Партијата на Села е за отворени листи и за осум изборни единици


Зијадин Села (Фото: Б. Грданоски)

 

Претседателот на Албанската лига, Зијадин Села, денеска во изјава за медиумите истакна дека неговата партија околу Изборниот законик се залага за отворени листи, осум изборни единици и гласање на дијаспората електронски или по пошта на сите изборни циклуси.

„Ставот на Албанската лига е јасен. Сите граѓани бараат отворени листи. Но, за жал имате политички партии кои сакаат да држат контрола врз пратеници, избор на пратеници. Ние го браниме истиот став и сѐ додека не е завршено ги повикуваме сите политички актери за да прифатиме отворени листи и не треба тоа да биде само изјави. Сите политички актери тврдат дека се за отворени листи. Ама денеска сте сведоци кои се тие актери кои не се за отворени листи. Почнувајќи од ВМРО, Влен, ДУИ, како потписници на договорот наводно меѓу овие три политички групации на промените на Изборниот законик“, рече Села. 

Тој рече дека на работната средба за Изборниот законик било постигнат договор за да останат истите сегашни единици, односно шест изборни единици, иако тие се за осум изборни единици. 

„Имајќи предвид дека дијаметрално сме на спротивни страни во врска со темата колку изборни единици треба да има, постигнат е договор за да останат истите изборни единици, иако нашиот став не сега туку и од претходно пред овие избори и години наназад е осум изборни единици. За жал, Влен излезе на избори  со оваа теза за осум изборни единици, но денеска се послушници на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ и тие се за се што ќе клаже ВМРО-ДПМНЕ“, рече Села.

Тој нагласи дека неговата партија се залага за гласање на дијаспората електронски и по пошта на сите изборни циклуси, а не да им се дозволува да гласаат само на одредени избори.

„На овој став се спротивставија СДСМ и Левица, блокираат со амандмани. И ние блокираме со амандмани, за да не продолжи ова. Причината зошто блокираме е различна. СДСМ и Левица блокираат затоа што не сакаат дијаспората да гласа електронски. А ние блокираме затоа што сакаме дијаспората да гласа и за претседателски, за парламентарни и за локални избори. Ние ќе ја блокираме Комисијата и нема да дозволиме да помине овој Изборен законик“, рече Села. (МИА)