Петровска: Не постои политичка сила во државава што може да ја изнесе Македонија од НАТО
Ако дојде до смена на власта и идната влада ја предводи ВМРО-ДПМНЕ ќе запре поддршката за Украина, бидејќи оваа партија нема храброст да носи одлуки, вели министерката за одбрана Славјанка Петровска во интервју за „Независен“
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, оценувајќи го можниот исход од изборите и разните идеи што произлегуваат од кандидатите, смета дека не постои политичка сила во земјава што може да ја изнесе Македонија од членството во Алијансата. Но, со оглед на тоа колку беше тивко ВМРО-ДПМНЕ изминатите две години околу Украина, таа очекува дека, ако евентуално дојде до смена на власта, идната влада предводена од оваа партија да ја запре поддршката за оваа нападната држава бидејќи, според неа, нема храброст за носење одлуки.
„Според однесувањето и на опозицијата во македонскиот блок гледам преголема желба по секоја цена да бидат власт, иако немаат капацитет да ги водат процесите“, порачува Петровска коментирајќи ги причините за оценката на ОДИХР – дека се можни тензии и немири на изборите. Таа смета дека граѓаните на изборите ќе го ценат повеќе јасниот и искрен став на СДСМ дека нема да отстапи од евроинтеграцијата, без оглед колку е можеби политички непогоден за нив, отколку изговорите на ВМРО-ДПМНЕ во смисла – чекајте, прво да дојдеме на власт, па ќе кажеме што ќе правиме.
Таа зборува и за можноста да запре модернизацијата на АРМ со темпото со кое е почната сега ако дојде до смена на власта, за опасностите што ги носи тоа, за планот за формирање на индустриски зони наменети за производство на муниција и оружје и практично за обезбедување државна помош за развој на оваа индустрија, за барањата на Зеленски и можниот одговор на Македонија, колку нѐ чини професионалната војска и дали е рационално враќањето на редовното служење во војска…
На претседателските и на парламентарните избори во Македонија ќе се тркаат и кандидати кои настапуваат со јасни анти НАТО и проруски позиции, кои нудат други стратешки алтернативи. Како министерка за одбрана верувате ли дека е можно некој да ја изнесе државава од членството во НАТО и какви би биле последиците од тоа?
Можеби дел од политичките партии, условно кажано, заговараат нешто такво, иако главните – и позициски и опозициски, и од македонскиот и од албанскиот блок – барем официјално и во своите програми не го споделуваат тоа. Во РСМ има само една парламентарна политичка партија којашто официјално е против членството во Алијансата и најавува дека, ако има можност, би побарала прекин. Тоа го сметам само за нивна желба и реторика и убедена сум дека не постојат услови за такво нешто. Последните анкети покажуваат дека има зголемена поддршка меѓу граѓаните за членството на РСМ во НАТО – над 60 проценти од нив сметаат дека треба да останеме и да бидеме дел од Алијансата и покрај сѐ она што поминавме изминатите две години со војната во Украина и со сите хибридни закани што произлегоа и беа насочени кон РСМ поради нашето јасно позиционирање и поддршка на оваа земја. Така што, тоа ми дава за право да верувам дека граѓаните се свесни, можеби не во целост, туку во голема мерка, за придобивките од тоа да се биде земја членка на Алијансата. И, повеќе од сигурна сум дека не постои политичка сила во државава која може да издејствува напуштање на НАТО.
Може ли да се случи, исто така, ако се смени власта по изборите Македонија да се напушти политиката на поддршка кон Украина?
Тоа е хипотетичка ситуација – дали ќе се смени власта. Јас во повеќе наврати кажав дека сериозно сум навлезена во планирање на проекти за следниот мандат што значи дека не очекувам да се промени ситуацијата. Но, ако зборуваме за хипотетичка ситуација, ако ценам по тоа што се случуваше изминатите две години и особено колку ВМРО-ДПМНЕ беше тивко по однос на прашањето за Украина, да, сметам дека ќе дојде до условно кажано реорганизацвија или репозиционирање на идната власт ако биде предводник оваа партија, бидејќи не се толку храбри во носењето на одлуките. Тоа се покажа во изминатиот период кога требаше да бидат донесени одлуки што се од интерес за нашата држава и за граѓаните и вакви стратешки одлуки. За жал, сметам дека поддршката што сега ја даваме на Украина, која е безусловна и не е само политичка и за која јавноста е информирана во детали (од донациите во форма на воена помош и во оружје до последната на обука на украински војници во Криволак, што ќе ја продолжиме и годинава), како таква ќе биде прекината. Веројатно ќе бидат давани повеќе изговори зашто некои работи не ќе можат да се направат и тоа, имајќи го во предвид импактот односно придонесот на РСМ во Украина, ќе влијае сериозно на она што се случува во таа земја.
Има ли нешто конкретно по барањето на претседателот Володомир Зеленски за рехабилитација на ранетите украински војници и деца кај нас, како и за предлогот заеднички да произведуваме оружје?
Капацитетите на одбранбената индустрија во Македонија, за жал, не се толку развиени и на нивото што треба да бидат со оглед на околностите во светот во моментов. Државни капацитети немаме, но постои само една голема компанија кај нас која се занимава со производство на муниција и на машини за производство на муниција, некогашната „Самоков“, а сега АТС Груп. Повеќе од 50 проценти од производство им е насочено кон Украина така што тие реално тие веќе имаат склучени договори. Но, како држава и ние како Министерство за одбрана се обидуваме на секаков можен начин и во рамките на законите да го поддржиме тоа. Со колегата Фатмир Битиќи, бидејќи тој е задолжен за економските политики, интензивно разговараме како државата уште повеќе, покрај можностите што постојат за доделување на државна помош, поорганизирано да им помогне на компаниите, и тие што веќе произведуваат или евентуално тргуваат, да ги зголемат капацитетите и да ги насочат своите активности кон производство на муниција или некој вид на оружје. Со него и со директорот на Управата за наменско производство развиваме концепт за формирање на индустриски зони наменети за наменската индустрија каде што како држава ќе можеме да обезбедиме одредени услови, што е еден вид финансиска поддршка. Тоа е голем бизнис, за жал гледано од човечки аспект, но во наредните десетина години ќе биде навистина доходовен и ќе има голем обрт, а од друга страна, придобивките за нас и за нашата држава, за економијата ќе бидат многу големи. Затоа инсистирам како држава организирано и системски да им помогнеме на овие компании.
Што се однесува до рехабилитацијата на украинските војници, како Министерство го имаме Воено-медицинскиот центар, но тој не е оспособен да лекува во болнички услови било чии воени припадници. Тоа, сепак, не значи дека во соработка со Министерството за здравство не можеме да изнајдеме начин нашите капацитети да ги здружиме со јавното здравство и да укажеме ваква помош. Ова е предмет на анализа и консултации меѓу двете министерства и јас сум убедена дека можеме да најдеме решение и да излеземе со позитивен одговор ако вакво барање биде упатено до нас.
Колкав товар ќе биде тоа за нашето здравство?
ЕУ и НАТО и поединечно земјите членки покажаа во изминатиот период дека ја поддржуваат Украина на секаков можен начин, вклучително и со определување на дополнителни фондови. Така што, РСМ не мора сѐ да прави на свој трошок доколку нема таков финансиски капацитет и може да побараме поддршка од сојузниците. Но, политичката порака што ја праќаме со подготвеноста да примиме и да излеземе во пресрет на барањето од Украина е многу важна. Тоа е нешто со што изминатите две години, откако почна руската инвазија во Украина, јас би рекла Русија е победена, бидејќи очекувањата беа дека Украина ќе биде совладана за два дена и дека НАТО ќе се подели околу ова прашање. По две години гледаме дека ништо од тоа не се случи и дека, напротив, Украина упорно се бори за својата сувереност и територија на што има апсолутно право, а земјите членки на Алијансата се повеќе од обединети, па и кога станува збор за проширувањето.
Европа забрзано се вооружува, а Македонија треба да го надомести заостанувањето од 2008 наваму, кога парите во најголем дел одеа во МВР место во одбраната. Имате ли проценка колку вкупно ќе нѐ чини модернизацијата на армијата и до кога ќе трае?
Целосната модернизација на армијата е предвидена во долгорочниот план за развој и според проценките направени тогаш, требаше да чини околу 900 милиони евра. Но, цените на воената опрема се зголемуваат, па правиме нови проценки за тоа што треба и кои капацитети треба да ги зајакнеме и сето тоа да го рефлектираме во буџетот на државата. Овој буџет што го имаме сега од 2,05 проценки од БДП, што е над границата да биде доволен за тие потреби, но поради растот на цените и случувањата во светот ќе треба малку позабрзано да ја спроведуваме модернизацијата, така што голема е веројатноста идната година да ни требаат уште повеќе сретства за одбраната. Засега сите процеси, а особено крупните набавки што се предвидени и што значат драстична промена на капацитетите на армијата, се одвиваат според планот.
Неодамна добивме позитивна вест од САД дека ни беше одобрена набавката на лесни оклопни возила JLTV и на противоклопни системи „Javelin“, а вчера на седница на влада помина договорот за набавка на хеликоптери. Изминатиот месец интегрираниот проектен тим што беше задолжен за оваа набавка интензивно работеше на договорот и на финалните преговори со компанијата „Леонардо“, така што тој процес е успешно завршен, постигната е поволна цена и е обезбеден поголем квалитет со обезбедената дополнителна опрема. Цената за сите осум хеликоптери е 230 милиони евра и ќе се плаќаат постепено, а ќе бидат испорачани од август 2026 до 2028 година.
Годинава за модернизација на армијата се обезбедени околу 100 милиони евра, што е околу една третина од вкупниот буџет на Министерството. Наспроти тоа, анализата на претходните буџети покажа дека армијата во претходниот период буквално преживувала. Немало ни инвестиции ни поголеми буџети, при што имало само неколку позначајни донации за униформи и за чизми, што покажува како се менаџирало со армијата, дека таа и Министерството за одбрана немале буџет за развој, туку само за да се поделат плати. Сега веќе не зборуваме за набавка на чизми и на униформи, зашто тоа е ставено во редовните планови и не треба да има воопшто дискусија дали има пари за тоа или не, бидејќи се подразбира.
Може ли, без оглед договорите, по изборите да се прекинат набавките на оружје и генерално модернизацијата на армијата?
Ако дојде до смена на власта, апсолутно да. Без оглед на договореното, ако ги погледнете примерите од локалната власт каде што партиципира ВМРО-ДПМНЕ ќе видете дека тие се махери во изнаоѓање изговори и во несработување на тоа што им е задача. Ако гледате дека нивните градоначалници се навикнаа не да бараат решенија во општините туку да бараат причини да ја обвинат централната власт, тоа покажува дека не го смениле начинот на кој функционираа претходно. Се плашам, бидејќи потајно тие не се големи поддржувачи на НАТО и на евроинтеграцијата, што е повеќе од очигледно, дека ќе дојде до намалување или евентуално само фиктивно одобрување на буџетот за одбрана, но нема да има опремување со овој интензитет со којшто ние го правиме. А, вложувањето во одбраната не се случува за една година, не се случува ни за две, туку е долгорочен процес кој, ако го одолговлечите малку, може да предизвика проблеми.
Зар не е тоа опасен концепт со оглед на тоа дека сите околу се вооружуваат се повеќе?
Апсолутно, особено ако имаме предвид дека за кој било тип на набавка за одбраната ништо не можете да купите преку ноќ. Дури и ако во одредени случаи одобрите трипати поголем буџет од тој што го имате сега, треба време за таа опрема и за тоа оружје да бидат склучени соодветни договори и тие да бидат ставени во производство. Тоа не е така едноставно. Гледано долгорочно за државата и за градењето на системот на одбрана сметам дека не смее да има какво било повлекување назад од она што е зацртано во планот за модернизација. И дека со одбраната не смееме да си играме политиканство или партиска политика.
ОДИХР деновиве предупреди дека се можни тензии или немири во земјата околу претседателските и парламентарните избори. Очекувате ли вие да има нарушување на безбедносната состојба за време и околу изборите?
Ако се случи такво нешто, тоа ќе биде враќање чекори, па и години назад за нашата држава. Политичките партии, било од власта или од опозицијата, и групите кои се поврзани со нив и евентуално имаат таква намера како што е нотирано во тој извештај, треба да бидат свесни дека одговорноста за враќањето на државата назад ќе биде исклучиво нивна. Ниту една борба за останување или за преземање на власта, без оглед колку ја посакуваме, не вреди да направите нешто со што ќе ја вратите земјата назад. Бевме сведоци како, заради одредени неправилности на изборите и заради одредена општествена состојба, РСМ тапкаше и беше дури меѓународно изолирана речиси 11 години. Многу од нашите соседи кои во 2004 и 2005 година беа зад нас, пред нас станаа членки на НАТО и ЕУ, или се чекор пред нас во процесот. Затоа, каде ќе оди државата зависи исклучово од политичките партии и особено во време на избори, и од власта и од опозицијата.
Каде е потензично според вас – во македонскиот или во албанскиот блок?
Не можам да ја направам таа поделба зошто според однесувањето на опозицијата и во македонскиот блок гледам преголема желба и по секоја цена да бидат власт, а немаат капацитет за жал да ги водат процесите што треба да ги водат. Сѐ уште немаме одговори од нив за клучните прашања и предизвици пред кои е исправена државата и единствено што гледаме е црна кампања што прави и што не прави власта , без притоа да се нудат решенија. Може да имаат совршено напишана програма и голем дел од мерките, претпоставувам, да им бидат популистички бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е усовршена во тоа, но нема да дадат одговор на клучното прашање – како ќе го продолжат процесот на ЕУ интеграција. Ако сме чесни кон граѓаните и велиме дека, по НАТО, интеграцијата во ЕУ е вториот наш најзначаен стратешки интерес, тогаш треба да понудиме конкретно решение. Ставот на СДСМ, без оглед колку е можеби политички непогоден за јавноста, е искрен и јасен. Мислам дека граѓаните тоа ќе го ценат на крајот на денот повеќе отколку изговорите – чекајте, прво да дојдеме на власт па ќе кажеме што ќе правиме.
Со кои други аргументи ќе настапи СДСМ на изборите и како ќе ги убедува гласачите повторно да и дадат поддршка?
Прво, од позиција на партија на власт многу е важно кога настапуваме на избори да бидеме свесни за работите што не сме успеале да ги направиме, а граѓаните го очекувале тоа од нас. И, да понудиме решенија за таквите состојби, но и да потсетиме на сѐ што го направивме изминатиот период за државата, при што можеби некои одлуки беа тешки и условно кажано политички непопуларни, но сметавме дека треба да бидат донесени. Благодарение на тие тешки политички одлуки РСМ сега може многу поинаку да размислува и поинаку да биде преставувана во светот и во регионот. Реално, во дијалогот што ќе го имаме со граѓаните пораките ќе бидат јасни – дека ние не отстапуваме од европската интеграција на земјата и дека нема да измислуваме изговори, туку ќе даваме решенија како да се постигне тоа. Дека сме подготвени за храбри одлуки околу чекорите што сакаме да ги преземеме, зошто сметаме дека само на тој начин, откако ќе ги затвориме политичките прашања можеме да зборуваме со граѓаните за сите теми што ги интересираат секојдневно – како иселувањето, борбата против корупцијата и криминалот, растот на економијата… Сѐ се тоа прашања што уште повеќе ќе можеме да ги апострофираме и да ги решаваме ако продолжи процесот на евроинтеграција и се надмине овој застој.
Се плашите ли од заканите за реваншизам од ВМРО-ДПМНЕ?
Јас лично – не. Не дека не очекувам, ако дојде до промена на власта, дека ќе има реваншизам, бидејќи тоа е нивниот начин на владеење. Ако погледнете, и сега со начинот на којшто се однесуваат во техничката влада си го покажуваат своето вистинско лице. За жал, како политичка партија не еволуирале воопшто од тоа што го практицираа во периодот од 2006 до 2016 година. Можеби нам ни одговара да имаме таков политички противник, но тоа не е добро за демократијата во Македонија.
Ќе бидете ли носител на листата на СДСМ во Шестата изборна единица?
Сѐ уште немаме формална одлука, но во партијата знаат дека која и да е позиција да ми биде дадена, носител или некаде на некоја од листите, дека ќе ја изработам максимално професионално и одговорно.
Што ќе се смени со новиот закон за вработените во Министерствиото за одбрана што беше усвоен деновиве? Стануваат ли привлечни сега вработувањата во одбраната и во армијата?
Овој закон, пред сѐ, е насочен кон тие што досега беа административни службеници во Министерството за одбрана и за кои важеа истите правила како и за сите во јавната администрација околу вработувањето, унапредувањата и слично. Со време се покажа дека е невозможно да се одговори брзо, навремено и подеднакво квалитетно на процесите што ги спроведува ова Министерство, во кое пак е главното тежиште од пристапувањето на РСМ во НАТО. Горда сум што, и покрај неколкумесечните блокади на опозицијата, со 97 гласа беше усвоен законот и веќе почнува неговата имплементација, со исклучок на некои членови кои имаат фискални импликации заради забраните од членот 8 на Изборниот законик, но ќе се применуваат по изборите.
Идејата на овој закон не е само да се одделат вработените во Министерството за одбрана од системот на јавната администрација, туку да имаме систем кој може да одговори на предизвиците и на она што се случува во секоја земја членка на Алијансата. Со овој закон ќе добиеме вработени кои не само што ќе бидат подобро платени туку ќе бидат и помотивирани, поради системот за нивно унапредување кој не предвидува застој туку, напротив, буквално секогаш кога ќе има простор и ќе бидат создадени услови тие да бидат унапредени. Битен дел во него е како ќе реагираме на потребите за вработување на одредени критични специјалности, како ИТ експертите за кои сега е многу тешко, би рекла и невозможно, да ги привлечете да работат тука, како и задоволување на потребите за сајбер безбедноста. Таа ни е многу важна и во изминатиот период, заедно со поддршката на САД, вложувавме многу во опрема, но ако немаме соодветни човечките ресурси, тогаш системот не е комплетен. Има и други погодности како вработување на лица со посебни потреби бидејќи сметавме дека целосна инклузивност во едно општество не може да биде постигната ако не прифатите тие лица да бидат дел од институциите, а не да доаѓаат во нив само заради некоја потреба. Уверена сум дека Министерството за одбрана ќе биде позитивен пример од овој аспект. Ова се придобивки и за вработените, и за системот за одбрана и за државата.
Има ли проблем со регрутацијата на војници и што покажуваат пресметките, што е поскапо, но и што е подобро за Македонија – редовен воен рок или професионална војска?
Ние сме веројатно една од ретките земји што немааат проблем со регрутирањето на професионални војници и тоа го покажуваат податоците. На последниот оглас за вработување на професионални војници беа пријавени кандидати во сооднос еден спрема седум, односно за 300 објавени позиции имаше околу 2.200 пријавени кандидати, што покажува голем интерес. Но, она што беше уште подобро беше квалитетот на пријавените, бидејќи по сите проверки кои вклучуваат физички подготвеност, прихолошко тестирање и други лекарски прегледи останаа некаде околу 800 кандидати кои можеа да бидат избрани на овие позиции, така што квалитетот беше во сооднос еден спрема речиси три. Тој тренд беше забележлив и во претходните огласи така што во принцип, од аспект на атрактивноста на армијата, немаме проблем. И тоа, пред сѐ, се должи на континуираното подобрување на условите за работа и на стандардот на армијата. Сега засега трендот покажува дека во наредните години не би имале проблем.
Ако, пак, се земат предвид сите елементи, дека постојано и во континуитет ги обучувате тие луѓе, дека ги извежбувате во различни околности и за различен тип на вештини, кога би се вратил задолжителниот воен рок тогаш тие за девет месеци не би можеле да поминат низ истите процеси што ги поминуваат припадниците на професионалната армија низ години. Дури, според некои скорешни пресметки, се гледа дека за еден војник при задолжително служење на воениот рок од три месеци би потрошиле 530.000 денари, што е поприлично голема сума, а тој припадник откако ќе заврши со служењето на воениот рок не е веќе составен дел на армијата. Со професионалната армија и со концептот што го имаме сега практично се гарантира дека армијата постојано ќе биде во кондиција и дека постојано ќе се надоградува.
Бидејќи сме свесни за актуелните предизвици и закани, бидејќи ги следиме случувањата и во тек сме со она што се дискутира на сите НАТО состаноци и е запишано во стратешките документи на Алијансата, знаеме дека армијата секогаш треба да има поддршка од резервни сили, па по една година активно работење, комитетот што беше задолжен го направи концептот за развој на резервниот состав. Со него се предвидува формирање на резервни сили кои во секој момент ќе бидат во можност да дадат поддршка на армијата, без разлика дали ќе стане збор за воена состојба или за вонредна кризна ситуација. Дел од тие резервни сили ќе можат да учествуваат и во одредени мировни сили и операции и во редовно време. Тој концепт ќе ни овозможи развивање на резервни сили што ќе можат да бидат искористени секогаш кога е потребно како поддршка на армијата.