По најавата за дигитално евро – какви се можностите да се дигитализира денарот?


Следењето на трендовите и иновациите во областа на дигитализацијата претставува наш стратешки приоритет, велат од Народната банка за Независен. Сепак, имајќи ги предвид сегашните состојби се оценува дека засега нема итна потреба за издавање дигитална валута

 

Мирче Јовановски

Трката“ за издавањето дигитални валути во светот е веќе почната – Кина тоа го направи со дигиталниот јуан, Фејсбук ја вжешти темата со најавата дека либра може да биде промовирана во јануари, а Европската централна банка експериментира со дигитално евро и прави анализи какви се потребите за оваа нова форма на плаќање. За разлика од познатите криптовалути, како биткоинот, етериумот и сличните кои се целосно децентрализирани и не зависат од одлуките на било која централна финансиска (или друга) институција и поради тоа се многу непостојани, новите дигитални валути (како на пример либра) се поцентрализирани, зависат од понудата и побарувачката за т.н. фиат валути за кои што ќе бидат врзани (тоа се добро познатите валути што постојат сега – како долар, евро, фунта… што ги издаваат државите и гарантираат за нив). Слично е и со дигиталното евро зад кое стои Европската централна банка.

Може ли и денарот да се вклучи во овој тренд? За сега, како што стојат работите, тоа е далечна перспектива иако од Народната банка за Независен велат дека ги следат и ги анализираат случувањата со дигиталните валути.

Две третини од плаќањата кај нас се во готово

Според податоците од платежната статистика, постои одреден растечки тренд кај бројот на трансакции со платежни картички и зголемено користење на електронското банкарство

Од Народната банка посочуваат дека во континуитет успешно ги остваруваат законски дефинираните цели и преку одржување на ценовната и финансиската стабилност придонесуваат за создавање поволен амбиент за одржлив економски раст, како и дека согласно постојната регулатива единствено законско платежно средство на територијата на Република Северна Македонија е македонскиот денар.

Според одредени пресметки на Народната банка, најголем дел од вкупниот износ на трансакции кои се вршат на места за плаќање, или околу две третини, се спроведуваат со готовина. Учеството на готовите пари во оптек, во БДП на домашната економија е релативно стабилно низ историјата и во просек изнесува 4-5 отсто од БДП“, велат од Народната банка.

Според податоците од платежната статистика, постои одреден растечки тренд кај бројот на трансакции со платежни картички и зголемено користење на електронското банкарство, коишто се со поизразена динамика од периодот на отпочнувањето на здравствената криза.

Народната банка, следејќи ги трендовите, соодветно врши анализи и имајќи ги предвид состојбите на коишто посочуваме, нашите оцени засега не упатуваат на согледувања за итна потреба за издавање дигитална валута од страна на Народната банка. Секако, следењето на трендовите и иновациите во областа на дигитализацијата преставува стратешки приоритет за Народната банка, како и за други институции во земјата, заради што и постојано сме посветени на согледување на најновите остварувања во оваа сфера и на анализирање на нивната примена кај нас“, велат од Народната банка во одговор на прашањето дали се размислува или планира воведување на дигитален денар, со оглед дека влегувањето во евро зоната сепак е подолгорочна перспектива, како и што би значело тоа за граѓаните и стопанството, но и за банкарскиот систем.

Од Народната банка објаснуваат дека дигитализацијата претставува процес на интеграција на дигиталните технологии во секојдневниот живот, менувајќи го начинот на комуницирање и живеење.

„Во последните неколку години, а особено сега, со глобалната здравствено-економска криза, дигиталните технологии забрзано го трансформираат општеството и истовремено создаваат нови можности и нови предизвици. Инвестициите во иновативни решенија во разни сектори од економијата имаат огромен потенцијал да ја надоместат потребата за поддршка на ранливите групи, со цел нивна инклузија во системот, а преку тоа да влијаат и врз раст на економијата во целина. Народната банка постојано ги следи овие трендови и врши анализи, од аспект на нивната имплементација“, велат од НБ.

Издавањето дигитална валута е оправдано ако помага на целите на централните банки

Новата законска регулатива за платежни услуги која е во подготовка во наредниот период се очекува да создаде услови за поголема конкуренција и подобри платежни услуги за граѓаните и компаниите, велат од Народната банка

Притоа додаваат дека во последните неколку години, централните банки започнаа да ја испитуваат можноста за воведување сопствена дигитална валута и да ги анализираат предностите и предизвиците од оваа иновација во сферата на централното банкарство.

Народната банка, континуирано ги следи и овие трендови и врши соодветни анализи, во рамки на своето настојување постојано да ги имплементира најновите стандарди и најдобри практики. Трендот на испитување на можноста за воведување сопствена дигитална валута од страна на централните банки, од една страна се поврзува со забрзаниот раст на дигитализацијата, а во одредени случаи претставува потреба која произлегува од намаленото користење на готовината како средство за плаќање (случајот со Шведска). Во таа насока е и заклучокот од најновата анализа на Банката за меѓународни порамнувања, подготвена во соработка со централните банки од групата на седум најразвиени земји, според кој издавањето дигитална валута од страна на централните банки е оправдано, доколку истото е во прилог т.е. помага за остварувањето на законски дефинираните цели на централните банки“, велат од Народната банка за Независен.

Притоа, нагласуваат дека Народната банка е активно посветена во давањето поддршка на процесот на дигитализација во областа на финансиите.

„Во таа насока е и новата законска регулатива за платежни услуги која е во подготовка и која во наредниот период се очекува да создаде услови за поголема конкуренција и подобри платежни услуги за граѓаните и компаниите. Преку неодамна воспоставената Порта за иновации, Народната банка соработува со заинтересираните субјекти со цел да го олесни, да го поттикне и да помогне во развојот на иновациите во областа на финансиските услуги и производи. Активностите кои Народната банка ги презема во овој домен се координирани со останатите регулаторни институции во земјата и со сите останати инволвирани страни во системот. Во тек е подготовка и на стратегија за развој на финтек-секторот во нашата земја, со која ќе бидат опфатени стратешките определби на земјата на среден/долг рок во оваа сфера“, се вели во одговорот на прашањето на Независен.

Кои се предностите на дигиталните валути

Најголемата предност на дигиталното евро, според експертите, е можноста за следење на движењето на трансакциите со што речиси целосно ќе се спречи перењето пари и трансакциите во зоната на сивата економија

Како ќе се одвива овој процес во иднина е тешко да се предвиди. Некои од земјите во регионот се во процес на имплементирање на еврото како своја валута – Хрватска и Бугарија се во „претсобјето“ на еврозоната, па многу е веројатно дека директно ќе се приклучат кон дигиталното евро. Но, и онаму каде што еврото е официјална валута, како во Црна Гора, дигитализацијата на валутата е тема за која не се расправало.

Како што пренесе во почетокот на месецот порталот Банкар, Централната банка на Црна Гора се уште не ја разгледувала можноста дигиталното евро да се воведе на црногорскиот пазар.

Во тек е првата фаза на испитување на предностите и недостатоците од дигиталното користење на еврото, како и условите за техничка изводливост“, велат од црногорската централна банка додавајќи дека според очекувањата на ЕЦБ одлуката за натамошните чекори ќе биде донесена во средината на 2021 година.

Најголемата предност на дигиталното евро, според експертите е можноста за следење на движењето на трансакциите, со што речиси целосно ќе се спречи перењето пари и трансакции во зоната на сивата економија. Покрај тоа ќе се намалат многу трошоци кои се поврзани со ракувањето со банкнотите, како физичката манипулација со готовина, а ќе се намали и потребниот број на шалтерски и други работници, штто ќе доведе и до намалување на банкарските провизии. Исто така, се анулира и можноста за физичко ограбување на парите, а ќе се зголеми и брзината на трансферот на средствата со користење на ИТ решенијата и мобилните телефони кои ќе ја имаат улогата на паричници.

Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, неодамна истакна дека дигиталното евро нема да ги замени банкнотите, туку ќе ги надополнува.

Концептот на дигиталното евро е едноставно поефикасен, поевтин, ја штити приватноста, и e добар за животната средина“, рече таа додавајќи дека тоа може да придонесе да го зајакне еврото на меѓународен план и да ги намали трошоците за трансфер на пари меѓу земјите.

Сакаме да ја направиме нашата валута соодветна за дигиталната ера. Кога гледаме колку брзо се шират дигиталните плаќања, особено кај младите, важно е да го исполниме тоа барање“, истакна Лагард.