Охриѓани гневни поради исечените 60 дрвја


Сечата на повеќе од 60-тина дрвја на улицата Македонски Просветители ја “зовре” охридската јавност.

Екологисти и граѓански активисти изреволтирани денеска излегоа на протест пред општинската зграда со цел како што велат да го освестат градоначалникот да ја запре штетата која се предизвикува со масакрот на дрвјата во центарот на Охрид. 

Од Општината пак велат дека дрвјата 49те  липи и 13те костени биле со надмината физиолошка и биолошка возраст, нападнати од карантински болести и штетници со значителни физички оштетувања.

„Овие стебла се наоѓаат на потегот од пресекот со Кеј ‘Македонија’ до пресекот со ул. ‘Даме Груев’ и ќе бидат отстранети при изведување на првата фаза од реконструкцијата на булeварот ‘Македонски Просветители’.

На потегот се наоѓаат и 10 млади стебла од јавор кои ќе бидат пресадени на друга локација, а по завршување на градежните активности, согласно предвидениот проект ќе биде засаден нов дрворед со соодветни садници, велат од општината Охрид.

Граѓанските активисти го потсетуваат градоначалникот Пецаков на ветувањето од предизборната програма дека за секое исечено дрво ќе се посадат пет нови. Според ова, на улицата ‘Македонски просветители’ би требале да се посадат нови 380 садници.

Тоа би била новата зелена оаза во градот велат активистите.Тие бараат и јавно  да се соопштат имињата на експертите кои извршиле дијагноза на заболувањата на дрвјата на улицата.