„Мишелин“ ќе укине 9 проценти од работните места во Франција


Францускиот производител на гуми „Мишелин“ ќе намали 1.500 од своите 17.000 работни места во Франција во следните три години.

Одлуката за намалување на персоналот е донесена поради зголемувањето на трошоците за енергија и производство воопшто, како и „еден од најлошите даночни притисоци во индустријализираните земји“.

Како што објасни компанијата, според француската новинска агенција АФП, две третини од планираните намалувања на работните места ќе бидат во администрацијата, а една третина во производството. Тие сметаат на доброволни заминувања, нема да има присилни отпуштања.

„Мишелин“ намали 1.200 работни места во 2024 година, кога затвори две фабрики во Франција. Минатата година, извршниот директор Флоран Менего откри дека и другите негови фабрики во земјата исто така работат лошо.

Производителот на гуми објави приход од 6,2 милијарди евра во првиот квартал од оваа година, што е намалување од 5,4 проценти во однос на истиот период минатата година.