Ова се планинарите од Босна и Херцеговина кои загинаа во Русија
Петмина планинари од Зеница загинаа додека се искачуваа на планината Елбрус во Русија. Според медиумите од БиХ, жртвите биле докторката Мелиха Чаушевиќ, Алма и Денис Окановиќ, Алмир Кривдиќ и Нермин Талам. Двајца членови на експедицијата, Харис Адиловиќ и Кемал Видимлиќ, ја преживеале несреќата.
Босанските медиуми ја објавија и последната изјава на еден од паднатите планинари пред да замине на искачувањето. Заедно со фотографиите од патувањето, тој напишал: „Илјадници километри зад нас, еден врв пред нас и само еден сон“.
Времето одеднаш се влоши
Несреќата се случи откако групата од седум члена тргна кон највисокиот врв во Европа. Временските услови првично беа поволни, но брзо се влошија. Ветерот првично дуваше со брзина од околу 45 километри на час, а до утрото се засили на околу 70 километри на час.
Еден од преживеаните успеа сам да се симне од планината и да повика помош, додека другиот го пронајдоа спасувачите. Двајцата биле однесени во болница, каде што им била укажана лекарска помош.