Ослободената заложничка ја опиша „пајажината“ од тунели во Газа и добриот третман од киднаперите

Јохевед Лифшиц изјави дека киднаперите се грижеле за сите нивни потреби и дека кон заложниците се однесувале со „чувствителност“


Ослобедената Јохевед Лифшиц (85) за време на прес-конференцијата во болница во Тел Авив

 

Со нејзиниот глас кој е едвај шепот, ослободена како заложник на Хамас, Јохевед Лифшиц (85), на прес-конференцијата пред болницата „Ичилов“ во Тел Авив опишува како терористичката организација ја однела со мотор од кибуцот Нир Оз во Појасот Газа на 7 октомври во „пајажина“ од тунели.

„Поминав низ пекол што никогаш не ни го замислувавме. Тие дивееја низ кибуцот“, вели таа. Таа ја исмева скапата гранична ограда на Израел, која терористите ја „разнесоа… Тоа воопшто не беше помош… Толпа се собра“ кај кибуцот. Околу 180 од 400-те жители на кибуцот биле убиени или киднапирани, според „Њујорк тајмс“.

„Ме зедоа, со нозете на едната и со главата на другата страна“ на мотоциклот, вели жената во инвалидска количка, а нејзините киднапери „летаа низ полињата“ назад кон Газа. На пат, вели таа, била тепана со стапови, „силно ме повредија и тоа ми го отежнуваше дишењето“.

Милитантите ѝ го извадиле часовникот и накитот, а потоа ја принудиле да оди низ полињата пред да стигне до мрежата на тунели, која таа ја опиша како слична на „пајажина“.

Нејзината ќерка Шерон клечи до неа за да ѝ помогне да се слушне нејзиниот глас, да повтори некои од нејзините забелешки и да ја преведе нејзината исповед на англиски.

Откако била земена во заробеништво, вели Лифшиц, таа поминала низ тунел и пристигнала во голема сала каде што биле собрани околу 25 други заложници. (Се верува дека вкупно 220 заложници се држат во Газа.) „Тие ни рекоа дека веруваат во Куранот и нема да ни наштетат, дека ќе ни ги дадат истите услови како што тие ги имаат во тунелите“, вели таа за нејзините киднапери.

По околу 2-3 часа, таа и уште четворица заложници од кибуцот Нир Оз биле однесени во посебна просторија.

„Дојдоа медицинар и доктор“, вели таа. Биле ставени на душеци. Докторот се враќал на секои два дена, а медицинарот ги подготвувал лековите. „Третманот кон нас беше добар“, вели таа, опишувајќи како лекарот постапил со друг од заложниците кој бил повреден. Таа вели дека нејзините киднапери се погрижиле условите да бидат санитарни. „Тие ги чистеа тоалетите, а не ние“, вели таа. „Тие се плашеа од зараза“.

Запрашана за разговорите со киднаперите, таа вели дека „тие се обиделе“ да разговараат; „Тогаш рековме, нема политика… Ние не им одговоривме [за политика]. Зборуваа за секакви работи. Тие беа многу пријателски расположени кон нас“.

„Тие се грижеа за сите наши потреби; ова мора да се каже за нивна чест“, повторува таа. „Го јадевме она што тие го правеа“, вели таа, опишувајќи оброци со пита, сирења и краставици.

Таа вели дека „недостигот на знаење од страна на ИДФ (безбедносните сили) и Шин бет (тајната служба)“ за тоа што планира Хамас „многу лошо нè повреди. Ние бевме жртвени јарци“. Знаците беа таму пред нападот, вклучително и балони кои летаа над границата за да ги запалат полињата на кибуцот. „И ИДФ, некако, не го сфати тоа сериозно. И одеднаш утрото на Шабат, кога сè беше тивко, имаше многу силно гранатирање на заедниците, и заедно со гранатирањето, толпата упадна, [лесно] проби низ [граничната] ограда… ја отвори портата на кибуцот и навлезе во голема група. Беше многу непријатно, многу тешко. Моето сеќавање постојано ги репродуцира тие слики“.

Ја прашуваат зошто се ракувала, очигледно со еден од нејзините киднапери, кога била префрлена во амбулантно возило на Црвениот крст, и одново повтори дека кон нив се однесувале со „чувствителност“.

Таа рече дека нејзините киднапери јасно се подготвувале долго време за држење заложници, па дури и имале шампон и регенератор за нив.

Сопругот на Лифшиц, Одед (83), останува во заробеништво на Хамас. Канал 12 вели дека Јошевед укажала дека не го знае неговиот статус или состојба.

Нејзината ќерка Шерон вели „прекрасно е“ да се врати нејзината мајка.

„Мајка ми многу се надева дека сите луѓе кои беа со неа ќе се вратат“, додаде Шерон. (Тајмс оф Израел)