Пет скандинавски зимски правила за среќни деца


Родителите во Скандинавија имаат посебни начини да ги запознаат децата со зимата и да уживаат во студеното време. Како резултат на тоа, децата во Скандинавија се посреќни и поздрави бидејќи се навикнати на свеж воздух и движење, дури и во зимските месеци.

Ни претстојат уште неколку зимски недели, а снегот е на пат. Возрасните понекогаш претпочитаат да останат топли дома, но ако го сакате најдоброто за вашите малечки, само слушнете што мислат Скандинавците за зимата.

Скандинавските деца се сметаат за најсреќни и најздрави во светот, благодарение и на начинот на кој родителите се грижат за своите малечки во зима. Поминувањето време надвор е приоритет за скандинавските семејства, а еве ја нивната тајна за одгледување деца кои сакаат зима:

Не постои такво нешто како лошо време, само несоодветна облека

Скандинавците поминуваат време надвор без разлика на временските услови, но со соодветна зимска опрема. За да уживаат најмладите на отворено, многу е важно да се топло облечени, да имаат добри капи, шалови, ракавици, водоотпорни чизми и термална долна облека што ја носат под облеката.

Забава и уживање во природа

За да излезете, обично не е потребно да ги убедите децата, туку нивните родители. Ако постојано се жалите на зимата и студот, и детето ќе има таков однос кон зимата. Сепак, зимата е одлична и Скандинавците ги учат своите деца да уживаат во овој период од годината со заедничко скијање, санкање, правење различни фигури на снегот и заедничко чистење на дворовите. Најголем дел од слободното време го поминуваат надвор, дури и кога температурите се далеку под нулата. Се разбира, да се биде надвор не мора долго, само 15-20 минути на свеж воздух ќе направат голема разлика.

Нередот и нечистотијата се одлични

Во лето, на родителите обично не им пречи нивните деца да се извалкаат, додека во зима, кога сè е влажно и тешко се чисти, генерално се позагрижени тоа да не се случи и брзо ги предупредуваат најмалите да не влегуваат во калта. Меѓутоа, поинаку е во Скандинавија, каде играњето на отворено, со прсти, е многу посакуван дел од растењето. Во Норвешка, Шведска и Данска, калливи чизми, изгребани колена и купишта валкани алишта што малите деца ги извалкале надвор се доказ дека детето уживало во авантура и истражување на отворено.

Помалку распореди и планови, повеќе игра

Децата се природно активни, енергични и сакаат да поминуваат време надвор, дури и кога е студено, а скандинавските родители со задоволство им го овозможуваат тоа. Додека во многу други земји малечките се постојано зафатени со разни активности како тренинзи, курсеви и обврски, Скандинавците им дозволуваат на своите деца слободно да си играат.

Уживање прво надвор, па дома

Една од најдобрите работи за поминување време надвор на ладно време е чувството на удобност кога ќе влезете внатре, ќе се соблечете, ќе облечете удобна облека и ќе се гушкате под ќебе, можеби со топло чоколадо или шолја какао. Скандинавците многу добро знаат дека за да уживаат во пријатни моменти дома, прво мора да поминуваат време надвор и да бидат активни, било да е тоа играње, скијање или чистење снег.