„Пензионирање“ на РЕК Битола и вистинска праведна транзиција – единствениот пат за чист воздух и задоволни граѓани

Енергетската транзиција е неизбежна, како во светот, така и кај нас. Ќе дојде денот кога РЕК Битола ќе замине во историјата, но оттаму егзистираат оргомен број луѓе од Битолскиот регион. За чистиот воздух, кон кој сите се стремиме, тоа е единствениот пат, но она што е од курцијално значење е спроведувањето на праведна транзиција.

РЕК „Битола“ е најголем производител на струја во државата, а и еден од најголемите работодавачи во градот. Сепак, некои истражувања покажаа дека јагленот кој во моментот РЕК Битола го користи не е со добар квалитет и дека најголемото загадување на некој начин доаѓа од РЕК Битола.

Над 1300 смртни случаи и економска загуба од над 250 милиони евра, или нешто над три проценти од вкупниот бруто-домашен производ – ова е цената во човечки животи и во материјални средства што Северна Македонија ја плаќа секоја година поради загадениот воздух, покажуваат анализите на Светска Банка.

Извештаите на оваа институција постојано ја рангираат земјава во топ петте во Европа според последиците предизвикани од штетните ПМ-10 и ПМ-25 честички.

Штетните честички предизвикуваат болести на белите дробови, на срцето и на крвните садови – се наведува во извештајот, во кој исто така се посочува и на зголемената појава на хроничен бронхитис, астма и други помалку сериозни заболувања.

Сето ова резултира со 15.200 итни интервенции и посети на лекар, 770 третмани со пролонгиран престој во болнички услови и стотици илјади пропуштени денови на работа поради боледување, како и огромни трошоци за здравствениот систем.

Анализите на Здружението „Еко свест“ покажуваат дека секоја година термоелектраните на јаглен од Балканот испорачуваат на Европа сметка од 8,5 милијарди евра на име здравствени трошоци на граѓаните поради загадувањето. Проценката е дека штетите врз здравствениот систем во Европа поради штетните супстанции кои ги емитува земјава изнесуваат помеѓу 256 и 720 милиони евра годишно.

Загадувањето, освен локални и регионални, има и глобални последици. Стакленичките гасови ја задржуваат топлината во земјината атмосфера и придонесуваат за глобалното затоплување.

– Тешките одлуки се една од непријатните неопходности кога се планира развојот на земјата. Меѓутоа, доколку сакаме развој, особено во Битолскиот регион, единствената можна одлука е да се „пензионира“ РЕК Битола и да се даде сериозен акцент на вистинска праведна транзиција. Ова вклучува широки консултации со граѓаните и другите чинители за можностите и потребите за економски развој на заедницата кој нема да зависи од електраната, нагласи Невена Смилевска од „Еко-свест“.

Таа потенцираше дека, само со таков пристап оддолу-нагоре во донесувањето на одлуки, Битола ќе добие праведна транзиција. Во спротивно, како што рече, ќе добие само транзиција, која според поранешните искуства на транзиција ниту ќе биде праведна, ниту ќе биде пријатна.

Праведната транзиција значи дека оние кои што го планираат процесот треба да осигуруваат дека не само вработените, туку сите оние кои што зависат од нив ќе имаат можност за нормален живот во благосојстона и достоинство.

Целта е јасна – напуштање на традиционалните енергетски извори и преминување кон обновливи. Но, како да се стигне до таму? Освен желба, потребни се многу работа и многу пари. Но, доколку се совладаат сите пречки, на крајот, може да стигнеме до стабилен и еколошки енергетски систем. Во суштина, државата и нема алтернатива – резервите на јаглен секој ден се намалуваат.

Вистинската стратегија според екологистите се алтернативните, односно обновливите извори на енергија – сонцето и ветерот не се трошат, а уште поважно не загадуваат.

– Енергетската транзиција ќе се случи сама по себе. Прашањето е што ќе направите вие за да е таа енергетска транзиција прифатлива за граѓаните. Значи, не е само работата да се затвори РЕК „Битола“ кога ќе снема јаглен, значи во некој момент ќе се затвори, како и секој индустриски капацитет, значи тие немаат вечен живот. Било кој капацитет има одреден рок на траење, што се вика. Прашањето е како ќе ги подготвите вие граѓаните и регионот во којшто тој капацитет функционира, значи еден капацитет не ги поддржува само своите вработени, тој ги поддржува и оние кај што тие купуваат, ги поддржува учителите коишто ги учат децата на тие, значи многу е широк кругот којшто се создава околу еден капацитет, и сега како ќе го моделирате вие тоа менување е прашање коешто треба да го решат донесувачи на одлуки, посочи Смилевска.

Таа додаде дека ако се остави донесувачите на одлуки самите тоа да го решаваат, најчесто се користи принципот „од горе надолу“ – некој одлучил, наместо да се прашаат што тие сакаат.

– Секогаш најдобриот принцип е да ги прашате луѓето што сакаат, што на ним им треба, да видите како можете да им го обезбедите тоа задоволување на нивните потреби, како да се обезбеди. И после тоа да почнете со планирање на праведната транзиција на регионот. Тоа не мора да биде секогаш само за енергетски капацитет, значи тоа и за било кој други капацитети, значи ние сме сведоци дека едно чудо капацитети се затворија во Македонија во изминативе 30-тина години, и ништо од тоа не беше праведна транзиција. Токму заради тој, од горе-надолу пристап. Ако одиме со пристап од долу-нагоре можеби ќе имаме подобри резултати, истакна Смилевска.

Таа потсети дека во текот на февруари 2021 се случи долгоочекуваната најава на Владата за усвојување на зеленото сценарио од Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година. Декларирањето на насока на движење кон зеленото сценарио, како што рече, е одличен сигнал за тоа во која насока треба да се движат идните инвестиции во сите сектори, како и од каде можеме да очекуваме дека ќе доаѓа нашата енергија во наредниот период.

– Најавеното затворање на РЕК Битола, дури и кога станува збор за само еден блок, е одлука која става голем товар врз кој било донесувач на одлуки кој ќе ја објави, пред сѐ поради искуствата во изминатиот период со затворање на големи капацитети кои резултираа со неправедна транзиција на регионите во кои тие капацитети се наоѓаа. Веројатно токму затоа беше експлицитно наведено дека „вработените и целата јавност треба да бидат спокојни околу иднината на комбинатот“. За жал, она што беше најавено всушност се коси со зеленото сценарио и го подрива давањето насока на идните инвестиции во сите сектори, затоа што наместо да се најави целосно затворање на комбинатот како што е предвидено со зеленото сценарио и заложбите за декарбонизација, всушност се продолжува агонијата на Битолчани која вклучува живеење во екстремно загадена средина и зависност од капацитет кој, согласно плановите, сепак има ограничен рок на траење (иако бегло, беше најавено дека јагленот треба да се напушти 2030 или 2032 година), наведе Смилевска.

 

Таа посочи дека наместо потврдувањето на сигурната иднина на комбинатот, значително подобро би било да се најави праведна транзиција на Битолскиот регион преку насочување на сите инвестиции во сосем други гранки, наместо во инсистирање на продолжување на работата на комбинатот.

– Впрочем, самата Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година во своето зелено сценарио предвидува комбинатот да се затвори до 2025 година, а сепак енергетскиот систем да остане одржлив. Следствено, може да се претпостави дека одлуката за незатворање согласно зеленото сценарио, туку со поинаква динамика е водена од други мотиви, а не од одржливост на енергетскиот систем или желба за праведна транзиција на Битолскиот регион. Главниот проблем со ова декларативно најавување на зелено сценарио е што тоа им дава мешани сигнали на сите засегнати страни. На граѓаните не им е јасно што да очекуваат во својата околина и како да ја планираат својата иднина, а на инвеститорите, пак, им се праќа порака дека во оваа земја не се работи согласно стратегиите и дека поради тоа ова не е зона безбедна за инвестирање. Обата сигнали се крајно неповолни за сите нас, заклучи Смилевска.

Енергетската транзиција не само што е можна туку е и неизбежна. Ниту нашата земја ниту нашата планета немаат друга алтернатива. Колку побрзо се пристапи кон промените, толку ќе бидат помали и штетите кои се мерат, не само во природни ресурси, финансиски средства туку и човечки животи.