Почнува транспортот на повредените во автобуската несреќа
Почнува враќањето во земјава на повредените во автобуската несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија. Првите двајца хоспитализирани во софиската болница „Пирогов“ се отпуштени денеска, уште двајца ќе бидат утре, двајца на 30 ноември и едно лице на 1 декември. Повредените се во добра и стабилна здравствена состојба. Се очекува тие да бидат преземени за натамошно набљудување во медицинските установи во Северна Македонија. Д-р Анастасија Викторова од Клиниката за изгореници и пластична хирургија при НУ болница Пирогов ги предаде пациентите на медицински екипи од Република Северна Македонија.
Повредениот српски државјанин, како што информира вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи, ќе биде пренесен во Србија, а нашите во Скопје, во организација на Министерството за здравство. Повредените прво ќе бидат сместени во нашите здравствени установи се додека не бидат пуштени на домашно лекување.
За преносот на посмртните останки, акциски план треба да изготви Работната група што ја формира Владата и на чие чело е токму Османи. Владата ги презема сите трошоци за транспортот и погребот на жртвите.
Нашите очекувања се наредната недела, штом заврши идентификацијата, може да се очекува вторник или среда, со можност да се помести тој ден додека не се комплтеира идентификацијата. МНР ќе го организира транспортот на посмртните останки. Имавме средба со повеќе компании кои ќе бидат ангажирани околу тоа, а наредните денови планираме средба и со семејствата за да ги испочитуваме нивните барања за предавање на телата, рече Османи.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера во однос на најновите информации кои стигнале до МВР од страна на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија при Медицинскиот факултет во Скопје, информира дека е обезбеден биолошки материјал од роднини на 44 патници, а добиените ДНК профили се предадени во нашето обвинителство. Овој материјал ќе биде предаден на надлежните служби во Бугарија, кои ќе прават поврзувања по роднински врски со пронајдените останки, а биолошки материјал за 45-тиот патник е обезбеден во Софија.
Инаку, вчера министерот Благој Бовчарски извести дека ниту еден од возачите кои го управувале автобусот на „Беса транс“ не бил вработен во компанијата, а еден од двајцата возачи немал ниту сертификат за професионална компетентност.
„Едниот од возачите е невработен во компанијата, имал сертификат со важност до 11 месец 2023 година. Другиот возач не бил пријавен дека работи во ниту една фирма за да ја врши таа дејност. На вториот возач му бил истечен сертификатот 9 месец 2020 година“, кажа Бочварски.
Сепак, возачот Кадрим Мемеди имал 54 години и над 20 години искуство, при што често патувал за Германија и Турција и ги знаел рутите.Љупчо Зафиров е вториот возач кој исто така имал долго професионално искуство.