Оливер Андонов прави фракција во ВМРО-ДПМНЕ зашто Мицкоски бил потрошен


Фото: Б. Грданоски

 

Со неколку луѓе зад себе, Оливер Андонов, човекот кој беше министер за внатрешни работи еден ден, во име на новоформираната фракција го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да поднесе оставка. Од пред партиската зграда Андонов рече: „Денешната прес-конференција е со единствена тема јавен и отворен повик до Христијан Мицкоски да си даде оставка од функцијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ и да гo отвори со тоа патот да се извршат сите демократски промени и партијата која во деведесетите години беше симбол на македонската демократија повторно дa се врати на пиедесталот“.

Причината зошто треба да даде оставка Андонов ја наведе во фактот дека Мицкоски бил политички целосно потрошен.

„Мицкоски е потрошен политички затоа што ако тргнеме наназад пет години кажете ми една работа во која тој направи нешто со што ВМРО-ДПМНЕ може да се гордее дека учествувало во некој процес или дека одбранило некој национален интерес на Македонија“.

Наводно, фракцијата имала многу поддржувачи, не сакале да излегуваат во јавноста бидејќи ќе биле малтретирани од Мицкоски.

Тој отфрли поврзаност со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, велејќи дека не ја ни познава. Андонов додаде дека оваа фракција не била „мериот коалиција“ туку реакција на членството.

ВМРО-ДПМНЕ во својата реакција го нарече нејзиниот член, Оливер Андонов, „лик од темниот полусвет на макледонската политика“. Според партијата, „иницијативата на Андонов е толку безнадежна и безначајна што не вреди посебен коментар. Му посакуваме среќа и немаме што друго да додадеме“.