Пендаровски за „Ал Џезира“: Западен Балкан не е сосед на ЕУ


Претседателот Стево Пендаровски во интерјву за Ал Џезира Балканс вели дека неговата реакција на одлуката на Еу да не даде датум за преговори била емоционална, а претпоставува како на поголемиот дел од граѓани.
– За жал, трипати сме биле во слична ситуација во однос на нашите аспирации да бидеме еден ден полноправна членка на сите меѓународни организации. Во 1992-та ја имавме познатата Лисабонска декларација со која тогашната Европска унија ни рече дека зборот „Македонија“ не смее да се содржи во вашето име ако сакате  да бидете признаени како држава. Тоа беше страшен удар, паметам на ниво на обични граѓани, не можевме да веруваме дека некој од надвор ќе ви диктира една таква работа. Во 2008 година бев дел од македонската делегација на Самитот на НАТО во Букурешт кога само заради противење на една земја членка, на Грција, сите други беа „за“, вклучително и Соединетите Американски Држави, бевме одбиени за членство и во тој момент рековме, каде сега и како понатаму? И сега, по трет пат, ни се случува повторно заради противење објективно на една земја-членка, иако станува збор за немање одлука на целата организација. да не можеме да продолжиме и не беше едноставно. Мојата идеја за лидерската средба беше да ги собереме сите релевантни политички лидери, да ги соочиме со сите информации кои ги имаме ние што сме сега во позиција да ги имаме, да им ги соопштиме и да побараме реафирмирање на таа наша стара стратешка цел и заложба за целосна интеграција во тие структури, меѓутоа сега разликата е во тоа што не стануваше збор само за обично одбивање и ние треба само да реафирмираме, ние сме и понатаму за ЕУ, затоа што на маргините на дебатата во Брисел и во Луксембург, на маргините не на главните Самити, меѓутоа од релевантни европски политичари беа споменувани и алтернативни модели на интеграција и тука беше проблемот.

Тој вели дека не постои подобра алтернатива од членство во Европската Унија.

– Алтернативи има колку сакате, опции колку сакате, меѓутоа поодржлива, поефикасна за нас на оваа локација географска на Балканот, со ваква хетерогена структура на популацијата, не постои. Тоа го покажуваат сите реални, објективни анализи. За што стануваше збор? На маргините на таа дебата се спомнуваше дека ние сме дел од некакво соседство. Соседството во однос на Европската унија е друга категорија, сосема друг статус на држави. Соседи на Европската унија се централно-азиските држави, на пример или северно-африканските држави, тој појас. Ние не сме соседи, ние сме и структурно и географски, но и институционално дел од Европа. Дали ќе бидеме и членки и кога ќе бидеме зависи од исполнувањето на критериумите. Меѓутоа ние не сме соседи. Целиот Западен Балкан не е третиран како сосед на ЕУ, туку како дел од ЕУ, односно дел кој еден ден ќе биде дел и од институционална Европа. Или се спомнуваа фрази како, на пример, можеби со тие држави од Западен Балкан треба да направиме нешто, да воведеме специјални партнерства. Тоа повторно не е членство. Ние не можеме да се залажуваме со посебни партнерства или на пример, еден израз кој претпоставувам нашите граѓани не го ни имаат чуено освен експертите кои се бават со Европската унија, има една категорија на асоцирање со ЕУ, не членство, кое се нарекува европска економска зона. Постои години и години. Тоа е да бидете само дел и тоа парцијално од заедничкиот европски пазар, не и од политичките институции. Нам ни треба Европа заради вредности, не ни треба само заради пазарот. Јас постојано кога компарирам на луѓево кои сеуште се скептици во таа смисла, им велам причините заради кои Велика Британија ја напушта Унијата, сака да ја напушти Унијата се сосема различни од причините заради кои ние сакаме да бидеме внатре во Унијата. Нам ни требаат принципи по кои успешно се уредува едно општество, да ги усвоиме како наши за да просперираме. Со овие алтернативни форми на усојузување ние не можеме да просперираме.
Смета дека ни новата методологија за приклучување на новите кандидати за членство во Европската унија што ја предлага Макрон  не е проблем.
– Никаков проблем со каква сакате методологија за преговори вклучително и она што вие го нарекувате со други зборови, а тие го нарекуваат реверзибилност на процесот. Можете сите поглавја да ги отворите и затворите ако во меѓувреме назадувате во било кое од тие 35, тие ќе ве вратат на почетокот на процесот. Ние нема од што да се плашиме ако назадуваме. Има држави членки на Европската унија кои назадуваат на некои полиња и нив не можеш да ги истераш од Унијата, меѓутоа и дел од нив се под закана од санкции внатре со губење на глас или губење на некои фондови, а не пак оние кои допрва треба да станат членки. Ние немаме проблем со реверзибилноста и со подобрената методологија. Ние ургираме да биде тоа така. И во наш интерес е, не во интерес на европските бирократи, во интерес на нашиот народ е да не се враќаме назад. Ако сме затвориле слобода на медиуми, на пример, а во меѓувреме одиме назад со трендовите, ќе се вратиме назад на почетокот на тоа поглавје, значи немаме проблем со тоа, и дури велиме дајте, и за нас е подобро да не биде само формално штиклирање на поглавјето и да се фалиме. Тоа е една гола статистика, 15 отворени, 12 затворени. Не ни треба, нам не ни треба тоа.

Претседателот вели дека нѝ требаат суштински реформи внатре, а не бирократско одработување на работата.

– Нам нѝ треба суштинска, вистинска трансформација на општеството во сите клучни сегменти, администрација, судство, политички институции, политичка култура, политички партии, медиуми, тоа е битно.