Пендаровски: Џамбаски „продава“ фашизам во ново руво
Според шефот на државата јасно е дека на Софија не и се допаѓаат нашите одговори на петте точки, но и ние имаме црвени линии од кои никој не може да отстапи кога и да бидат одново поставени бугарските услови
Претседателот Стево Пендаровски во интервју за Телма беше категоричен дека новиот бугарски премиер Кирил Петков носи нови тонови во спорот.
-Ако веќе доаѓа човек кој вели нема да зборуваме за етничката припадност на цар Самуил, туку и за други работи кои ги тангираат граѓаните, тоа е веќе многу помодерен пристап. Ова е веќе подобро отколку што имавме до неодамна, особено со 2-3 перјаници од претходната владата, ги знаеме, да не ги споменувам. Ако паметите вчера или завчера, имаше еден (европратеникот Ангел Џамбаски) од таа групација, која не можеше да го помине изборниот праг, повторно од Брисел или Стразбур ни продава некаков фашизам, спакуван во ново руво, вели Пендаровски во гостувањето на емисијата „Топ тема“.
Според него, премиерот Кирил Петков сака разговор на повеќе полиња и тоа е сега најважно.
-Историската комисија е важна за да надополниме нешто во историјата, но не можеме да зборуваме само за тоа и да вреднуваме според неа, кој ќе влезе во ЕУ, истакна Пендаровски и додава дека рокот од шест месеци е предолг за спорот со Бугарија.
Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски во видео објавено на неговиот Фејсбук профил изјави дека нивниот премиер Кирил Петков должи итно објаснување бидејќи бугарскиот став на темата Македонија не може да се смени.
-Тој почива на основниот факт дека Македонија е Бугарија, втора бугарска држава на Балканот, како што ние од мојата партија постојано изјавуваме. Премиерот Петков должи итно објаснување. Во спротивно, ќе мислиме дека подлегнува на притисокот на антибугарските сили и оти игра според нотите на странски агентури и странски земји кои се обидуваат да ја нарушат бугарската позиција за Македонија. Тоа е неприфатливо и недопустливо, се вели во пораката на Џамбаски до премиерот Петков.
Пендаровски потсети дека за бугарската резолуција, со која се блокираше отварањето преговори за Македонија, во бугарското национално Собрание беше изгласана со повеќе од 200 гласови за, и ниту еден против од 250 члениот парламент. Рече дека реториката во изјавите кои ги додаваат на главните документи во Брисел, е апсолутно иста со реториката на претходната влада. Тој соопшти дека ги испратиле одговорите на последните 5+1 барања од Софија, но сѐ уште немаат добиено официјален одговор, освен последната блокада во Брисел. Со денешното вето, според него, е јасно дека не им се допаѓаат нашите одговори за тие неколку точки, а станува збор за црвени линии од кои никој не може да отстапи, така што и во фебруари, и во март или кога и да е да бидат поставени, нашиот одговор ќе биде ист.
Пендаровски оцени дека ваков услов, не само што пред никого не бил поставен, туку нема никаков контакт со сетот критериуми со кои се соочила некоја кандидатка за членство.