Почина Белгијка заразена со два соја од корона вирусот: Стравовите на научниците оправдани
„Можно е да се заразите со двата соја на коронавирусот истовремено“, предупредуваат експертите откако потврдиле двојна инфекција кај 90-годишна жена која се разболела од алфа и бета варијантата, првпат идентификувани во Велика Британија и Јужноафриканската Република.
Жена која починала во март 2021 година во Белгија не била вакцинирана, а нејзините доктори веруваат дека таа е првиот идентификуван случај на двојна инфекција.
За нејзиниот случај ќе се разговара на овогодишниот Европски конгрес за клиничка микробиологија и заразни болести.
Тестовите на коронавирусот покажале дека жената била инфицирана со алфа и бета сојот на вирусот, пренесува „BBC“.
„Во тоа време и двата соја циркулираа во Белгија, па се верува дека ја заразиле две личности“, изјавила Ана Ванкерберген, молекуларен биолог од болницата во Алст која ја објавила студијата.
Во меѓувреме, во Португалија неодамна бил лекуван тинејџер кој бил заразен со друга варијанта на Ковид, додека сè уште закрепнувал од првата инфекција.
Невакцинираната жена од Белгија (90) живеела сама во домот, а за неа повремено се грижеле медицински сестри. Откако неколку пати паднала во домот, сместена била во болница во Алст на почетокот на месец март, каде била тестирана позитивна на коронавирусот.
На почетокот ситуацијата била добра, но потоа здравствената состојба нагло се влошила, па жената починала за пет дена, се наведува во соопштението на Европскиот конгрес за клиничка микробиологија и заразни болести.