Официјално е објавено формирање на Супер лигата, УЕФА се закани со санкции


Организаторите на Супер лигата најавија официјално формирање на новиот турнир. Во Супер лигата ќе се натпреваруваат: Арсенал, Челзи, Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Тотенхем, Реал Мадрид, Барселона, Атлетико Мадрид, Милан, Интер и Јувентус. Уште осум клуба треба да им се придружат подоцна.

За претседател на Супер лигата е избран првиот човек на Реал Мадрид, Флорентино Перез, потпретседатели на турнирот се претседателот на Јувентус, Андреа Ањели и сопственикот на Манчестер јунајтед Џоел Глејзер.

Форматот е од две групи од по 10 екипи. Екипите ќе играат 18-23 натпревари во текот на сезоната. Натпреварите ќе се играат во средината на неделата. Новиот турнир се очекува да започне во август 2021 година.

Секој клуб кога ќе се приклучи на Супер лигата ќе добие 350 милиони евра.

УЕФА се закани дека ќе ги дисквалификува овие клубови од европските натпреварувања.

Европската фудбалска федерација вчера попладнето издаде соопштение во врска со новата најава за претстојното лансирање на Супер лигата.

Изјавата беше поддржана од Фудбалскиот сојуз на Англија (ФА), Премиер лигата, Кралската шпанска фудбалска федерација (РФЕФ), Ла Лига, Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ) и Серија А.

– Дознавме дека неколку англиски, шпански и италијански клубови можеби планираат да најават создавање на затворена т.н. Супер лига. Доколку се случи ова, сакаме да повториме дека ние – УЕФА, ФА, РФЕФ, ФИГЦ, Премиерлигата, Ла Лига, Серија А, како и ФИФА и сите наши здруженија членки – ќе бидеме обединети во нашите напори да го спречиме овој циничен проект заснован на личните интереси на повеќе клубови во време кога на општеството му треба солидарност повеќе од кога било. Ќе ги разгледаме сите мерки што ни се достапни на сите нивоа – и судски и спортски – за да не се случи ова, соопшти УЕФА.

Како што претходно изјавија УЕФА и шесте федерации, на засегнатите клубови ќе им биде забрането да играат во кое било друго натпреварување на национално, европско или глобално ниво, а на нивните играчи може да им биде ускратена можноста да ги претставуваат своите репрезентации.

– Им благодариме на клубовите во другите земји, особено на француските и германските клубови кои одбија да учествуваат во ова. Ги повикуваме сите навивачи да ни се придружат во борбата против овој проект доколку биде објавен, апелираат во заедничката изјава УЕФА, национални федерации и асоцијации.