Полската влада удри врз телевизија во американска сопственост


Изненадувачкиот закон насочен против ТВН се совпаѓа со враќањето на Доналд Туск во полската политика (Фото: Ројтерс)

Според предлог-законот што е во парламентот треба да се огранички или оневозможи влијанието на ТВН, сопственост на Дискавери, која е често критична спрема владата

 

ВАРШАВА – Националистичката владејачка коалиција во Полска турка нацрт-закон за медиуми низ парламентот, за кој критичарите предупредуваат дека е обид за поништување на лиценцата за емитување на телевизиска станица во сопственост на САД, која често е критична кон владата

Нацрт-законот, долг само четири страници, беше доставен до полскиот парламент доцна во средата од група пратеници од партијата Прави и правда (ПиС). Се предлага доделување лиценци само на компании кои не се во мнозинска сопственост на субјекти надвор од Европската економска област.

Тоа е насочено кон ТВН, сопственост на Дискавери од САД, кој аплицира за обновување на дозволата за емитување што истекува во септември. Каналот е еден од најгледаните во Полска, а исто така поседува влијателен канал за вести ТВН24.

Каналот ја разбеснува владата со редовно известување за скандали со корупција, тензии со ЕУ, негативни реакции на анти-ЛГБТК+ мерките, проблемите со реформите во судскиот систем и други области каде властите претпочитаат да не бидат критикувани.

Владата инсистира на тоа дека ова е едноставно обид да се усогласат правилата за сопственост со слични закони во другите земји на ЕУ. Пјотр Милер, портпарол на владата, рече дека мерката „во никој случај не ја ограничува слободата на медиумите“.

„Замислете ситуација кога медиумите во Полска… ќе бидат купени од субјект од Русија, Кина или арапска земја“, рече во четвртокот премиерот Матеуш Моравиецки. „Дали ние како граѓани би сакале право да кажеме ‘не’“?

Проблемот со тој наратив е дека ТВН не е во сопственост на авторитарна земја, туку на еден од најблиските сојузници на Полска, кој исто така има војници на полско тло. Полска и САД имаат билатерален договор за инвестиции во кој се вели дека на инвестициите треба да им се даде „фер и правичен третман“ и дозволува арбитражни побарувања.

Бикс Алиу, вршител на должност во амбасадата на САД во Варшава, објави на Твитер: „САД со зголемена загриженост го набљудуваат процесот на лиценцирање на ТВН и ново предложеното законодавство. ТВН е суштински дел од полскиот медиумски пејзаж повеќе од 20 години. Слободниот печат е клучен за демократијата“.

ТВ-станицата во изјавата рече дека „сопственичката структура на компанијата е во согласност“ со одредбите на законот за радиодифузија за Полска.

„Нагласуваме дека во 2015 година Националниот совет за радиодифузија прифати влез на американски капитал во нашата компанија и сè додека не поднесе барање за продолжување на лиценцата за ТВН24, сопственичката структура на ТВН не покрена никакви сомнежи“, соопшти компанијата.

ТВН има повеќе од десетина ТВ-канали, како и платформа за видео на Интернет на барање. Проценето дека вреди повеќе од една милијарда долари, вработува 4.200 лица и оствари нето добивка во 2019 година од 141 милиони долари.

Ако биде изгласана, новата регулатива може да погоди и голем број други радиодифузери кои не се во сопственост на ЕУ, достапни преку полска сателитска и кабелска телевизија, како што е ХБО, сопственост на американската ВорнерМедија или државната Би-Би-Си на Велика Британија.

Не е прв пат владата да се насочи кон ТВН – дел од кампањата за, како што вели владата, потреба за „реполонизација“ на медиумите. Поранешниот амбасадор на САД во Варшава, Џорџет Мосбахер, неколку пати се сплетка со владата предводена од ПиС и ја предупреди да не презема мерки насочени кон попречување на ТВН.

Но, политичката калкулација се менува благодарение на растечките тензии во коалицијата „Обединета десница“ предводени од ПиС, која е на работ на губење на парламентарното мнозинство. Изборите би требало да се одржат во 2023 година, но се зголемуваат шансите за предвремено гласање, а ПиС не е сигурен дека ќе остане на власт.

Опасноста за владата се зголемува и благодарение на враќањето на Доналд Туск, поранешен премиер и претседател на Европскиот совет, во активната политика минатата недела. Тој се смета за фигура што може да биде во можност да ги обедини разединетите опозициски партии. Како резултат, тој беше подложен на бесни напади од државниот радиодифузер ТВП на Полска, за кој критичарите велат дека е претворен во пропагандна рака на владата.

„Гледам стабилен марш за да се преземе контролата над сè што не зависи од централниот комитет на ПиС“, рече Туск за полскиот весник „Газета виборча“. Тој додаде дека случувањата во Полска ги отсликуваат оние во Унгарија, каде владата на премиерот Виктор Орбан ги презеде или затвори речиси сите независни медиуми.

Во декември државната рафинерија „Орлен“ објави дека го купува издавачот на „Полска прес“ од германската „Ферлагсгрупе Пасау“, сопственик на 20 регионални весници, 120 локални неделници и повеќе од 500 интернет-страници во Полска, со вкупна публика проценета на околу 17,5 милиони читатели.

И покрај споровите на суд за сопственичките права на Орлен, компанијата брзо се снајде да го стави својот печат како издавачот.

„Вкупно осум главни уредници сега се отпуштени или избркани откако ‘Орлен’ ја купи издавачката куќа во март, додека други уредници и новинари од ‘Полска прес’ низ целата земја поднесоа оставки во последните неколку недели“, соопшти Меѓународниот институт за печат во јуни.

Полска се најде на удар на Европскиот парламент и другите институции на ЕУ за ограничување на слободата на медиумите. Исто така, драстично падна во Светскиот индекс за слобода на печат, составен од невладината организација „Репортери без граници“, паѓајќи на 64 од 180 земји, а беше на 18 во 2015 година. (Политико)