Пендаровски побара да престане привилегирањето на тие што не го почитуваат законот

Доколку големата автобуска несреќа, како и некои претходни, не добие судска завршница во разумен рок, недовербата на граѓаните само ќе расте и ќе се создаде плодна почва за авторитарни и популистички лидери кои ветуваат „брза и ефикасна” правда, рече Пендаровски.


Фото: Б. Грданоски

Неселективност во владеењето на правото и одговорноста се најдобриот начин да ја надминеме општествената апатија која се шири и разочарувањето, особено меѓу помладите, кои не веруваат дека некогаш во оваа држава може да има правда. Многу истражувања потврдуваат дека емиграцијата на нашите сограѓани, во голема мерка, не е предизвикана само од егзистенцијални причини, туку и од квалитетот на животот, истакна претседателот Стево Пендаровски во денешното годишно обраќање во Собранието nа кое присуствуваат претседателот на Парламентот Талат Џафери, премиерот Зоран Заев, пратеници, министри, а го следат и претставници на дипломатскиот кор и на медиумите.

Со други зборови, како што рече шефот на државата, луѓето заминуваат во оние држави каде што има правда, таму каде што и најбогатите и најмоќните одговараат за кршењето на законите, исто како и луѓето кои се истуркани на периферијата на животот.

-Реформите во сферата на владеењето на правото се далеку најважниот приоритет за државата и според моја проценка тоа ќе бидат и треба да бидат и во годините што се пред нас, сосема независно од нашето темпо на приближување кон Брисел. И покрај одредениот напредок, констатиран во последниот Извештај на Европската комисија, останува нашата стара обврска која неретко не ја почитуваме, реформите да ги имплементираме во пракса до крај, нагласи Пендаровски.

Според него, најважен аспект во изградбата на функционална правна држава е еднаквоста пред законот, односно, неселективноста на правдата.

-Со законите што ги носиме не смееме да ги привилегираме оние кои не го почитуваат поредокот, наспроти оние кои го почитуваат. Посебно разочарува тоа што, за жал, сите релевантни истражувања на јавното мислење го докажуваат растечкото чувство меѓу граѓаните дека во државата владеее културата на неказнивост. Единствениот начин да ја вратиме довербата во институциите е да имаме правна завршница во секој случај каде што постои сомневање за сторени кривични дела, посочи Пендаровски.

Во контекст на тоа додаде дека големата автобуска несреќа во која загинаа 45 наши граѓани е само последниот во низата вакви случаи.

Минута молк за загинатите во несреќите во Бугарија и Тетово и жртвите од ковид (Фото: Б. Грданоски)

 

– Доколку овој, како и некои претходни случаи не добијат судска завршница во разумен рок, недовербата на граѓаните само ќе расте. Општество со такви тенденции е плодна почва за појавата на авторитарни и популистички лидери кои наместо квалитетен процес ветуваат „брза и ефикасна” правда, рече Пендаровски.

На почеток од обраќањето Пендаровски ги повика присутните да им оддадат едноминутна почит на нашите сограѓани кои ги изгубија своите животи во сообраќајната несреќа во Бугарија, во пожарот во модуларната болница во Тетово и на сите оние кои оваа година починаа од КОВИД -19.

Пендаровски исто така се осврна на придобивките од членството во НАТО.Претседателот истакна дека низ примери од годинава може искуствено да се види дека инвестирањето во одбраната значи инвестирање и во справувањето со тешки ситуации и во сосема други области. Сите, нагласи Пендаровски, бевме сведоци за ангажираноста на Армијата во текот на најголемите пикови на пандемијата кога делови од армиските единици беа ангажирани во поддршка на здравствените и други институции во државата иили на пожртвуваното учество на Армијата во справувањето со пожарите во текот на ова лето.

-Членството во НАТО ни помага подобро да се носиме и со старите, но и со новите безбедносни закани. Следната голема реформа која е веќе во тек во западните системи на областа на одбраната, безбедноста и разузнавањето е заради подобро соочување со хибридните и кибер/сајбер закани, и со нивниот најистурен аспект, дезинформациите. Пандемијата ни покажа колкава може да биде моќта на дезинформациите врз јавното мислење. Наспроти сите егзактни статистички показатели кои докажуваат дека помошта во медицинска опрема и вакцини од Европската Унија и на билатерална основа од десетина членки на западната алијанса е убедливо најголема, генералната перцепција меѓу граѓаните е дека западниот Балкан беше заборавен од нашите сојузници, рече претседателот Пендаровски.

Тој верува дека наш национален интерес е, час поскоро, на системски начин, да почнеме да ја унапредуваме медиумската писменост на граѓаните, особено на младите во основните и средните училишта. Тие дигитални генерации се деца на глобализацијата, пораснати се на интернет, и за да не станат први жртви на дезинформациите треба да знаат самите да ги препознаваат. Во спротивно, вели, самопрогласените пророци на социјалните мрежи ќе ја добијат битката со најголемите светски умови и ќе натераат многу наши граѓани да веруваат во конспиративните теории, наместо во науката и здравиот разум.

-Во врска со новите безбедносни предизвици сакам да укажам на една потенцијална опасност со која се соочуваат и многу држави, далеку поразвиени од нас и во економска и во демократска смисла. Имено, зад параванот на таканаречените големи инвестиции и инфраструктурни вложувања некогаш се кријат стратешки мотиви за полесен пристап кон нас и овој дел на Балканот. Како дел од обврските што сега ги имаме како членка на НАТО, но, и заради усогласување со европската безбедносна политика, минатата година со американската влада потпишавме Меморандум за разбирање со кој се оневозможува инсталирање на чувствителна телекомуникациска опрема која може однадвор да биде злоупотребена за собирање податоци за македонските граѓани. Со други зборови, државата има обврска сите најави за големи странски вложувања да ги проверува и од безбедносен и од стратешки аспект, независно колку тие изгледаат економски атрактивно на прв поглед, рече претседателот Пендаровски во обраќањето.

Според него, исто така, исклучително важна е департизацијата на институциите во сферата на одбраната и безбедноста. Политиката, нагласува, мора да ја држиме што подалеку од армиските редови и од службите.

-Вработените во овие институции, се разбира, како и секој граѓанин, имаат право на свое лично политичко убедување, но, кога во нивното работење се соочуваат со дилемата: партијата или државата, тие мораат да ѝ служат единствено на државата, независно од политичката гарнитура на власт. Припадниците на безбедносните служби кои сакаат да се бават и со нивната професионална работа и со политика, ќе мораат да се определат или за едното или за другото, рече Пендаровски. Тој во говорот потсети дека земјава пред еден месец потпиша заедничка декларација со НАТО со која и формално го заокруживме процесот на военото интегрирање во Алијансата.

На обраќањето на претседателот не присуствуваа само пратениците на Левица кои го нарекоа настанот „формалистички театар“.

-Сметаме дека човек кој е безгласна буква во внатрешната и во надворешната политика и не реагира на повампирениот бугарски неоврховизам, којшто го негира постоењето на македонската нација и на македонскиот јазик, нема ништо паметно да каже и затоа не го заслужува вниманието на нашите пратеници и на пошироката јавност, порачаа од  Левица.