ОЈО ГОКК ја презема истрагата за палењето на возилата на бугарската амбасада
Загрозени биле лица под меѓународна заштита – ОЈО ГОКК ја презема истрагата за палењето на возилата на бугарската амбасада.
Основното јавно обвинителство Скопје му ја предаде истрагата за палењето на двете дипломатски возила на бугарската амбасадата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ОЈО ГОКК.
„Постапувајќи по поднесената пријава во врска со опожарувањето на автомобили пред објектот на бугарската амбасада во Скопје, за кое беше поведена постапка против едно лице за кривично дело – предизвикување општа опасност, Основното јавно обвинителство Скопје дојде до сознанија што упатуваат на можни елементи на кривично дело – загрозување лица под меѓународна заштита од член 420 од Кривичниот законик. Имајќи предвид дека кривичниот прогон за ова дело е во надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, ОЈО Скопје го достави предметот на надлежно постапување“, се наведува во соопштението од ОЈО ГОКК.
Доказите што ги обезбедило обвинителството укажувале на тоа дека возилата што беа опожарени во понеделникот (15 јуни) ги користеле воениот аташе на Бугарија во Македонија и други вработени во Амбасадата.
„Според обезбедените докази, постои основано сомневање дека осомничениот на 15 јуни 2026 година со опожарување на возила пред Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, кои ги користеле военото аташе на Република Бугарија во Република Северна Македонија и други вработени во Амбасадата, создал значителна опасност за животот и телото на лица под меѓународноправна заштита“, се вели во соопштението од ОЈО ГОКК.
Оттаму додаваат дека поради природата на кривичното дело кое спаѓа во посебна група кривични дела, јавниот обвинител од ОЈО ГОКК до судија на претходна постапка доставил предлог на осомничениот да му биде одредена мерка притвор од 30 дена, наместо досегашната од осум дена по скратена постапка.
За случајот, полицијата уапси 44 годишен скопјанец кој заврши во притвор. Тој на 15 јуни запали возила на бугарската амбасада.