Почнува присоединувањето на Охридска банка со Шпаркасе банка


Собранијата на акционери на Охридска банка и на Шпаркасе банка денеска донесоа одлука да започнат постапка за присоединување на двете банки пред Народна банка.

Од Охридска банка информираат дека целокупниот имот и обврски на банката ќе се пренесат во замена на акции од Шпаркасе банка Македонија, без спроведување на процес на ликвидација.

– Акционерите на Охридска банка ќе се стекнат со акции на Шпаркасе банка Македонија АД Скопје, во сооднос што ќе биде пресметан во согласност со применливата регулатива и утврден во Спогодбата за присоединување. Шпаркасе банка Македонија АД Скопје, за целите на размената, ќе ја зголеми основната главнина со издавање на акции преку приватна понуда, во согласност со применливата регулатива за вршење статусни промени, се вели во соопштението.

Надзорните одбори на двете банки ќе случат спогодба за присоединување која ќе биде полноважна по одобрувањето од страна на собранијата на акционери, по претходно добиена дозвола за статусот на промена од гувернерот на Народната банка.

– Сакаме да воспоставиме стабилна и добро капитализирана банка со пазарен удел од над 12 проценти. Штаермеркише Банк унд Шпаркасен АГ е посветена да ја поддржи економијата во Северна Македонија, да биде доверлив партнер, бидејќи ние сме долгорочен стратешки партнер во Северна Македонија. Комбинираната банка со нејзиното искуство и сеопфатност ќе претставува силен партнер и за интернационалните и за компании и инвеститори од ЕУ што се активни во Северна Македонија. Со интеграцијата на двете банки, Охридска банка АД Скопје и Шпаркасе банка Македонија АД Скопје, ние ќе бидеме една од водечките универзални банки во Република Северна Македонија, изјави Георг Бухер, член на Управниот одбор на Штаермеркише Шпаркасе.