Писмо од Париз: Градот на светлината стана град на тишината и стравот


Парижаните се најдоа како треснати од невообичаеното, но суштинското прашање: како да се досадуваме дома, а да не ни биде здодевно? Во карантин сме, бидејќи се соочуваме со непријател кој е невидлив, а единствениот начин на кој треба да дејствуваме против него е да не правиме ништо и да останаме ограничени

 

Дејан Буѓевац

(Специјално за „Независен“)

Париз – Како е да се живее во Париз во време на корона вирусот, во санитарна вонредна состојба, особено по 16 март годинава, кога Франција донесе радикална одлука за речиси целосна контрола и ограничување на секојдневниот живот. Почнувајќи од тој датум сите мора да останеме дома во периодот кој следи и не му се знае крајот. Исто така, во зависност од развојот на епидемијата, владата има можност да донесе и декрет за воведување на тотална забрана за движење на граѓаните и возилата, забрана за излегување на граѓаните од нивните домови, ставање во карантин на лицата за кои постои сомнеж дека се инфицирани и тие да бидат следени преку мобилните телефони, затворање на јавните институции и друго. Бројот на смртни случаи од почетокот на епидемијата досега изнесува 1.696, а бројот на потврдени заболени е 29.155 луѓе.

Луѓето што ги напуштаат своите домови треба да потпишат и да носат формулар со себеси во кој ќе ги објаснат причините за нивното движење и во колку часот излегле од дома. Ако го немате овој документ ќе се соочите со парична казна од 135 евра. Француските власти од пред некој ден ги зајакнаа казните за непочитување на карантинот, така што казната од 135 евра станува 1.500 евра во случај граѓанинот повторно ги прекрши мерките во рок од 15 дена. A за неколку последователни прекршоци во текот на еден месец ќе биде изречена казна од 3.700 евра и до шест месеци затвор.

Секако, сето тоа со почитување на прописната оддалеченост еден од друг на отворен простор. Па така, веќе цела недела низ градот полициските службеници патролираат и ги запираат пешаците и автомобилите за да ги проверуваат нивните документи. Околу 100.000 полицајци и жандарми се распоредени за спроведување на овие нови правила на „затворање“ низ главниот град и остатокот на Франција.

Се работи за исклучителна ситуација која може да биде исклучителна тешка за менталното здравје на луѓето во Париз, каде што секојдневниот и социјален живот е речиси во целост екстериерен, односно зависен и исполнет од безброј интензивни содржини од културен, уметнички, политички, економски, медиумски, спортски, забавен и гастрономски карактер, кои во овој период се во целост замрени.

Страв и пусти улици

Принудени во карантин, парижаните се најдоа како треснати од невообичаеното, но суштинско прашање: како да се досадуваме дома, а да не ни биде здодевно? И возрасните и децата сакаат да ѝ пркосат на здодевноста за да ја победат злобната пандемија. Како да се откријат нови ритуали и иницијативи во секојдневниот карантин, поинакви од оние кои генерално го градат нашиот личен и професионален живот? Оваа тема е доминантна во француските медиуми и за неа постојано расправаат психолози, социолози…

Преминувањето во затвореност со најблиските може да биде незгодна и нетрпелива стапица. Односно, без разлика дали живеете сами, како двојка или како семејство, овој карантин може за кратко време да стане напорен за живеење, предупредуваат психолозите. Првенствено, во карантин сме бидејќи се соочуваме со непријател кој е невидлив и кој нè потопува во чувство на длабока беспомошност, а единствениот начин на кој треба да дејствуваме против него е да не правиме ништо и да останеме ограничени. Тоа е контраинтуитивно, затоа што обично „кога се соочуваме со закана, ние делуваме!“ Да се биде анксиозен од наметнатата затворена врата или од неизвесноста што носи (блиската) иднина, станува сосема нормална реакција. Она во што се согласуваат сите во Франција е дека нашиот социјален живот и нашите животни навики веќе никогаш нема да бидат исти како пред оваа епидемија. „Животот во нормала“ после сево ова ќе добие друго, поинакво значење.

Со епидемијата, Париз, градот на светлината, еден од најважните глобални туристички центри, се претвори во дестинација на духови    (Фото: Д. Буѓевац)

Она што деновиве можете да го видите во француската метропола се напуштени улици и паркови и мал број парижани кои или брзаат накај дома носејќи намирници во рацете, или џогираат или ги носат на кратки прошетки своите домашни миленици. Кога одите до најблискиот маркет за купување на намирници, прво што ќе забележите е претпазливата физичката оддалеченост меѓу луѓето и стравот физички да се приближат еден кон друг. Ултимативниот и егзистенцијален страв во очите на луѓето и напнатата несигурност од периодот што следи станува повеќе од очигледен. Никој веќе не го поставува прашањето што се случи, што е причината за оваа глобална катастрофа, туку што понатаму, како да се заштитиме себеси, како да ги заштитиме најблиските и сите познати и непознати во оваа битка во која како можни пациенти сме сите еднакви.

Едноставно, со епидемијата Париз, градот на светлината, еден од најважните глобални туристички центри, се претвори во дестинација на духови. Освен аптеки, супермаркети, банки, одредени бензински пумпи, киосци, автомеханичарски сервиси, сè друго е речиси затворено. Тие што работат се со редуциран персонал или прием преку закажување, а многу од нив го користат и дигиталниот начин на работа. Во маркетите на касите поставени се заштитни фолии од плексиглас за да не дојде до контакт меѓу купувачите и касиерите. Во аптеките нема маски и нема средства за дезинфекција на рацете.

Во она што е веќе опишано како најстрого ограничување од здравствен аспект во модерната историја на Франција, стои дека на луѓето им е дозволено излегување на отворено само за специфични причини во наредниот период; исклучоците вклучуваат купување на намирници близу до местото на живеење, медицински третман, добивање лекови во аптека, вежбање надвор само еднаш на ден на максимална дистанца од еден километар од местото на живеење, грижа за ранливи и постари луѓе или одење/патување на работа за оние кои не можат своите професионални обврски да ги исполнуваат од дома односно, од далечина. На погреб може да присуствуваат максимум 20 лица. Во станбените згради, задолжително е секојдневно да се врши дезинфекција на заедничките простории и лифтовите.

Егзодус 

Првиот говор на претседателот Емануел Макрон на 16 март за кога прогласи вонредна состојба, натера многумина наредниот ден да си заминат или да избегаат од Париз. Во тие неколку часови пред наредбата за ограничено патување да стапи на сила, четирите главни железнички станици беа исполнети со илјадници вознемирени луѓе, кои исплашени од помислата да бидат заглавени во малечките станови во Париз, се надеваа дека ќе им се придружат на семејствата и на своите најблиски во другите региони и градови во Франција.

Луѓето што ги напуштаат своите домови треба да потпишат и да носат формулар со себеси во кој ќе ги објаснат причините за нивното движење и во колку часот излегле од дома

Ваквата, разбирлива, но помалку и панична реакција на луѓето беше негативно и критички дочекана од надлежните органи, од самите парижани, поради стравувањето дека на тој начин може да се зголеми ризикот од проширување и заразување со вирусот. Бидејќи, во преполните возови кои заминуваа за Тулуз, Нант, Бордо, Лион, Марсеј… луѓето не беа во состојба да практикуваат правила за прописно растојание – на тој начин, парадоксално, возовите ги претворија во она од што се обидоа да избегаат: простори со највисок ризик на зараза.

„Овој вид на егзодус го поставува прашањето за ширење на вирусот на други територии“, изјави Оливие Веран, францускиот министер за здравство, додавајќи: „Само затоа што си покрај море или поблизу до природата не значи дека си помалку близок до вирусот“.

Она што и ден денес му се забележува на претседателот Макрон е што дозволи и покрај најавите за затворање на училиштата и неесенцијалните бизниси, да се одржи првиот круг на општинските избори на 15 март. Одлука која сега нашироко се смета за значајна грешка што натера многу Французи да ја потценат тежината на ризикот и да се однесуваат типично ноншалантно. Имено, и покрај пустошот предизвикан од пандемијата во Азија и во соседна Италија, претседателот Макрон и неговата сопруга Брижит, само десеттина дена претходно беа во театар во Париз и ги повикуваа луѓето да продолжат да излегуваат.

Инаку, целокупната социо-културна интеракција е забранета засега до 15 април за сите јавни места, културни објекти, тематски паркови и градини во Париз. Препознатливите атракции како што се музеите „Лувр“, „Орсеј“, „Бобур“, „Гран Пале“, Ајфеловата кула, Триумфалната порта, Операта „Гарние“, дворецот Версај, „Мулен Руж“ и целата листа на туристистички знаменитости се затворени. Плоштадите „Република“, „Бастилја“, „Вандом“, Монмартр, универзитетот Сорбона, Латинскиот кварт, квартот Сан Мишел, паркот Луксембург, кејот/пешачката зона на Сена деновиве се пусти, бидејќи секој избегнува непотребни движења и гледа максимално да се држи до препораките за дистанца и изолација. Јавниот сообраќај функционира на минимално ниво. Не ретко во овие тешки денови се случуваат ситуации во кои човек на улица кој оди зад вас или стои пред некоја продавница, во библиски термини да ве предупредува за чума, апокалипса и покајание.

Во Франција е отворена веб-страницата maladiecoronavirus.fr која содржи тест од 24 прашања поврзани со симптоми кои ги доживеале луѓе кои ја развиле болеста по инфекција со коронавирус. Од корисниците, исто така, се бара да одговорат анонимно на прашања во врска со нивната тежина, висина, возраст и да обезбедат дополнителни информации за нивното општо здравје. На крајот од тестот се дава препорака дали треба да се консултираат со лекар, да се јават во просторија за итни случаи или се чини дека е малку веројатно дека тие го заболеле вирусот. Овој тест преку интернет е воведен за да се намали притисокот врз француските здравствени услуги, кои во сегашната ситуација примаат голем број непотребни повици од граѓаните загрижени за нивното здравје, во отсуство на физички текстови за коронавирусот.
Телевизијата Франс 24 известува дека повеќе од два милиони луѓе ја посетиле страницата само во првите денови, од кои 12 проценти биле повикани да контактираат со службите за итни случаи.

А, работењето од дома, за да може виртуелно да се биде „присутен“ на своето работно место, стана правило за сите фирми каде е тоа можно. Градењето на домашна и професионална рамка во која треба истовремено да се биде родител, колега или пријател е навистина тешко. Но ваквото организирање и редизајнирање на професионалниот живот во домашни услови е единствениот начин за да продолжиме со своите животи во овој период.

„Останете дома“ и продолжете да функционирате во нови околности е клучната фраза. „Останете дома“ е етичкиот код до кој мора да се придржува секој совесен граѓанин. „Restez à la maison“, „Restez chez vous“, се круцијалните зборови овој март во Париз.