Песков: Мир е можен доколку Киев се повлече од териториите под руска контрола


Дмитриј Песков

Русија е подготвена веднаш да ја заврши војната доколку Киев ја повлече својата војска од Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон — украински територии кои Москва ги смета за составен дел од својата територија, изјави денеска портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков за францускиот венсик „Ле Поинт“.

-Сите четири региони се вклучени во нашиот устав како неотуѓиви делови на Русија, изјави Песков.

Тој, исто така, истакна дека американскиот претседател Доналд Трамп не поставил никакви рокови за прекин на огнот во Украина, нарекувајќи ја идејата „несоодветна“.

– Трамп никогаш не одредуваше датуми. И ние не мислиме дека поставувањето краен рок е соодветно. Претседателот (Владимир) Путин поддржува прекин на огнот, рече Песков, нагласувајќи дека какви било преговори меѓу Москва и Вашингтон за обновување на односите треба да се гледаат одвоено од мировните преговори за Украина.

Сепак, Песков додаде: „Решавање на конфликтот со Украина не е можно без обновување на нормалните односи меѓу Вашингтон и Москва“.

Прашан за ставот на Путин за Трамп, Песков рече дека рускиот претседател „го почитува Трамп бидејќи тој е силна политичка фигура и силна личност“.

– Средбата меѓу Трамп и Путин треба да биде продуктивна. Во моментов се работи на подготвка на средбата, додаде Песков.

Тој истакна и дека двајцата лидери „првенствено ги бранат интересите на своите земји“, но споделуваат подготвеност „да ги решат најтешките прашања преку дискусии“.

„Фајнаншел тајмс“ денеска објави дека на средбата со специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, Путин изразил подготвеност да ги замрзне борбените дејства на постојната линија на фронтот, во замена за тоа Крим да се признае како руски и де-факто контрола врз останатите окупирани територии. Но Кремљ подоцна ја нарече таа информација „лажна“.

Американскиот претседател Трамп претходно предупреди дека Вашингтон ќе се повлече од мировниот процес ако некоја од страните го попречува напредокот.

Државниот секретар Марко Рубио ја откажа својата посета на Лондон, каде што денеска требаше да се одржат средби со претставници на Украина и ЕУ. Според Њујорк тајмс, причината е одбивањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски да прифати точка од американскиот мировен план што предвидува признавање на Крим како дел од Русија.

Истовремено, американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека прекин на војната е можен само доколку двете страни направат територијални отстапки. Според него, Украина би се откажала од дел од својата територија, а Русија би требало да врати одредени окупирани области.