Почна „Отворен Балкан“, Рама ги повика другите земји да станат дел од инцијативата

Седмиот состанок во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“, што почна претпладнево во Тирана со присуство на македонскот премер Зоран Заев, српскиот претседател Александар Вучиќ и домаќинот, албанскиот премиер Еди Рама, почна со повик до Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина да станал дел од оваа иницијатива.
-Почитуван Александар, драг Зоран, драги пријатели од регионот, вистинско задоволство е да ви посакам добредојде денес во Тирана. Задоволство ми е да ви кажам дека денешниот ден е клучен момент во нашиот процес, бидејќи договорите што ќе бидат потпишани ќе направат важен чекор напред кон нашата цел – да гарантираме целосна слобода на движење на луѓе, стоки, капитал и услуги. Дозволете ми да поминам низ секој столб на „Отворен Балкан“ со повторување на повикот за сите да се приклучат, бидејќи „Отворен Балкан“ е инклузивна иницијатива и секако охрабрувајќи ги другите три земји во регионот да бидат дел од овој напор,за да одиме напред за доброто на нашите народи, рече Рама.
Додаде дека во областа на слободата на движење на стоки ќе биде потпишан трипартитниот договор за извоз, сточарство и признавање на сертификати за акредитација и олеснување на извозот и увозот на стока, како и договорот за соработка во областа на ветеринарната медицина, храната итн.
– Можеби звучи технички, но договорот претставува пресвртница на овој пат. Тоа практично ја отстранува постојаната бариера за отворените земјоделци. Отворениот Балкан е повеќе стремеж отколку иницијатива. Тоа е чекор напред кој го отвора Балканот и го подготвува за интеграција во ЕУ, рече меѓу другото Рама.
-На самиот почеток на оваа иницијатива нагласивме: „Отворен Балкан“ е автентичен, заеднички процес на Северна Македонија, Албанија и Србија, но иницијативата е отворена за сите земји во регионот. Од првата средба во Скопје во јули и првото потпишување на договорите, покажавме дека силната политичка волја може да се трансформира во брзо функционирање на нашите институции, што несомнено го покажува нашиот капацитет како земји за спроведување брзи, ефикасни и напредни реформи. Токму овој капацитет ќе го покажеме пред европските институции на патот на нашите евроинтеграции, порача во своето обраќање премиерот Зоран Заев.
На состанокот во Тирана ќе бидат потпишани повеќе мултилатерални и билатерални договори во насока на реализација на основните права за слободно движење на луѓето, производите и капиталот, како дел од зацртаните придобивки за поголема регионална соработка и унапредување на поврзувањето меѓу земјите од Западен Балкан. Ќе бидат потпишани Договорот за условите за слободен пристап до пазарот на трудот на Западен Балкан, Договорот за интерконекција за шемите за електронска идентификација на граѓаните на Западен Балкан, Договорот меѓу владите на Република Албанија, Република Србија и Република Северна Македонија за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и фитосанитарната политика. На овој Самит на „Отворен Балкан“ ќе се потпишат и билатералните договори за признавање на одобренијата за Овластен економски оператор за безбедност и сигурност меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија и меѓу Република Албанија и Република Србија.
На Самитот во Тирана учествуваат и комесарот за проширување и соседски политики на ЕУ Оливер Вархеји, генералната секретарка на Советот за регионална соработка Мејлинда Брегу, претставници на стопанските коморите на Албанија, Северна Македонија и Србија, како и голем број претставници на деловните заедници од трите земји и регионот. Во делегацијата на состанокот во Тирана се и заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски и заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски.