Мицкоски: Народ кој не ја познава својата писменост лесно станува туѓ во сопствената историја
Кога Константин Филозоф – Свети Кирил ја создавал глаголицата, а заедно со својот брат Методиј ја ширел просветителската мисија меѓу Словените, тие не создавале само писмо. Тие создавале можност цели народи да станат рамноправен дел од духовната и културната историја на Европа. Во едно време кога знаењето било привилегија на малкумина, тие испратиле порака која и денес е современа и моќна – дека секој народ има право на образование, на култура и на духовен израз на свој јазик. Токму затоа нивното дело е поголемо од историски настан. Тоа е победа на светлината над темнината. Победа на знаењето над покорувањето…
Тоа го истакна претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во обраќањето на свеченоста по повод одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј одржана во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид.
Премиерот пред присутните потсети дека постојат цивилизации кои својата големина ја мерат преку освоени територии, богатства и империјална моќ, но, и дека постојат и народи кои опстојуваат преку словото, преку книгата, преку образованието и преку духовноста. И народи кои го имаат испреплетено патот на духовна и културна ренесанса со жесток револуционерен непокор. За нив, рече, дека се народи кои не исчезнуваат лесно.

– Затоа овој голем ден го одбележуваме преку пораката „Од слово до вечност“, која носи длабока смисла. Зашто словото не е само напишан знак. Словото е паметење. Словото е идентитет. Словото е духовен дом на еден народ. „Народ што не ја познава својата писменост и култура, лесно станува туѓ во сопствената историја.“ Тоа не е само историска поука. Ова е и современо предупредување, рече тој.
Премиерот посочи дека современиот живот носи огромен технолошки напредок, дека светот се менува со невидена брзина, време во кои вештачката интелигенција, дигиталните технологии и глобалните процеси отвораат нови хоризонти, но истовремено носат и опасност од површност, духовно осиромашување и губење на суштината.
– Држава може да изгради патишта, мостови и фабрики, но ако не создава образовани генерации, таа гради без темели. Светите Кирил и Методиј тоа го разбирале пред повеќе од единаесет века. Тие знаеле дека народот не се издигнува само со политичка моќ, туку пред сè со духовна зрелост и со просвета. Затоа нивната мисија не била мисија на доминација, туку мисија на просветлување. И токму тука лежи нивната безвременска големина. Тие не ги учеле луѓето само да читаат. Тие ги учеле да станат свесни за сопственото достоинство. А достоинството започнува тогаш кога човекот ќе научи да мисли со своја глава, да носи свои одлуки и да се бори за своите ставови, рече тој.
За одговорот чии се браќата Кирил и Митодиј, тој рече дека одговорот треба да се бара во реалниот факт дека нивното дело ги надминува нашите граници и тие му припаѓаат на светот, а нивното дело е паметник за тоа како еден народ се воздигнал и ги создал своите најголеми светилишта низ борба, наука и слово.
Во обраќањето пред државниот врв и претставници на општествениот живот, тој се осврна и на теми од реалното живеење. Зборувајќи за образовнието рече дека токму квалитетното образование е најсилното оружје против сиромаштијата и најсигурната шанса за успех е образованието.
За борбата против корупцијата и постигнувањето правда, тој рече дека го разбира незадоволството и негодувањето кај луѓето кои сè повеќе губат трпение од испораката на правдата, истакнувајќи дека лично и самиот не е до крај задоволен, сметајќи дека може многу, многу подобро и со многу побрзи резултати.
– Немојте да мисли кој било од вас дека не ги слушам оние крици на луѓето кои ѝ се смеат на правдата, кои мислат за себе дека се непобедливи и дека ја измамиле правдата. Денес тие се најгласните критичари на Владата и пресоблечени измамници кои се најзагрижени за тоа дека немало правда. Ним, и на оној дел од обвинителството кој сè почесто смислува изговори, им велам дека трпението е при крај и дека правдата ќе ги стигне сите. Без оглед на тоа какви изговори слушам, трпението е при крај и јас внимателно следам, рече тој, истакнувајќи дека нема да премолчи кога мисли дека се греши, ниту кога мисли дека треба побрзо да се реагира и кога фиоките во институциите се полнат со пријави и тужби за кои обвинителството треба да реагира побрзо.
За себе рече дека не влегол во политиката за смислување изговори, туку за ставање ред, за постигнување правда и владеење на законите.
– Нема да отстапам од тоа да им дишеме во врат на оние кои се богатат и печалат на маката на народот. Ова е последната шанса на оваа генерација да создаде нешто вредно што ќе остане за сите наредни, порача Мицкоски.
За интегративните процеси на државата посочи дека таа се соочува со сериозна и неправедна блокада во нејзините интеграции.
– И можам да ги разберам, иако не ги оправдувам, позициите на Бугарија. Но не можам да ги разберам, ниту оправдам, домашните политичари кои делуваат како специјални пратеници на премиерот на соседната држава. Тоа што тој го зборува, тоа го зборуваат и домашните политичари и нивни претставници. Поразително. Тоа нè поразува и како нација, рече Мицкоски.

За државата истакна дека мора да влезе во Европската Унија и дека тоа е неминовно, но мора да се сочува достоинството и да се бориме за она во што веруваме, а концептот на обединување мора да се постигне на здрава основа.
– Затоа јас повикувам на народно и интелектуално обединување на државата. Тоа што некои се лидери на политички партии во опозицијата и ја имаат таа улога, не значи и дека се лидери на својот народ…Затоа да се обединиме сите интелектуални кругови и да си подадеме рака. Ова е последната шанса за Македонија. Мораме да ја искористиме, рече тој притоа забележувајќи дека одбивањата за обединувањето се осудени на пропаст.
Во таа насока, тој посочи на големата обврска пред кои стои исправена државата, да се изгради општество во кое учителот повторно ќе биде авторитет, во кое книгата ќе има поголема тежина од сензацијата, во кое младите нема да бидат воспитувани да бараат брз успех без труд, туку да разберат дека вистинската вредност се создава со знаење, дисциплина и истрајност.
– Зашто народ што престанува да чита, полека престанува и да размислува. А народ што престанува да размислува, станува лесен плен на поделби, манипулации и туѓи влијанија. Светите Кирил и Методиј ни оставиле повеќе од азбука. Ни оставиле цивилизациска обврска. Да не дозволиме словото да стане празна форма. Да не дозволиме образованието да стане само формалност. Да не дозволиме младите да ја изгубат вербата дека знаењето има вредност. Затоа што иднината на една држава не се мери само со бројки и статистики. Таа се мери со тоа колку образовани, достоинствени и свесни генерации создава, рече тој.
Оттаму, како што истакна при поклонувањето пред светите браќа Кирил и Методиј, иднината им припаѓа на народите што веруваат во својата култура, во својата младост и во својата духовна сила.
– А ние имаме со што да се гордееме. Имаме јазик што преживеал векови. Имаме култура што опстојала низ премрежија. Имаме народ што знаел и кога било најтешко – да не се откаже од себе. Тоа е нашата сила. Тоа е нашата вертикала. Тоа е нашата вечност…Империите се рушеле, границите се менувале, владејачи доаѓале и заминувале. Но словото останувало. И токму преку словото, народите станувале вечни, порача премиерот.
Свое обраќање на свеченоста имаше и претседателот на МАНУ, Живко Попов, кој рече дека словенската цивилизација позната како цивилизација на писмото и книгата во рамки на европската цивилизација и историја, е зачната и израсната на оваа земја, зачувана и пренесена низ традициите на МПЦ…

– Ние денешните генерации потомци на светит Кирил и Методиј, сме обврзани низ континуирани научни истражувања, заеднички да ја проучуваме во сите нејзини сегменти, афиримирајќи ги највисоките достигнувњата и цивилизациски вредности од почетоците се до денешни дни, рече тој.
Тој уште потсети дека македонските цркви и манастири, особено оние во Охрид, до 19 век биле полни со ракописи и црковени книги на словенски јазик, но голем дел од нив, поради нестабилните времиња, се однесени и денеска ги има во речиси сите словенски држави.
– Наша должност е да ги вратиме, назад, барем во дигитална форма. Тоа е процес што трае и во кој е вклучена и МАНУ. Досега е извршена раституција на околу 250 такви ракописи, но се проценува дека нивната бројка достигнува и до две илјади. Сите по потекло од Македонија, настанати во период тод 10 до 20 век, рече Поповски.
Во име на МПЦ-ОА, обраќање имаше Епископот Хераклејски, г. Климент, кој меѓу другото потсети дека под небоземните сводови на „Света Софија“ се испишувала историјата на древната Охридска архиепископија, која низ бурни и свештени времиња успеала да ги прегрне и негува своите духовни чеда, но и сите православни христијани…

– Нашите мудри предци знаеле дека говорот е ништо без словесноста, дека историјата е јалова без вечноста, дека човекот е нецелосен без Бога. Затоа сакале да се ологосат, својот живот да го соединат со Словото божјо и одовде литургиски да го богословуваат Царството небеско, но не за да го ограничат географстки, туку себеси да се рашират до недофатливите димензии на растот Христов…Истокот ја богословил, а Западот ја потврдил себежртвената и безрезервна раноапостолска мисија на браќата Кирил и Методиј. Таа овде во Охрид е посведочена преку крштението низ кое се ословесивме и преку азбуката низ која се ограмотивме, не само ние, туку и мноштво други братски народи со кои имаме единство во верата, рече тој.
Претходно, во рамки на чествувањето на Денот на светите браќа Кирил и Методиј, делегации на државниот врв и на претставници на политички партии, на Општина Охрид и на положија цвеќе пред споменикот на светителите на Градскиот плоштад во Охрид./МИА