таа е во Бугарија е 6,3%, во Хрватска 4,9% (кај нас 4,8%), наспроти просекот во еврозоната од 3,2%. Во Хрватска просечната нето плата во март изнесува 1.555 евра, а медијалната 1.317 евра. Во последните 10 години просечната нето плата номинално пораснала за  108 проценти, а реално за 49 отсто.

Последната емисија на трезорски записи издадени од министерството за финансии на Хрватска се со годишен принос од 2,85% (кај нас околу 4%). Хрватска во последниот период бележи стапки на раст на БДП значајно над просечните во ЕУ. На пример во 2025, просекот во еврозоната е 0,9%, а во Хрватска 3,4%. За 2026 се очекува 0,9% со 2,7% респективно.

И тука нивната влада и министерот за финанси заклучуваат дека се работи за тнр. прегреана економија во која агрегатната потрошувачка ќе остане присутна и можеби ќе го билда растот, но со извесна можност за раст на инфлацијата која станува реален проблем. Според владата во Хрватска, каква било акција на монетарната власт нема да биде доволна за контрола на инфлацијата без да се преземат мерки од страна на извршната власт.

Од антифлацискиот пакет на хрватската влада тука би издвоил две најкарактеристични мерки. Првата се однесува на фискалната дисциплина и намалување на буџетските расходи. За оваа година, министерството за финансии предложува намалување на јавните расходи во вредност од 1,1 милијарди евра или 1,2% од БДП. Целта е намалување на агрегатна потрошувачка при што заштедите во никој момент не би ги нарушиле социјалните давања. Втората позначајна мерка е во делот на оданочување на добивката. Владата предлага нов даночен третман на прекумерните профитни маржи на бруто добивката. Тоа значи дека деловниот резултат за бруто добивката во 2026 ќе се спореди со просекот во 2023, 2024 и 2025 година, со дозволено одстапување од 15% кое би се третирало како раст на продуктивноста. Доколку дојде до прекумерна профитна маржа над ова, ќе биде даночена со стапка од 50 проценти. Тоа би се однесувале за сите средни и големи претпријатија во Хрватска.

Ако некој и теоретски и практично детално ги знае разорните последици од висока инфлација, тоа е Трајко Славески како академски професор, министер за финансии и сега гувернер. Во далечните 1990–ти како асистент на Економскиот факултет постојано потенцираше дека многу луѓе во Македонија од периодот на распадот на СФРЈ и првите години на независност, треба да ѝ изградат споменик на инфлацијата. На еден дел од граѓаните таа инфлација им донесе значително зголемување на нивните богатства, а паралелно други ги осиромаши. Единствената заслуга на тие што победуваа беше што се големи нето должници, и инфлацијата во тоа време го јадеше нивниот долг. Таа неправедно ги наградуваше должниците, а ги казнуваше оние кои штедеа.

Секако системот тогаш имаше и други маани, но инфлацијата беше невидливата рака која правеше ваква неправедна распределба. Ако ова го паметиме ние како студенти во тој период, неговиот говор во парламентот во 2009–та, кога се бараше негово разрешување од функцијата министер за финансии, го памети пошироката јавност и пред сѐ економистите. Во екот на големата светска економска криза Славески укажуваше дека е неопходно драстично кратење на јавните расходи. Тогашното мнозинство предводено од Никола Груевски сепак го разреши.

Денес како гувернер, личи дека повторно е оставен сам да се бори со инфлацијата. Неодамнешното зголемување на каматната стапка е очекуван потег, но прашање е каков ќе биде ефектот од тоа. Не е никаква новина дека трансмисијата на мерките на монетарната политика кај нас имаат долг временски гап. Прашање е на време кога ќе се појават редовните критичари и ќе го обвинат дека доцни и дека мерките се несоодветно благи, исто како што ја критикуваа неговата претходничка. Многумина ќе ја бараат вината за инфлацијата само кај монетарната власт.

Реалноста сепак е подруга. НБМ ќе остане немоќна со кои било свои инструменти ако нема подршка од фискалната власт. Она што го презема владата во Хрватска можеби и не е апликативно целосно кај нас, но не е ниту далеку од она што е потребно. За извршната власт стапките од раст над 3 отсто политички звучат добро, но со инфлација која е приближна кај нас и во Хрватска, нивниот министер за финансии констатира дека се работи за т.н прегреана економија.

Овој ребаланс на буџетот е веќе завршена работа и јас не верувам дека тој му се допаѓа на гувернерот од аспект на неговата законска обврска околу општото ниво на цените. Мене нема да ми биде првпат да погрешам во предвидувањата, но мислам дека набрзо ќе биде неопходен нов ребаланс кој ќе предвиди значително кратење на расходната страна. Иако насловот на текстот е дека му треба помош на гувернерот, тоа во суштина е неопходна помош на сите нас како физички и правни лица.  

(Кире Наумов е економист)