Погледнете како изгледа мапата со ризик од пожар во Македонија
Марјан Здравковски, геоинформатичар во ИГЕА и магистер по технички науки од областа на геодезијата, во рамки на курсот „Python for AI“ креира детална аналитичка мрежа која го визуализира нивото на ризик од пожари на целата територија на државата за месеците јули, август и септември 2026.
Неговиот професионален интерес е насочен кон изучување на современите технологии, како што се вештачката интелигенција и машинското учење, и нивната примена во геоинформациските системи.

– Станува збор за геопросторен аналитички продукт, развиен во Python, кој со примена на вештачка интелигенција и машинско учење проценува во кои делови од нашата држава би можело да има повисок ризик од појава на пожарни жаришта во периодот јули–август–септември 2026 година. За полесно да се разбере, територијата на државата ја поделив на 1.096 квадратни полиња со големина од 5 на 5 километри. Тоа може да се замисли како дигитална шаховска табла поставена врз картата на нашата држава. За секое од тие полиња моделот дава процена на ризикот врз основа на претходно регистрираната пожарна активност. Главниот извор на податоци е NASA FIRMS – Fire Information for Resource Management System, односно систем на НАСА кој користи сателитски инструменти и сензори, со цел регистрирање активни пожари и топлински аномалии. Податоците содржат координати, датум и време на детекцијата, интензитет на топлинскиот сигнал и други атрибути. Секоја сателитска детекција беше претворена во точка на карта и поврзана со соодветното поле од мрежата. Во проектот користев податоци од почетокот на 2020 година до 27 јуни 2026 година. NASA FIRMS ги обезбедува овие сателитски детекции и како податоци погодни за анализа и како информации што можат да се користат за следење пожари – сподели Марјан Здравковски за Факултети.мк.
Овој продукт обезбедува можност за напредна аналитика со цел превенција и можност за поддршка при носење одлуки.
– Важно е да се нагласи дека ова не е систем кој го предвидува точниот ден, час и место на избувнување пожар. Тој покажува каде, според историските податоци, ризикот е релативно повисок. Затоа резултатот треба да се користи како информација за поддршка при носење одлуки, а не како сигурна прогноза – вели тој.
Марјан работи во ИГЕА на развој на специјализирани софтверски решенија од областа на геоинформациските системи. По образование е магистер по технички науки од областа на геодезијата при Градежниот факултет во Скопје и има седум години професионално искуство во развој на ГИС-решенија.
Ова е мапата што ја изработи Здравковски, а целиот текст може да го прочитате ТУКА
