Под притисок на Кремљ властите на Москва го затворија музејот „Гулаг“
Во Москва неочекувано е затворен познатиот историски музеј „Гулаг“. Високи функционери во Кремљ и тајните служби стојат зад затворањето на музејот, а самата одлука не е техничка, туку политичка по природа, информираа московските власти за „Москва тајмс“.
„Оваа година веќе неколку пати испративме инспекциски комисии во музејот. Таму не најдовме никакви прекршувања на безбедноста од пожари“, изјави претставник на владата на Москва.
Според друг градски функционер, иднината на музејот, кој беше признат како најдобар музеј во Европа од страна на европската музејска заедница во 2021 година, „сè уште не е одредена“.
И двајцата функционери, кои се согласија да зборуваат само под услов да останат анонимни поради чувствителноста на темата, признаа дека владата во Москва била принудена да донесе одлука за затворање по „силните препораки од високи личности во Кремљ и луѓето во униформи“.
Во средата московските власти објавија прекин на работата на музејот, како причина официјално наведоа „прекршување на прописите за заштита од пожари“, што претставува закана за посетителите.
Изворите на „Москва тајмс“ во владата во Москва сметаат дека официјалната верзија е „димна завеса за прикривање на вистинските причини“.
Одлуката за прекин на работата беше целосно изненадување за раководството и вработените во музејот Гулаг, а за тоа дознаа ден претходно.
По почетокот на руската целосна инвазија на Украина, властите избраа како своја главна политика насочена забрана за овековечување на споменот на жртвите на тоталитарниот терор на властите на СССР. Работата на организацијата „Меморијал“ беше забранета, владата објави планови за запирање на рехабилитацијата на жртвите од репресиите на Сталин и ревидирање на веќе донесените одлуки за рехабилитација. Покрај тоа, неколку години, во руските градови, од ѕидовите на куќите во кои живееле репресираните биле урнати плочите на проектот „Последна адреса“. Директорката на Државниот музеј „Пушкин“, Елизавета Лихачева, одлуката за суспендирање на работата на музејот Гулаг ја нарече „глупост“. „Општо земено, ќе заклучам дека ова е глупост. Според зборовите на другарот Сталин, ‘глупост што се граничи со криминал’“, рече таа во разговорот за БФМ.