Пендаровски до ВМРО-ДПМНЕ: Не е потрошен ниту денар од буџетот на претседателот


Фото: Б. Грданоски

Од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски реагираа на критиките од ВМРО-ДПМНЕ дека само си нарачале и платиле со народни пари истражување во кое стои дека шефот на државата ужива најголема доверба од другите политички институции во земјата.

„Кабинетот на претседателот Пендаровски нема нарачано, платено, ниту спроведено анкета за истражување на јавно мислење. Носител на анкетата за јавно мислење е „Институтот за демократија – Социетас Цивилис“. Ниту еден денар не е потрошен од буџетот на Кабинетот на претседателот Пендаровски. Финансиските средства за анкетата се обезбедени од буџетот на „Институтот за демократија – Социетас Цивилис“. 

Настанот на кој се презентираше анализата и имаше дебата е организирана во рамки на редовните активности на Претседателскиот центар за политичко образование и во согласност со Меморандумот за соработка склучен со Институтот за демократија. Целта на истражувањето е популизмот и авторитарните тенденции како негативен општествен и политички феномен. Изразот „Човек од народот“ не се однесува на претседателот Пендаровски, туку е анализа на ставовите на граѓаните во однос на популистичките тенденции во политиката“, стои во реакцијата на кабинетот.