Откажани концертите на Роџер Вотерс во Полска поради ставот за Украина

Музичарот од „Пинк Флојд“ во писмо до Олена Зеленска напиша дека „екстремните националисти ја втрунале Украина во катастрофалната војна“


 

Планираните концерти во Полска на коосновачот на „Пинк Флојд“, Роџер Вотерс, беа откажани поради бесот околу ставот на музичарот за војната во Украина.

Промоторот на концертот, Live Nation Poland, го потврди откажувањето, но не наведе причина за тоа.

Контроверзноста беше поттикната од отвореното писмо што Вотерс ѝ го напиша на првата дама на Украина, Олена Зеленска. Во него тој рече дека „екстремните националисти“ во Украина „ја поставија вашата земја на патот кон оваа катастрофална војна“.

Тој го обвини нејзиниот сопруг, украинскиот претседател Володимир Зеленски, дека не ги исполнил ветувањата од предизборната кампања за воспоставување мир во регионот на Донбас и не ја спомна одговорноста на Русија за војната.

Како одговор, Зеленска напиша на Твитер дека Русија ја нападна Украина и сега ги уништува нејзините градови и убива цивили. „Роџер Вотерс, вие треба да побарате мир од претседателот на друга земја“, напиша таа.

Отвореното писмо на Вотерс го натера Лукаш Вантуч, градски советник во Краков, да ги повика луѓето да ги бојкотираат концертите.

Градските советници подготвија резолуција за прогласување на Вотерс за персона нон грата, за која треба да се гласа на седница на 28 септември.

„Имајќи го предвид криминалниот напад на Русија врз Украина, како и зголемениот број на воени злосторства извршени од руски војници кои излегуваат на виделина, [советниците] изразуваат огорченост на тезите и изјавите дадени од г-дин Роџер Вотерс во врска со руската инвазија на Украина“, се наведува во резолуцијата.

Вотерс, кој моментално е на турнеја во САД, возврати со друга објава на Фејсбук со наслов „Hey Łukasz Wantuch, Leave them kids alone“, повикувајќи се на стиховите на класиката на „Пинк Флојд“, „Another Brick in the Wall“.

Тој го демантираше претходниот медиумски извештај дека тој или неговото раководство самите ги откажале концертите и го обвини Вантуч за „драконско цензурирање“ на неговата работа.

Запрашан дали откажувањето е поврзано со коментарите на Вотерс, портпаролот на арената „Таурон“ во Краков за Би-Би-Си изјави: „Без коментар“.

Полската влада е верен сојузник на Зеленски. Испрати стотици тенкови и друго вооружување од советската ера во Украина и ја охрабри Европската унија да воведе построги санкции против Русија.

Според Агенцијата за бегалци на Обединетите нации, УНХЦР, близу 1,4 милиони Украинци се регистрирани за привремена заштита во соседна Полска. Стотици илјади бегалци се сместени од страна на Полјаците во нивните домови.