Почнаа конзерваторските истражувања во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново


Националната установа Завод и Музеј – Битола во соработка со Европски центар за византиски и поствизантиски споменици со седиште во Солун, почна конзерваторски истражувања на ѕидното сликарство во црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново.

Станува збор за конзерваторски проект, кој по комплетирањето ќе биде испратен на стручна контрола во Националниот конзерваторски центар во Скопје и ако добие позитивно стручно мислење, потоа треба да добие и конзерваторско одобрение од  Управата за заштита на културно наследство, информираат од НУ Завод и Музеј-Битола.

„Во тек е конзервација на архитектурата на црквата ‘Св. Ѓорѓи’ во чиј опфат е инјектирање на ѕидовите во внатрешниот дел на објектот, како и интервенции на кровната конструкција. Во рамки на конзерваторските истражувања се вршат и анализи кои ќе придонесат за соодветни конзерваторски интервенции“, потврдуваат од битолскиот Музеј.

Како што е познато, во црквата „Свети Ѓорги“ во преспанско Курбиново се наоѓа фреската на светецот Архангел Гаврил – „Ангелот од Курбиново“ која е ставена на Привремената листа за културно наследство на УНЕСКО.