Папата веројатно почина од мозочно крварење


Папата Франциско пред празниот плоштад во Ватикан за време на корона вирусот

 

Мозочното крварење е можната причина за смртта на папата Франциско, наместо респираторните проблеми кои произлегуваат од неговата неодамнешна пневмонија опасна по живот, објави италијанската агенција АНСА повикувајќи се на добро информирани извори.

Неговата смрт настапила ненадејно утрово во 7 часот и 35 минути и, како што се наведува, не била директно поврзана со болести на респираторниот систем.

Мозочното крварење е всушност полоша и пофатална варијанта на мозочен удар.

Папата Франциско почина на 88-годишна возраст, соопшти Ватикан.

Светиот Отец, кој е поглавар на Католичката црква од 2013 година, беше избран за папа откако неговиот претходник Бенедикт Шеснаесетти поднесе оставка, со што стана првиот папа што го сторил тоа по речиси 600 години.

Телото на папата Франциско во среда наутро би можело да биде преместено во базиликата Свети Петар за верниците да можат да му оддадат почит, најави портпаролот на Ватикан Матео Бруни.

Првиот состанок на конгрегацијата на кардиналите ќе биде во вторник и тие треба да донесат официјална одлука и да ги објават сите други детали, рече Бруни.

Датумот на погребот на Франциско ќе го одлучат и кардиналите. Обично е четири до шест дена по смртта, а погребот обично се одржува на плоштадот Свети Петар. Франциско, сепак, одлучил да биде погребан во папската базилика Света Марија Маџоре на ридот Есквилин, околу еден километар оддалечен од Колосеумот.