Општина Аеродром повторно даде тендер на „Пирамид Билдинг“


Општина Аеродром повторно даде тендер на „Пирамид Билдинг“, ќе реконструира четири плочници за 50 милиони денари, тврди СДСМ во соопштението денес. 

„Вкупно 50 милиони денари Општина Аеродром ќе потроши на реконструкција на речиси неоштетените плочници во Три Бисери, трговскиот центар во населба Лисиче и во Ново Лисиче со вкупна површина од нецели 11.000 метри квадратни.Секако во договорот за јавна набавка повторно се наоѓа омилената фирма на ВМРО- ОКГ, Пирамид Билдинг Солушнс, како дел од група понудувачи.

На потегот од зграда 61 до 89 на бул. Видео Смилевски Бато со вкупна површина од 1050 метри квадратни се вадат здрави и неоштетени плочки и се менуваат со нови со значително послаб квалитет. Идентична е состојбата и со плочниците кај Три Бисери со површина од околу 4.000 метри квадратни  и кај трговскиот центар во населба Лисиче со површина од околу 5.500 метри квадратни . Дополнително, неодамна реконструираниот плочник кај кулите со бр. 68, 70 и 72 на булевар АСНОМ е со целосно нефункционална дренажа на атмосферските води.Буквално по секој посилен дожд се формираат езера по целата површина на овој плочник.

Јавно го прашуваме градоначалникот Дејан Митески, по кој критериум се утврдува кои плочници се за реконструкција, а кои не? Каде завршуваат здравите плочки кои се вадат од неоштетените делови на овие пешачки површини? Кој ќе понесе одговорност за ваквото расипничко трошење на народните пари? Јавните пешачки површини речиси пред голем дел од зградите на булеварите Јане Сандански и АСНОМ се во очајна состојба и нивната реконструкција мора да биде приоритет. Го повикуваме градоначалникот Дејан Митески и ВМРО-ОКГ во Аеродром да престанат недомаќински да ги трошат парите на нашите сограѓани“, побараа од СДСМ.