Партиско-бизнис препирки околу акцизите за нафтени деривати


Власта и опозицијата се поделија за предлогот на Стопанската комора на Македонија за зголемување на акцизите на дериватите и за изедначување на екстралесното гориво со дизелот

Акцизите на нафтените деривати повторно се најдоа во средиштето на вниманието во јавноста, но послужија и како поле за своевидна партиско-бизнис пресметка. Овој пат поводот е предлогот на Стопанската комора на Македонија за зголемување на акцизата на дизелот и бензините за два денари, но и за изедначување на акцизата на екстралесното гориво (ЕЛ-1) со акцизата на дизелот.

Работата е малку комплицирана: од една страна е предлогот на најстарата и најголема асоцијација на стопанственици, кој во еден дел беше поддржан од Министерството за финансии (оној за два денари поголема акциза), додека за другиот дел (изедначување на акцизата на ЕЛ-1 со дизелот) се уште не се знае. На спротивната страна е опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но изненадувачки, делот од предлогот што не помина кај Министерството за финансии, доби поддршка од еден од висок функционер во ВМРО-ДПМНЕ. За целата конфузија да биде поголема, против Стопанската комора на Македонија застанаа (очекувано) превозниците, но и претседателката на втората по големина асоцијација на стопанственци во земјава.

Приказната се одвиваше на следниов начин: Прво Стопанската комора на Македонија излезе со обемна анализа во која предложи постојната акциза за безоловен бензин да се зголеми за два денара на износ од 23,692 денари, акцизата за гасно масло кое се користи како погонско гориво (евродизел гориво) да се зголеми за два денара на износ од 17,121 денари, додека акцизата за гасното масло што се користи како гориво за греење (екстралесно гориво) да се изедначи со акцизата за дизел горивото , односно да изнесува 17,121 денари.

Решенија „надвор од кутијата“

„Со предложените мерки, во просек во државниот буџет, по основ на акцизи и ДДВ од продажбата на нафтените деривати, на месечно ниво би се прибрале средства поголеми за 3,8 милиони евра, односно 46,2 милиони евра на годишно ниво“, соопштија од Стопанската комора.

Решенијата за кризни ситуации, како што објаснија, вообичаено значат да се размислува „надвор од кутијата“.

„Веќе на сите ни е јасно дека никој нема да може да ги одбегне негативните економски ефекти кои со себе ги донесе коронавирусот, прашањето е само како да успееме што помалку засегнати да излеземе од ситуацијата“, стои во анализата.

Дел од големите дистрибутери на нафтени деривати во земјава, исто така го поддржаа предлогот.

(Илустрација: Стопанска комора на Македонија)

Меѓу оние кои се најмногу засегнати од ваквото решение сигурно се транспортерите. Не требаше многу да излезат со своја реакција. Асоцијацијата на камионски превозници Макам-транс го оцени предлогот како неприфатлив, нерационален и несолидарен. Од таму велат дека тоа може да биде иницијална каписла за појава на инфлација која ќе нанесе штета на сите микро, мали и средни трговски друштва и земјоделците, како и дека полза ќе има само една мала група олигарси.

Потоа, на прес-конференцијата по средбата меѓу министерите за економија и за финансии со претставници на угостителите, министерката Нина Ангеловска, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека за неа е прифатливо зголемување на акцизата за два денари, но го прескокна делот за изедначување на акцизата за ЕЛ-1 со онаа на дизелот. Ангеловска исто така најави дека веќе се подготвува предлог-уредба со која ќе излезе на владина седница за зголемување на акцизата. Не е ни чудно, бидејќи ваквиот потег ќе значи неколку десетици милиони евра повеќе во испостената државна каса.

Веднаш потоа се јавија од ВМРО-ДПМНЕ.

„Доколку се донесе ова како предлог од стопанските комори, а прифатено од владата да се покачи акцизата за 2 денари, тоа ќе значи над 35 милиони евра директно врз грбот на граѓаните“, реагираше ВМРО-ДПМНЕ преку портпаролот Димче Арсовски, кој додаде дека мерката ќе удри врз животниот стандард, цените на патниот транспорт, на прехранбени продукти и тн.

„Со оваа мерка дополнително, која ќе влијае врз стотици и стотици мали и средни претпријатија постои можност да се затворат истите и да ги отпуштат своите вработени од работа“, рече Арсовски.

Случајно или намерно, Арсовски не го спомена делот од предлогот за изедначување на акцизата за екстралеснотo гориво, со онаа на дизелот. Можеби затоа неговата математика зборува за 35 милиони евра, а не за 46,2 милиони како кај Стопанската комора.

Но, вечерта во прилог на Телма, водечкиот економист во партијата и поранашен министер за финансии, Трајко Славески изјави дека единствено за што треба да се размисли е изедначување на акцизата на екстра лесното масло со дизелот каде се прават и големи малверзации.

„Ме чуди што овој предлог доаѓа од Стопанската комора на Македонија, ако се има во вид дека ваквата мерка ќе значи зголемување на трошоците на претпријатијата кои се и самите членки на оваа комора. Мислам дека не треба да се прифати овој предлог за зголемување на акцизата на течните горива. Единствено треба да се размисли за делот од предлогот за изедначување на акцизата за екстра лесното гориво со таа на дизелот“, изјави Славески за Телма.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи се огласи и претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска, која кусо прокоментира: „Ептен е солидарна олигархијата, најдоа решение на грб на сите граѓани и малото стопанство, а во интерес на 2-3 фирми што се олигопол во државата. Само напред далеку ќе стигнете! Државна помош #акциза/во/криза.“

Акцизите се жешка тема со години

Не е прв пат акцизите да бидат жешка тема. Слично беше и во почетокот на мандатот на владата на СДСМ, кога како една од првите мерки беше зголемена акцизата на дизелот за три денари, што тогаш беше образложено со дестимулирање на потрошувачката на овој вид гориво и усогласување со европската праактика. И тогаш ВМРО-ДПМНЕ реагираше жестоко. Но, дел од економистите мерката ја објаснија како „противтежа“ на олеснувањето кое СДСМ им го овозможи на граѓаните укинувајќи ја радиодифузната такса и потврдувајќи ја така старата економска аксиома дека „нема бесплатен ручек“.

(Илустрација: Стопанска комора на Македонија)

Пред седум-осум години, пак, во екот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, сликата беше поинаква – тогаш цените на дериватите уриваа рекорди, па СДСМ беше тој што бараше пониски акцизи со цел да поевтинат горивата и така да станат подносливи за граѓаните, но и за фирмите. Тогашната власт долго време се опираше, бидејќи акцизите и ДДВ-то беа извонреден приход за Буџетот и за се поголемите апетити за трошење јавни средства. Но, кога работите се заканија со несогледливи последици врз стопанството, сепак, попушти намалувајќи ја времено акцизата.

Сега ситуацијата на светскиот пазар на сурова нафта е целосно спротивна. Цените повторно уриваат рекорди, но во обратен правец, достигнувајќи повеќегодишен миниумум. Причините најмногу лежат во влијанието на пандемијата со корона вирусот врз светската економија, но и во различните интереси на водечките земји извознички да се договорат околу производните квоти.

Со ваквите цени, државата во целина заштедува пари за увоз на нафта и нафтени деривати, но од друга страна има и помалку приходи поради акцизите и ДДВ-то. Приходите во Буџетот се намалуваат драматично, па очигледно Владата бара разни начини да ги пополни дупките. Според најоптимистичките процени на Министерството за финансии приходите годинава ќе бидат помали за 700 милиони евра, а ако продолжи корона кризата недостигот може за достигне 900 милиони, па дури и 1,3 милијарди евра.

Околу 22 отсто од вкупните даночни приходи во државниот Буџет се од наплатени акцизи. Лани на пример, како што се вели во анализата на Стопанската комора, од акцизи во Буџетот се слеале 422 милиони евра. Прашање е меѓутоа дали годинава ќе може да се постигне тој износ, пред се поради намалената потрошувачка.  (М.Ј.)