Орбан станува безбедносен ризик за Европа


Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја помина изминатата недела дрско тролајќи го Западот – се ракуваше со Владимир Путин, ја спореди ЕУ со угнетувачкиот Советски Сојуз и вети дека ќе ја запре новата транша од помошта за Украина. Сега, разочараниот унгарски лидер ќе се здружи со новоизбраниот про-Путин лидер Роберт Фицо, за дополнително да го навредува блокот за време на собирот на лидерите на ЕУ во четврток во Брисел.

Колективното кревање раменици претходи на ветувањето дека Брисел ќе одмрзне 13 милијарди евра за Унгарија за Будимпешта да спроведе реформи и да се усогласи со стандардите на ЕУ за владеење на правото.

„Словачка е толку лута земја што едвај ќе направи разлика“, рече претставник на ЕУ. „но, Словачка едвај има некаква моќ. Ним им требаат кохезиони фондови и добрата волја на ЕУ, тие навистина не можат да си дозволат да бидат предизвикувачи на проблеми во Брисел. Она што е многу порелевантно за Орбан е губењето на Полска како сојузник за прашањата на владеењето на правото, тие имаа вистинско влијание поради нивната големина“.

Слично на тоа, француски функционер инсистира дека Орбан  на крајот постигнал  согласност за големите одлуки и покрај неговата анти-ЕУ театралност.

„Очигледно е дека сигналот испратен од оваа слика [Орбан и Путин се ракуваат] не е позитивен и не е корисен“, рече претставник на Елисејската палата. „Но, ако направиме чекор назад и погледнеме што направија Европската унија и Унгарија за војната што Русија ја испровоцира во Украина, лесно ќе видиме дека сите одлуки се донесени едногласно, вклучително и за санкциите против Русија и за поддршката на Украина. И ова е она на што треба да инсистираме“.

Сепак, не е толку лесно да се отфрлат способностите на Орбан за блокади. Додека беа договарани санкциите на ЕУ против Русија, Унгарија редовно ги одложуваше мерките со барање отстапки. Слично на тоа, неговиот сегашен јавен пркос кон НАТО и Вашингтон значи дека земјите во Централна и Источна Европа имаат причина се повеќе да се вознемирени. Во приватни разговори, дипломатите од регионот се прашуваат зошто западните сили треба да продолжат да споделуваат чувствителни информации со Унгарија, ако лојалноста на нејзиниот лидер е првенствено кон Русија.

„Да сум на местото на Украина, не би се чувствувал удобно да споделувам какви било планови се додека тој е во просторијата“, рече еден висок дипломат.

Антон Хофрајтер, претседател на Комитетот за прашања на ЕУ на германскиот парламент, од Зелените, беше слично искрен.

„Однесувањето на Виктор Орбан е штетно за Европската унија. Додека унгарскиот премиер постојано ја навредува ЕУ, паралелно кокетира со авторитарните режими единствено со надеж дека ќе привлече нови средства за неговиот систем зафатен од кронизам. Во оваа ситуација, би било фатално да се ослободат замрзнатите средства на унгарската влада“, рече тој. „Мораме да бидеме јасни: во време кога Русија користи хибридни средства за војна и против државите од Европската унија, Виктор Орбан се повеќе станува безбедносен ризик за Европа“.

По прегратката на Орбан со Путин во Кина, амбасадорот на Вашингтон во Будимпешта, Дејвид Пресман, свика собир на амбасадорите на НАТО во Унгарија и рече дека САД и пренеле „легитимни безбедносни грижи“ на Унгарија.„Загрижувачки е што Унгарија одлучи да стапи во контакт со Путин на овој начин“, изјави Пресман за унгарскиот сервис на РСЕ.

Балтичките лидери упатија слична нота, при што естонската премиерка Каја Калас го нарече ракувањето „многу, многу непријатно“, а министерот за надворешни работи на Литванија, Габриелиус Ландсбергис, му порача на ПОЛИТИКО дека Европа мора „да почне да внимава“.

„Молчењето може да се третира како договор, па мислам дека се почнува од таму – имате разговор меѓусебен каде што се согласувате дека ова е прашање“, рече тој. Се очекува некои балтички лидери директно да му ја изразат загриженоста на Орбан на состанокот на лидерите на ЕУ во четврток и петок.

Навистина, претходно оваа година САД санкционираа банка со седиште во Унгарија со руски врски, а американскиот Конгрес размислуваше да санкционира поединечни Унгарци. Во минатото, ЕУ тргна на слична рута, воведувајќи билатерални санкции од 14 земји-членки против Австрија по влегувањето во владата на лидерот на екстремната десница Јерг Хајдер – чекори што некои критичари тврдат дека треба повторно да ги преземе.

„Овој човек [Орбан] не треба да биде прифатен како лидер на земја во ЕУ или НАТО“, напиша  на Твитер Андерс Аслунд. „Исбркајте го него или неговата земја! Ако такви правила не постојат, создадете ги!“

Орбан моментално држи нов пакет буџетска помош од ЕУ за Украина, кој е итно потребен бидејќи земјата разурната од војна се спротивставува на руската офанзива во Авдиивка и се обидува да ја пополни буџетската празнина.Но, на прашањето за изгледите за преземање поостри мерки против Унгарија, дипломатите од неколку западноевропски земји рекоа дека ниту една не е на повидок. Еден дипломат  рече дека „нема веродостојни индикации од страната на безбедносните служби дека постои ризик – на овој фронт“, мислејќи на руските контакти на Унгарија.

Навистина, додека војната меѓу Израел и Хамас доминира во меѓународните наслови и лидерите се борат да покажат обединетост за конфликтот, дипломатите тврдат дека Унгарија е секундарна грижа, посочувајќи дека Орбан досега го потпишал секој пакет помош за Украина, како и санкциите против Русија.Дополнително, тие тврдат дека тој сега е поизолиран од кога било откако неговиот поранешен сојузник, десничарскиот полски премиер Матеуш Моравјецки, беше поразен на парламентарните избори претходно овој месец.

Што се однесува до Фицо, словачкиот лидер кој вети дека нема да испрати „ниту една тура муниција“ во Украина,  не претставува голем ризик за ЕУ. Еден дипломат од ЕУ истакна и дека досега го слушнале Фицо само како кандидат на изборите, а се уште не како член на Европскиот совет. „Понекогаш тоа е поинаку“, се пошегува дипломатот.

Не само што Словачка, земја со 5 милиони жители, е премногу мала за да има сериозно влијание врз креирањето на политиките на ЕУ, контролата на нејзиниот лидер на власта е многу покревка од задушувањето на Орбан во Унгарија.

„Подобро е да го ангажираме Фицо отколку да го отфрлиме, што го турка во аголот. И тој ќе го најде Орбан во тој агол“, рече Владимир Вано, економист од ГЛОБСЕК.

Претходно овој месец, POLITICO објави дека Европската комисија ќе одмрзне 13 милијарди евра од фондовите на ЕУ со цел да ја добие поддршката од Будимпешта за ослободување на средствата за Украина што Унгарија ги задржуваше. Додека официјален претставник на ЕУ директно вклучен во одлуката забележа дека сè уште има „проблеми“ со владеењето на правото во Унгарија, лицето на кое му беше дадена анонимност да зборува искрено рече дека ослободувањето на средствата е „политичка одлука“ на лидерите. (Политико)