По повод 10 години од мисијата „Џуно“, НАСА објави фотографија одблизу од Ганимед
Минаа 10 години откако американската Национална воздушно-вселенска агенција НАСА го испрати вселенското летало „Џуно“ на пат без враќање. Целта е истражување на Јупитер, најголемата планета во нашиот Сончев систем.
Сондата стигна до орбитата на Јупитер во јули 2016 година, а НАСА ја одбележа десетгодишнината од лансирањето од Земјата во 2011 година. По тој повод беше објавена и фотографија одблизу од најголемата месечина на Јупитер – Ганимед, снимена на 20 јули.
Ганимед не е познат само затоа што е најголем природен сателит на Јупитер, туку е и најголемо такво тело воопшто, во целиот Сончев систем. Благодарение на инфрацрвената камера „ЈИРАМ“ на „Џуно“, може да се видат неговата ледена обвивка и подвижните океани под неа.
Следниот голем чекор за „Џуно“ доаѓа во септември 2022 година кога ќе се позиционира за близок поглед на Јупитеровата месечина Европа, а летот кон Јо ќе следи година подоцна.
НАСА ја продолжи мисијата на вселенското летало „Џуно“ до 2025 година, кога се очекува нејзиниот конечен крај. Ваквите вселенски летала не се враќаат на Земјата бидејќи завршуваат со уништување. Истото ќе се случи и со оваа сонда, која ќе биде привлечена и уништена од гравитацијата на Јупитер.