Плаќањата преку СЕПА станаа доминантни, заштедите за граѓаните и компаниите се големи
За електронско плаќање од околу 500 евра кон земјите од СЕПА, граѓаните плаќаат во просек и до шест пати пониски надоместоци во споредба со традиционалните плаќања преку СВИФТ односно околу 260 денари наспроти приближно 1.600 денари, велат од Народната банка
Од 7 октомври минатата година кога почнаа првите трансакции со земјите од Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), па сѐ до сега, овој начин на плаќање и примање пари стана доминантен кај граѓаните и компаниите, а им донесе и значителни заштеди за платените провизии. Со влегувањето во СЕПА и на Србија, што се случи вчера, овие придобивки уште повеќе ќе се зголемат, бидејќи северниот сосед е еден од поголемите трговски партнери на нашата земја. Од Народна банка оценуваат дека придобивките од членствот во СЕПА веќе се големи и овој начин на плаќање сѐ повеќе се прифаќа од страна на граѓаните и фирмите.
„Во моментов, сите 12 банки и Народната банка, како и една платежна институција, се целосно оперативни за извршување на СЕПА кредитни трансфери, со што домашната банкарска индустрија практично е целосно интегрирана и на располагање на граѓаните и компаниите за користење на оваа платежна шема. Ова претставува значаен исчекор и потврда за успешното усогласување со европските стандарди за плаќања“, посочуваат од Народната банка за „Независен“.
Притоа, додаваат дека согласно расположливите податоци, СЕПА кредитните трансфери бележат континуиран раст, и кај граѓаните и кај компаниите.
„Овој тренд продолжи и во март 2026 г., при што околу 55 отсто од вкупниот број на одливни прекугранични платежни трансакции и околу 66 отсто од приливните прекугранични трансакции се реализирани преку СЕПА. Трендот е особено изразен кај електронските плаќања, каде што СЕПА сè повеќе се наметнува како доминантен канал за извршување и прием на прекугранични плаќања во евра“, велат од Народната банка.
Во однос на структурата на корисниците, како што појаснувааат од НБ, СЕПА активно се користи од страна на граѓаните и компаниите. Кај граѓаните се забележува растечка употреба на СЕПА плаќањата преку електронските канали. Имено, кај дел од банките во земјава, над 80 отсто од приливните и одливните електронски трансакции на физичките лица и над 70 отсто од приливните и одливните електронски трансакции на правните лица беа реализирани преку СЕПА шемата за кредитни трансфери, што упатува на солиден степен на прифатеност и автоматизација во банкарскиот сектор. Од друга страна пак, кај компаниите се потврди поизразеното учеството на СЕПА плаќањата во вкупната вредност на реализираните плаќања, имајќи ја предвид природата на нивните деловни трансакции.
„Кумулативно, гледано во однос на вкупните прекугранични плаќања (вклучително и преку СВИФТ), СЕПА има доминантно учество и во март 2026г и опфати околу 62,5 отсто од вкупниот број прекугранични трансакции, што укажува дека станува збор за високо користен канал за плаќања во евра“, велат од Народната банка.
На прашањето кон кои земји најчесто се вршат плаќањата и колку СЕПА се користи за прием на средства од странство, од НБ објаснуваат дека СЕПА плаќањата овозможуваат извршување на трансакции кон 41 земја во рамки на европското платежно подрачје, а дополнително, од 5 мај и со Србија, со што уште повеќе ќе се прошири опфатот и регионалната поврзаност.
„Иако не се располага со детални статистички податоци за распределбата на трансакциите по поединечни земји, може да се оцени дека СЕПА најчесто се користи за плаќања и приливи поврзани со економската активност со европските земји, вклучително трговија, услуги и трансфери од странство“, велат од Народната банка.
Воедно, СЕПА има значајно учество и кај приливните трансакции — отприлика повеќе од половина од приливите се реализираат преку оваа шема, што укажува дека граѓаните и компаниите сè почесто ја користат не само за плаќања, туку и за прием на средства од странство.
Користа од примената на плаќањата во рамки на СЕПА, се евидентни и во другите земји во регионот. Така на пример, според анализата на централната банка на Црна Гора, шест месеци по првите трансакции во рамките на Единствената област за плаќање во евра (СЕПА), ефектите од оваа реформа се јасно видливи: меѓународните плаќања станаа побрзи, поевтини и поедноставни, а граѓаните и економијата остварија значителни директни придобивки.
Во Црна Гора, на пример (каде што СЕПА плаќањата почнаа во истиот ден како и во нашата земја) во првите шест месеци биле реализирани 82.213 СЕПА трансакции, чија вредност е повеќе од 1,6 милијарди евра, при што просечната провизија за меѓународни трансакции таму била намалена од 73,4 евра, колку што изнесуваше износот за СВИФТ (SWIFT) плаќања во 2024 година, на 6,21 евра за СЕПА плаќања, што претставува намалување од дури 92 отсто. Се додава дека заштедите се особено изразени кај електронските плаќања. Цената на електронските плаќања за граѓаните е намалена од 53,3 евра (СВИФТ плаќања) на 2,07 евра (СЕПА плаќања), додека за бизнисите е намалена од 48,55 евра (СВИФТ плаќања) на 6,62 евра (СЕПА плаќања). За мали износи до 200 евра, плаќањата се речиси бесплатни. Врз основа на досегашните резултати, се проценува дека граѓаните и економијата во Црна Гора постигнале заштеди од повеќе од 3,8 милиони евра за само шест месеци. Со целосна дигитализација и премин на сите трансакции на електронските канали на СЕПА, таа сума би можела да надмине 14,6 милиони евра годишно, процениле од централната банка на Црна Гора.
Слично е и во Македонија. На прашањето „Независен“, колкави се заштедите од користењето на СЕПА во однос на системот СВИФТ, од Народната банка велат дека според анализите направени пред воведувањето на СЕПА, се очекуваше значително намалување на трошоците за прекугранични плаќања во евра, што во пракса и се потврдува.
„Имено, за електронско плаќање од околу 500 евра кон земјите од СЕПА, граѓаните плаќаат во просек и до шест пати пониски надоместоци во споредба со традиционалните плаќања преку СВИФТ (кореспондентно банкарство), односно околу 260 денари наспроти приближно 1.600 денари“, велат од Народната банка.
Од таму додаваат дека кај приливите во евра, за истиот износ, трошоците се во просек околу два пати пониски, односно околу 140 денари наспроти 280 денари.
„Овие разлики јасно укажуваат дека СЕПА овозможува значително поевтини прекугранични трансакции, што носи директни придобивки и за граѓаните и за компаниите“, велат од НБ.
Од таму нагласуваат дека досегашната примена на СЕПА кредитните трансфери може да се оцени како успешна и значаен исчекор во модернизацијата на платниот систем во земјата.
„СЕПА овозможува побрзи, поедноставни и поевтини прекугранични плаќања во евра, со што значително се подобрува квалитетот на услугите што им се достапни на граѓаните и компаниите. Плаќањата се извршуваат на начин кој е едноставен за користење, со пониски трошоци и поголема предвидливост во однос на времето на извршување, што е особено важно за секојдневните деловни и лични трансакции“, велат од Народната банка.
Со тоа, како што посочуваат, граѓаните и компаниите во земјата сè повеќе добиваат услуга која е усогласена со европските стандарди, односно ниво на квалитет и ефикасност кое е споредливо со она што го имаат корисниците во Европската Унија.
„Растечката употреба на СЕПА дополнително потврдува дека системот е добро прифатен и дека носи реални придобивки во пракса, и за економијата и за крајните корисници на платежните услуги“, велат од Народната банка.