„Живееме меѓу ѓубре, смрдеа и стаорци“: Жители на Маџир Маало бараат итна реакција


 

Жители на Маџир Маало во Општина Центар алармираат за сериозна нехигиена во населбата, иако живеат на само неколку стотини метри од најстрогиот центар на Скопје. Тие бараат итна реакција од Град Скопје и Општина Центар, посочувајќи дека проблемот трае со месеци.

„Живееме во центарот на градот во услови кои не доликуваат на централна градска населба“, велат жителите во реакцијата испратена до Скопје Инфо.

Фотографиите што ги споделија ја покажуваат состојбата на терен. На нив се гледаат преполни контејнери со отпад и предмети оставени надвор од нив, а на друга фотографија е забележан и стаорец во руиниран простор во непосредна близина.

Според жителите, во близина на нивните домови има само два оштетени и превртени контејнери, околу кои постојано се натрупува ѓубре. Дополнителен проблем претставува распаднат објект, за кој велат дека е жариште на стаорци.

„Состојбата не е само естетски проблем, туку и смрдеа и извор на болести. Нехигиената е дел од нашето секојдневие“, предупредуваат тие.

Како најзагрозени ги посочуваат улиците „Охридска“ и „Петричка“, како и улиците над кејот, каде, според нив, со денови останува и кабаст отпад.

Жителите тврдат дека со месеци се обраќаат до надлежните институции, но досега не добиле ниту конкретен одговор ниту решение за проблемот.